„WOMAN – World Organisation for Macedonian Awareness & Networking“ и нашата сограѓанка од Австралија, Марина Христов во Македонија имаат голем број на донации, последната беше за Хуманитарната Организација „Утешител“ од Битола. Па така ние во оваа прилика сакаме да ја искористиме посетата на Марина на Битола и Македонија за на кратко да поразговараме со неа.

Дали би можеле да ни кажете нешто повеќе за вас?

Родена сум во Битола. На 14 годишна возраст, јас и моето семејство се преселивме во Австралија. Кога наполнив 17 години “им најавив” на моите родители дека тој континент не ги исполнува моите соништа, па решив да се преселам во Франција. После неколку месеци во Париз и сплет на околности ми се отвори видикот за изучување на Источната Медицина. Се вратив назад во Австралија, завршив два факултета ( Традиционална Кинеска Медицина – Акупунктура и Хербална медицина и фармакологија). После тоа отидов да работам и живеам во Кина, една година. По моето враќање, го направив првиот скромен, но премногу значаен чекор отворајќи свој клинички центар кој започна со работа само со една мала канцеларија во центарот на Мелбурн.

Покрај вашите активности во WOMAN, вие имате и успешен бизнис во Австралија?

•Имам огромна среќа последните 20-тина години да го работам тоа што најмногу го сакам. Човековото тело го гледам како најсофистицираната микро креација која во себе ги крие тајните на универзумот. За да се допре до коренот на една болест, треба да се разбери динамиката и комплексноста на секој организам. Тоа значи дека треба да се разбери поврзаноста помеѓу сите нивоа и истата да се насочи во правец на здравје и хармонија. “Приказната” на секој пациент е уникатна и тоа за мене секогаш претставува предизвик. Но сепак, универзалните потреби на секој поединец се воглавно, исти. Симптомите секогаш претставуваат “аларм” преку кои телото ни предочува дека се движиме во погрешна насока и е сигнал дека треба нешто да промениме. Мојата задача е да му помогнам на пациентот да ја разбери пораката на својата болест и како истата, да ја искорени.

Која е филозофијата на „The House of Life“ ?

• Куќата на Животот е место кое нѐ поттикнува да се самоспознаеме и да сфатиме дека здравјето не е само отсуство/ немање на симптоми, туку е состојба на виталност и висока ментална, емотивна и духовна енергија, која ако е во хармонија ни овозможува да го достигнеме нашиот вистински потенцијал.

Дали во вашиот тим имате вклучено и други наши сограѓани ?

• Најискрено, секогаш барам талент од Македонија! Не можам да им одолеам, на сродните души, особено ако се од Битола! Во моментот имам блиска соработка со прекрасeн графички дизајнер, Ангела Христова од Eyecon Мedia и една работилница во Охрид. План ми е да инвестирам во еден еколошки проект каде што и поголем дел од билните растенија кои се во моите формули, ќе се произведуваат во Македонија. Работиме на тоа…

Би сакале ли еден ден, вашите производи да се продаваат во Македонија ?

• Тоа би претставувало не само големо задоволство, туку и огромна чест…За мене. Производите се креирани со цел да му помогнат на човекот да го победи стресот, а истовремено и да го прочисти, ревитализира и реминерализира организмот, што во денешната животна трка се наметнува како основен императив, пред секој од нас, без исклучок.

Што можеме да очекуваме ново од вас, вашиот бизнис и вашата организација ?

• Mоментално подготвувам програма наменетета за ученици (од 14 до 18 годишна воздраст) чијашто основна цел е, оспособување, преку низа целисходни техники поддржани од филозофијата на Источната медицина, да научат како да се справат со анкциозноста и стресот.

• Мојата нова колекција на продукти Sol for the Soul официјално ќе биде промовирана на Австралискиот пазар.

• Подготовките за следниот хуманитарен проект се во тек. Средствата и донациите ќе бидат приложени за обнова на женскиот манастир Св. Богородица Пречиста во Кичево.

• Неодамна креирав “WOMAN” online directory, каде што жените со македонско потекло во Австралија ќе можат да ги промовираат своите идеи и брендови..

Се надевам дека ќе ни се приклучат и многу други жени од бизнис секторот, од Македонија и дијаспората, со кои ќе можеме да развиеме плодна соработка, за општо добро…

Ви благодариме и Ви посакуваме уште поголеми успеси!

Линк за контакт http://www.houseoflife.com.au/

Фејбук страни House of life, WOMAN-charity

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here