Денес на натпреварот под ,,Тумбе Кафе” екипата на ФК Пелистер доживеа уште еден дебакл и висок пораз од екипата на ФК Брегалница со резултат 0-3, на полувреме (0-1)

Брегалница под водство на битолчанецот Марјан Секуловски за време на целиот натпревар го надигра Пелистер и му зададе уште еден од низата катастрофални порази од кои Пелистер се наоѓа на дното од табелата со само 4 освоени бодови во 11 натпревари.

Имено ФК Пелистер доби нов сопственик откако поранешниот сопственик Пеце Стојчевски – Дрвото и официјално ги предаде документите на компанијата “Спорт Бит”. Како нов претседател на битолчани е поставен Пеце Коруновски, кој во последните години ја имаше функцијата на спортски директор на клубот.

Информации за компанијата Спорт Бит колку и да пребарувате нема ништо да најдете. Според информациите кои ги нуди УЈП се работи за Друштво за спортски дејности Спорт Бит ДООЕЛ Друштво за ограничена одговорност на едно лице со влог од 5000 евра со адреса е на ул. Абдул Керим Паша бр. 1Б во Битола во близина на паркот кај ОУ Стив Наумов. Регистрирана на само едно лице, од толку многу битолски гиганти или големата и моќна групација која се кажува во сенка.

За жал предизборната најава за „реанимација“ на ФК Пелистер завршува со клиничка смрт на дното на табелата.