Ѓенимале, Гинимале, Енимале, Јенимале, Ени махала, Ени махле, Ново маало, Јени маало, Гени маале (1)!
Реславјанизацијата на Битола, која започнала во одредени услови во XVI век (2), продолжила во XVIII век, за да кулминира во почетокот на XIX век, при мошне поволни прилики за населението, односно на новонаселените во градот. Така, во источниот дел на Битола, на периферијата, се оформила населба од придојдено славјанско население од битолските, прилепските и леринските села, но и од други места. Населбата била наречена од турската власт Јенни махалй, што во превод значи Ново маало. Битолчани со тек на време најчесто населбата ја именуваат како Генимале или Гинимале, но и Јенимало или Енимале. За оваа населба постојат некои записи. Така Јефто Дедијер пишува: „Во југоисточниот дел на градот, особено спрема црквата Св. Недела, живеат бавчанции. Сместени се во Новото Маало („Јени Махала“). Тие ги обработуваат нивите кои ги полеваат со вода од Драгорот. Таквите бавчанции ќе да ги има преку 3.000 души. Една третина од нив се старо население, додека две третини се ново население кое пред 10-15 години се доселило од Битолската околина поради зулумот“(3).
Дел од градскиот план на Битола од периодот на османлиското владеење со назнаки на француски јазик каде е одбележана месноста Јени Махаале без означување улици. Всушност такви не се одбележани, туку блокови со посебни броеви, рекаша Драгор, Ат пазар, Сењакот, Грчкото училиште. Друг податок ни дава Н. Г. Еничерев, кој ја беше посетил Битола и кој смета дека оваа населба броела околу 500 куќи(4).
Потребите од занаетчиска стока за населението и војската, но и земјоделски производи и зеленчук, ги мотивирало жителите на Ѓенимале да ги усовршуваат своите познавања во дадената дејност. Така тие и економски зајакнувале. Во врска со тоа Јован Хаџи Васиљевиќ пишува: „По самата природа на кујната (грчко-турска), во Битола многу се троши зарзават, зеленчук кој се добива од прочуените градски бавчи…“(5) . Споменатиот зарзават најмногу го произведувале жителите на Ѓенимале. Меѓутоа, меѓу генималци имало и добри занаетчии (колари, казанции, терзии, бербери и др.) Така, новонаселените, оформувајќи ја оваа населба како дел од Битола, ја означиле како нешто посебно не само по име, туку и по мошне важните акции кои се вклопувале со времето на народната преродба. Имено, новонаселените, дојдени од селата, со себе ги носеле и оние особини кои своевремено првиот руски конзул во Битола, Хитрово, го забележал и за кои запишал: „Народните слоеви насекаде ги сочувале славјанската традиција, јазик и обичаи. Во селската средина населението насекаде се среќава скоро во првобитната чистота и она што лежи во темелот на сето славјанство… општославјанските стари преданија, и славјанското гостопримство, и славјанската облека, и славјанското оро“(6). За разлика од нив, малкумината збогатени битолчани се срамеле од своето потекло па во нивните
домови, наместо мајчиниот славјански, се употребувал претежно грчкиот, влашкиот, германскиот, односно францускиот јазик. Без оглед што во градот христијанското население било мнозинство, верски единствено, сето било под ведомство на грчката Патријаршија и пред турската власт именувано како рум Милет, односно грчко население, а во црквата богослужбата и воопшто сите верски обреди биле на грчки јазик. Новодојдените не се помириле со таквата состојба па покренале иницијатива да направат своја црква, која иницијатива, со мошне големи напори ја реализираа со изградбата на Св. Недела во 1863 год.(7) . Напоредно со црквата, било отворено и училиште на народен мајчин јазик во просторот на некогашниот Пипер ан (8) . За тие настани еден од првите ученици, по име Стефо Мицев од Ѓенимале, раскажува: „Штом ќе влезеше учителот, сите станувавме простум и се крстевме со молитвата Во имја отца и сина итн. (9) . Започнатата борба на битолското граѓанство за еманципација од патријаршиската доминација во црковно- училишниот домен продолжила(10). Во таа насока жителите на Ѓенимале биле мошне активни, дури предничеле. Имено, тие биле иницијатори за изградба на нова црква. Во станот на Ристе Светија, собраните Димко Дарков, Ѓорѓи Песнација, Димко Чоколовски, Веле Дарков донесле решение да градат нова црква во нивниот кварт, односно во Генимале. За својата замисла го информирале лекарот, д-р Константин Мишајков кој не само што се согласил, туку и ги поттикнал. Меѓутоа им сугерирал, со што тие и се согласиле, местото на новата црква да не биде во Ѓенимале, туку на празниот простор од некогашниот Пипер aн. Идејата постепено се реализирала. Биле собирани доброволни прилози, некои се нагажирале со доброволна работа, така што, и без дозвола на власта, црквата била изградена. Посебен вид собирање на доброволната помош бил и црковно-народниот обичај со таканареченото „пуштање на дискот“.
За обичајот пуштање на дискот
Овој обичај бил практикуван од дамнешни времиња и прибраните средства секогаш биле наменети за хуманитарни цели, или општо народни потреби. Обичајот се состоел во тоа што на Водици (Богојавление), по фрлањето на крстот во базенот вир во Св. Недела, домаќинот за таа година на насобраниот свет му делел мали парчиња од погачата во која било ставено мало сребрено крстче. Кај кого ќе се најдело тоа
крстче, претстојната година тој станувал домаќин на црквата Св. Недела, кое нешто мнозина и го посакувале зашто тоа се сметало за среќа во семејството, дуќанот. Откако ќе завршел чинот со крстчето, „се пуштал дискот“ во кого присутните фрлале доброволно, кој колку сака и може,
пари кои не биле за потценувањеll.
Градителите на црквата имале доста проблеми со власта која би-
ла потстрекувана од месниот грчки митрополит, огорчен противник на одвојувањето на славјанскиот елемент — паствата, од грчката црквена и училишна доминација. Таквото осамостојување достигнало кулминација на 5 мај 1869 година кога православното население, кое не го прифаќало елинизмот решило да се отцепи од грчката патријаршиска општина и да формира своја, посебна. Така сплотени битолчани, првенствено генималци, на своето основачко собрание во записникот,
покрај општите прокламации за самостојност и поставените барања од грчката патријаршиска општина, ги ставиле своите потписи 12 највидни граѓани – првенци кои претставувале и раководно тело на Општината, а во поткрепа стоеле и вкупно 231 потпис и печатите на 11 битолски еснафи (воденичарски, калајџиски, јогуртчиски и др.) и печати на селата Кукуречани, Секирани, Долно Оризари и Лопатица. Извесно време секретар на битолската општина бил учителот учебникар Димитар Македонски од селото Емборе.
Следната 1870 година црквата официјално била осветена со име-
то на Св. Богородица. Во неа бил поставен иконостас од длаборез за
чија отплата, пак, по традиционалниот начин се собирале добротворни средства. Во врска со тоа еден анонимен дарител забележал: „Тие пари
ги давам за иконостасот и иконите. Доколку не стигнат, ќе барате од мене и други. Тоа ќе го направите вака – ќе напишете на кутијата „Уште треба“(12).
Во новонастанатите прилики жителите на Генимале, како тврдо
национално ткиво, брзо се вклопиле во ТМОРО. Всушност, Генимале, со своите жители мажи, жени, стари, млади, претставува еден бастион на Организацијата во Битола. Не постоел човек а да не бил „покрстен“, т.е. посветен во тајните на МРО. Сепак, некои од нив се одвојувале со својата активност и со заземање раководни места во Комитетот. Еден од нив бил Анастас Лозанчев, но секако и Павел Христов. Нивните куќи биле места на редовни состаноци или прибежишта на илегални
револуционери од Организацијата. Во таа насока ќе го одбележиме и
советувањето одржано во пролетта 1899 година, во куќата на Анастас Лозанчев под претседателство на Даме Груев. На тоа советување, покрај другото, било дискутирано за вооружување на реоните, а била избрана и шифра за преписка. Шифрата била со грчки букви, а била ставена терминологија на градови и села. Оваа шифра била користена од 1899 – 1903 год.(13).
За таквите престојувања во Генимале, во своите спомени Ѓорѓи поп Христов го забележал и следново: Со провалата на Јосиф од Жабјани ,, …само јас не се спасив. Ме фатија токму на пат кога се префрлував од еден во друг квартал, за да се сокријам. Успеав да се извлечам од централното училиште, кое беше блокирано и одев за Ени махала. По пат бев посочен од еден шпион, кој што бил сокриен во аптеката на д-р
Нале од Ени Махале. Полицијата ме знаела кој сум и каков сум, само
по име ме знаела. Ме фатија и веднаж ме однесоја во полициската станица за иследување. И други ме беа предале… Се разбира се откажував
и ги отфрлав нивните изјави, но во една таква состојба кој може да ти
верува дека си прав? Во истрагата ми наведоа еден куриозетен пример: Банам бак, Ѓорѓи ефенди, емен ти го правиш како еден арамија што го крадел еден петел и го скрил под палто, по сокак оди сербез ама опашката на петелот се гледа, и не само тоа, ами и запеал. Тогаш го фатиле арамијата. Така и твојата работа: сите велат за тебе, а ти инкер правиш… Делото се разлгеда по осум месеци. Ме осудија на смрт… Благодарение на февруарските реформи (1903 год.)… бевме амнестирани… сите политички затвореници“. Исто така, за една ненадејна посета на турската полиција во Генимале, односно во куќата во која се беа илегално сместиле Христо Узунов и Ѓорѓи поп Христов, последниот соопштува: „Турците знаеја
дека во градот има илегалци и затоа често правеле претреси – посебно во кварталот Ени махала, кој бил најмногу сомничен. Се преместувавме од една во друга куќа. Бевме неспокојни. Еднаш, со Узунов, токму бевме седнале да вечераме, полицијата дојде пред нашата порта. Благодарение на вратничките со соседите, се
спасивме. Во Ени махала куќите се поврани со таканаречените – комшу капусу — вратнички. Покојниот Узунов беше голем љубител на лути пиперки. Токму такви бевме подготвиле за вечера, но требаше да се бега пред полицијата. Узунов ми вели: — Што сака нека биде јас пиперките
не ги оставам. — – Ја зеде пајнцата под расо, нели беше поп и заедно со се неа се префрли во друга куќа каде вечеравме. Каде и да одевме се за поп го сметаа, затоа што не го познаваа, а и јас за таков го претставував. Колку бабички му целиваа рака… Узунов беше мошне преставителен, со брада, висок и полничок, но беше и комичар… Постојано ќе го видиш со молив в раце. Воопшто не го мрзеше да пишува. Секогаш беше весел и чесо кажуваше весели шеги. Непријатните новини секогаш ги
пресретнуваше ладнокрвнo14
Генималската сигурност за ТМОРО ја бележи и Христо Силјанов: „Првостепена тврдина на Организацијата до Илинден остана Битола, но и за и по Востанието. Голем град, расположен во самото подножие на Пелистер и опколен од кон полето со просторни зеленчукови градини и бостани, т.н. бафчи, Битола претставуваше ретко сигурно место за влегување и излегување… Жителите, занаетчии, на тие периферни маала се добри работници, беа скоро до еден луѓе заколнети на
Комитетот. Ако еднаш комитскиот човек стигнеше до лавиринтот на
тесните улици од Баир мале и Јени мале, Комитaмахалеси, како што
Турците го нарекуваа тоа маало, потонуваше безследно во малите гостоприемни куќи снабдени, божем, нарочно со задни вратнички. Од честото блокирање на маалата, едновремено и претрес на куќите, луѓето
беа придобиле голема вештина во надмудрување на полицијата. На даден тревожен знак, сите со се жени и деца, се креваа на нозе така што илегалците можеа да располагаат со скришни излези се додела се доберат до сигурните веќе претресени квартали… (Битола б.м.) во време набурните дни на Востанието, беше таа да одговори… да ги користи порачките на блиските востанати реони, да пресретнува и испраќа курири, да го држи Штабот во врска со Солун и со странство. И после демобилизацијата, пак таа го осигури постојаното или временото престојување на револуционерните првенци, кои само во Битола можеа да решаваат соодветно на положбата и да даваат, под носот на Хилми
паша, директиви на реонските началства“(15).
Гостопримството на генималци
За гостопримството на генималци пишува и Анастас Лозанчев кога укажува дека во нивната куќа, покрај бројни средби, престои на илегалци, бил уредуван илегалниот хектографиран весник на МРО, „На оружје“. Од илегалците ги споменува Михаил Герџиков, Гоце Делчев, Стојан Донски и др. „Мојата куќа – пишува Лозанчев беше отворена за секој нејзин (на Организацијата б.м.) активист, за секој работник. Кај мене имаше широк и срдечен прием за сите. Мајка ми, Анча, беше мајка на сите… Гоце… придружуван од мајка ми со мојот едногодишен син Цветанчо в раце, со еден негов пријател, исто вооружен одеше кон затворот… Гоце се сретна со Дамета и по долг разговор по истиот пат се вративме назад, во мојата куќа. Со Даме се сретна уште еднаш и по четири дневен престој кај мене замина од Битола кон Леринско и Костурско“(16). За тоа дека Генимале им пружило сигурност на револуционерите забележал и Ѓорѓи Поп Христов, кој заедно со Лозанчев по ликвидирање на сметките на Окружниот Револуционерен комитет и потребата да се организира испраќање на оружје и материјали по Конгресот во Смилево за разлика од другите делегати кои мирно и тивко си заминаа по своите реони тие двајца ,…обратно по канал се вративме во Битола и се сокривме во „Ени Махала“17.
… продолжува
1. Населбата официјално турската власт ја именувала Jenni mahalé, што во превод значи Ново
маало, но кај месното население, па и кај повеќе автори, различно се изговорува и пишува.
Во македонскиот стандарден јазик, исто, е прифатено да се пишува Јени маало, меѓутоа, сметајќи дека правилно би било да се пишува онака како што месното население го изговорува, во текстов го пишуваме како Ѓенимале (со тенденција кон изговор и Ѓинимале), додека во цитираните делови пишувано е онака како авторот го споменува. Исто така зборот не го делиме на два дела зашто вака изговорен првиот дел Гени не значи ништо (доаѓа од
Јени = ново) додека со Ѓенимале веќе е означено името на населбата. Јени махала се споменува во турските документи мошне рано, и тоа во врска со пописот од 1528/9 год. како едно од битолските маала под името Кемал бег, но и како Јени махала со 17 семејства, но сместено е во муслиманските, а не во христијанските населби, и вторпат во 1638 год. во врска со една купопродажба на имот во споменатото Јени махале (Види: Методија Соколовски, Турски изворни податоци од XV и XVI век за град Битола, Гласник на ИНИ
VII/1, стр. 141, Скопје, 1963; Историски архив Битола, Регести на битолските кадиски
сицили: Берат 1638, Регест 42, лист ІІ, Договор (1638 почеток мај) = 1047 во Битола.
2. Поопширно види: Ѓорѓи Димовски-Цолев, XVII век почеток на реславјанизација на Битола
Зборник: Битола низ вековите, V, стр. 9, Битола, 2002 год.
3. Д-р Јефто Дедијер, Нова Србија, Београд, 1913 год. стр. 194/.
4. Никола Ганчевъ Еничеревъ, Възпоминания и бѣлѣшки, София, 1906 год., стр. 368.
5. Јован Хаџи Василевић, Град Битољ, Београд, 1911 год., стр. 27.
6. И. Г. Сеневич, Новые материалы по истории южных савян (из рукописнаго наследства М. А.
Хитрово), Славянски архив, Москва, 1963 год., стр. 244.
7. Поопширно види: Ѓорѓи Дмовски-Цолев, Стремежите и борбата на битолското граѓанство за еманципација од патријаршиската доминација во црковно училишниот домен, Зборник: Школството, просветата и културата во Македонија во времето на преродбата, МАНУ,
Скопје, 1979 год. стр. 399-422.
8. Во месноста од некогашниот Пипер aн, кој бил откупен со доброволни прилози од битолчани
меѓу кои предничеле д-р Константин Мишајков, браќата Робеви, Димко Радев, Иван
Алтипармак, Димче Бучуков, Димко Отцев, браќата Кокинчевци, Никола – старешина на берберите, Аце – старешина на казанџискиот еснаф и многуте други од Генимале. Било изградено поголемо централно училиште, денешното „Св. Кирил и Методиј“.
9. Стефо Мицев подоцна и самиот бил учител во селата Карамани, Оризари и на Баирот познат како Стефо Даскало. По стапување во брак, се повлекол од таа дејност и станал бакал. Черковно училищенъ въпросъ въ Битоля, Пелистерско ехо, 1942, бр. 35, стр. 2 и 4.. Тој е подалечен предок на семејството Мицевски кое ги дало следниве просветни работници:
Томе Мицевски, наставник по математика; Александар Стефановски, учител и Димче
Стефановски, професор на Педагошката академија – Битола.
10. Поопширно види: Г. Д.-Цолев, цитираната статија под фуснота 7.
11. Според кажување на Милица Димко Николова, моминско презиме Талева; За истото види:
Пелистерско ехо, 1942 год. бр. 5, стр. 3; Г.Д.-Цолев, цитираната статија, стр. 416, фусн. 85.
12. Прота Симеон Ацевски, По повод 100 годишнината на црквата Св. Богородица во Битола
(1870—1970) I продолжение, Весник службен лист на македонската православна црква,
Скопје XIV/5, стр. 190.
13. Димитар Димески, Македонското национално-ослободително движење во Битолскиот вилает
(1893-1903), Скопје, 1981, стр. 286.
14. Георги поп Христов, Революционите борби в Битолския окръг, София, 1953 год., стр. 42, 43 и
104.
15. Христо Силяновъ, Освободителнитѣ борби на Македония, томъ П, София, 1943, стр. 18.
16. Анастас Лозанчев, Илинденското востание, Скопје, 1003 год. стр. 28.
17. Конгресътъ за Възстанието въ с. Смилево, Пелистерско ехо, 1942, бр. 31, стр. 3.
Ѓорги Димовски Цолев „Битола низ вековите 7“