На фото-конкурсот на тема ЉУБОВ ВО ВРЕМЕ НА КОРОНА кој годинава траеше од 27.07 до 10.08.2020 четириесет фотографи ни испратија околу 100 фотографии. Стручното жири во состав: Петар Тасевски, Кети Талевска и Далибор Митковки, имаше тешка задача од пристигнатите фотографии да селектира само 25 кои станаа дел од изложбата СО ЉУБОВ ОД БИТОЛА 2020.Во овие 25 фотографии се наоѓаат и трите фотографии кои годинава ги освоија наградите. Третата награда ја освои Јован Стојковски за неговата фотографија „Временски патници од новото време”.Втората награда му припадна на Александар Буневски за фотографијата „Љубов во време на короната“ , која на уникатен начин го спојува појавувањето на кометата НЕОВАЈС со ова поинакво лето.Првото место му припадна на Ангела Митковска за фотографијата „Љубовта и музиката на Широк Сокак во борба против Covid19“ , која е симбол на победата над предизвиците со кои се соочуваме секојдневно.Во рамките на протоколарниот дел кој му претходеше на отварањето на изложбата и беше организиран според сите стандарди и протоколи за организирање на настани од областа на културата, присутни беа 60-тина гости меѓу кои беа 23-те фотографи чии фотографии се дел од изложбата.Свое обраќање имаа Диоген Хаџи-Коста Милевски претседател на здружението на граѓани Центар за европски развој и интеграција кој е организатор на изложбата во партнерство со НУ Центар за култура Битола и Министерството за култура. Тој се осврна на предизвиците со кои се соочиле но, и изворите на мотивација за реализација на изложбата која е простор за промоција на младите фотографи и сведоштво за животот во Битола последнава деценија.Пред присутните се обрати и Далибор Митковски како претставник на жирито и ги запозна присутните со процесот на жирирање и начинот на кој беа селектирани и избрани победниците на овогодинешното издание на изложбата.Со неколку збора на присутните во име на овогодинешниот генерален спонзор на изложбата Сава пенсизко друштво А.Д. Скопје им се обрати и Васко Богдановски кој ја истакна заложбата на компанијата за унапредување на автентичната култура и мултикултурните вредности на нашето општество.Со објаснувањето на начинот на кој годинешниот конкурс за изложбата за тема ја доби ЉУБОВТА ВО ВРЕМЕ НА КОРОНА и доделувањето на дипломите на наградените изложбата за отворена ја прогласи директорката на НУ Центар за култура Битола- Маја Андоновска Илијевски.Изложбата ќе биде отворена до 01.09.2020 секој ден од 10:00 до 22:00 часот, освен во недела и на државните празници.Повелете и погледнете ја приказната за ЉУБОВТА ВО ВРЕМЕ НА КОРОНА раскажана низ 25 фотографии на изложбата СО ЉУБОВ ОД БИТОЛА 2020.