Битолско минато
Со ПЕТ(ар) во ПЕТ(ок)
Петар Ставрев
Специјално за Бабам Битола
М-Р Мито Пејовски спаѓа меѓу најзаслужните и најпознати граѓани на Битола во нејзиниот повоен развој. Тој не само како општественик, претседател туку и граѓанин остави свои траги во сите сегменти од животот, изградбата и авторитетот на Битола. Со своите идеи и реализации востанови темели на објекти и манифестации што и денес придонесуваат Битола да се вбројува во градовите чие бурно историско минато беше основа таа и во современиот животен развој, да биде пример за многу нејзини жители да се гордеат со сите постигања во политичкиот, економскиот, културниот и спортскиот живот. Пејовски за еден подолг временски период кога беше на чело на раководните личности во градот имаше визија да му трасира пат со кој тој ќе се развива и ќе биде место за севкупно творештво и афирмација на неговите граѓани.
М-р Мито Пејовски беше роден на 15 ноември 1932 година во селото Мало Црско. Основното и Средното Економско училиште ги завршува во Битола, а Економскиот факуултет во Скопје, каде и во 1967 г. магистрира на Економски науки. Најпрвин работи како професор во Битолското Економско училиште, потоа во фабриката за шеќер, а вклучувајки се во општествено политичкиот живот извршува високи функции во политичката, собраниската и изврешната власт. Во два мандати беше претседател на Собранието на општината Битола, во чие име во 1968 година го почести со претстој во градот претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито,
заедно со неговата сопруга Јованка и други високи сојузни и републички раководители. Тој ја потпиша и повелбата за збратимување со францускиот град Епинал
и е еден од иницијаторите за востанавување на фестивалот „Илинденски денови“ како и други културни и спортски манифестации.
Како креативна личност се вгради во изградбата на ХМС „Стрежево“, РЕК „Битола“, новата болница , Универзитетот, а со неколкуте придонеси на граѓаните ги афирмира вредностите и убавините на Битола. Подоцна е ангажиран во повеќе органи и тела во Македонија и Владата на Југославија, а од 1990 г. до 1992 г. е Југословенски амбасадор во Финска.
Во својата активност пројавува интерест за научно-истражувачката дејност, целукупната литература и македонската национална историја. Почина на 9 Јули 2005 година, а неговата сопруга Виолета, неговите синови, снаите и внуците, потесните роднини, пријатели и граѓаните на Битола што живеа, твореа и креираа во неговото време и потоа, треба да се горди на сите негови ангажирања, а останатите генерации, запознавајќи се со неговите постигања, секогаш во своите секојдневни ангажирања и преокупации треба да имаат пример од неговата личност како да се сака и надоградува развојот на неговата сакана Битола и Македонија.