Пелистер запиша третата победа на последните пет натпревари и полека се качува кон врвот. Денес во Битола совладан е Гоблен Јуниор со 2-0 (1-0). По неполни десет минути се повреди дефанзивецот Колески и на негово место во игра влезе Бошковски. Битолчани во првиот дел имаа две големи шанси преку Главевски и Наумоски, но беа за малку непрецизни. Но, во 28. минута по еден удар од дистанца на Наумоски, гостинскиот голман Краљевски одби, а од само 5-6 метри Благојче Главевски ја закова топката во небранетата мрежа (1-0).

Во 58. минута главниот судија Урошевиќ од Тетово му покажа втор жолт картон на гостинскиот фудбалер Пајазит и им ја олесни работата на битолчани. Избраниците на Крстески креираа шанси и за втор гол, но беа неснаодливи во завршницата. Сепак, на сличен начин како и при првиот гол, Благојче Главевски се најде на вистинското место и од отпадок го матира Краљевски за финални 2-0. Гоблен Јуниор натпреварот го заврши со девет фудбалери, откако Мустафи заради груб прекршок заработи директен црвен картон во 81. минута.

Извор Гол.мк