Фамилијата Зега потекнува од македонските племиња од Москополе денешна Јужна Албанија, каде во 18-ти век живееле многу сточарски племиња кои тргувале со производи во низините. Со наездата на муслиманите, биле принудени да бараат нови простори за живот и со стадата овци, крави, коњи, магариња, почнале да се симнуваат во близината на градовите на Јанина и Тракија, каде што трампеле жита.
Едно од тие племиња го носело името Зега. Тие биле едни од “Мацедонците”, како што во тоа време ги нарекувале Македонците. Уште во својата постојбина Самарина, Зега во куќите чувале слики и предмети со ликовите на Филип и Александар Македонски. Племето Зега, кон крајот на 18 и почетокот на 19 век, најнапред се упатило кон Пелопонез, но тамошните староседелци кои зборувале грчки јазик не сакале да ги примат за свои соседи, пред се, поради нивниот јазик. И Зега и другите “мацедонцки” племиња биле нарекувани “вулгарис”, што значело – простаци, поради што не ги примале да живеат со нив…“
Следејќи ја судбината на племето Зега најпрво дошло во Лерин каде што купиле чифлик, но потоа се преселиле во селото Загорани, меѓу Битола и Прилеп. Таму купиле чифлик, а главен станал најстариот Димитрија Зега.
Димитрија имал три сина – Стејро, Петар и Ванчо и ќерка Ленка. Но, по смртта на жена та се преселил во Прилеп, каде целосно се посветил на трговијата. Претежно работел со Грција и со дел од капиталот изградил грчка црква, на која и „денес стои вклесано неговото име.“ Синовите го учеле неговиот занает и патувале со него. Постарите набргу си одбираат нови живеалишта – Солун и Софија, а со Димитрија останува најмалиот Ванчо. Имотот и богатствоторастеле и Зега важеле за најимотните на просторите на денешната рамница Пелагонија. Но, Димитрие умрел и го оставил Ванчо сам. Во тоа време од Александрија се вратила сестрата на Димитрие – Константина, жена на еден богат трговец, која судбината ја оставила без деца. Откако се населила во Битола со огромното богатство и покуќнина, меѓу кои и десетина венецијански огледала и разновиден мебел од ебановина, Константина ја презела грижата за младиот Ванчо Зега. Нејзиниот маж го подучувал Ванчо во трговскиот занает и тој за кусо време почнал да се грижи за богатството и на татка си и на тетка му Константина.
Богатството растело “како жито во амбар”. Ванчо стасал за женење, а Константина се погрижила на внукот да му ја најде најбогатата и најубавата битолчанка – Андромахи.
Ванчо и Андромахи добиле четири деца – Сократ, Алики, Миха и Клео (Ники), за кои се грижеле дадилки и гувернанти. Стопанот сеуште одлично тргувал и стопанисувал и со својот имот и имотот на тетка му Константина, која умрела во 1910 година. Се живеело убаво и богато, а брачната двојка знаела секоја година со три пајтони (едниот за нив, другиот за послугата, а третиот за раскошните фустани и одела) да одат во Солун.
Со почетокот на Балканските војни, Ванчо почнал да работи со војската и покрај работата, да заседнува со офицерите на карти и пијалак. По многу кусо време, комарот му влегол во крвта и тој полека почнал да го расипува семејниот имот. Го немало по неколку дена, а кога доаѓал на полноќ само успевал да зграби од сандакот со златници на тетка му и да ги однесе на комар. Андромахи успеала да го зачува само накитот што го носеле таа и ќерките, како и неколку сребрени свеќници и еден сребрен тас (сад за служење слатко), украсен со сонцето од Кутлеш. Ванчо го прокоцкал дури и чифликот во Загорани и од големото богатство семејството згазило во голема беда.
Најстариот син Сократ, соочен со расипништвото на татко му, побегнал од дома и како член на некоја фудбалска екипа отишол во Белград каде наскоро умрел од туберкулоза.
Михајло со своите 13 години останал тој кој треба да се грижи за семејството. И кога 1918-та година Французите го пробиле Солунскиот фронт и дошле во гладната Битола Михајло со знаењето на неколку јазици (што ги стекнал со образованието на гувернантите и училиштето кое го посетувале само деца од богати семејтсва) се приклучил на хуманитарците што делеле храна на народот, а навечер дома носел брашно, вино и чоколада. Подоцна на француските војници им собирал жаби за вечера и тие откако виделе како одлично зборува француски го земале во своите редови и му сошиле униформа. Кога се повлекувале од овие простори, со одобрение на неговото семејство, го земале со нив да го носат во Франција и таму да го запишат на војна академија. Ама кај Плетвар малиот Михо силно почнал да плаче и рекол дека не може со нив туку мора да се врати дома кај мајка му. Сам препешачил до Битола, ама во осумдесетите години на 20-тиот век го препознале некои француски војници, стапиле во контакт со нив и Михајло Зега е прогласен за најмладиот војник на Првата светска војна и одликуван со орден од државата.
Кино Манаки
Откако војната завршила Ванчо бил наполно сиромашен човек, но забележал дека Михо постојано се метка околу убавата кобила на Милтон Манаки. Бидејќи се знаеле со познатиот фотограф, Ванчо му предложил да го земе малиот да му биде чирак – ем ќе си игра со кобилата, ем ќе учи фотографски занает.
ОСНОВАЊЕТО И РАБОТАТА HA КИНОТО „МАНАКИ“ ВО БИТОЛА (1921-1939)
Михајло со задоволство ја прифатил понудата, најнапред поради можноста да биде блиску до кобилата, но со тек на времето тој се повеќе се вљубувал во фотографијата. По неколку години чиракување, Михо станал калфа кај Манаки, подоцна и најблизок соработник со кој ги сликале најголемите настани на тамошните простори. Во 1921 година Зега стана и првиот киноапаратер во киното “Манаки” на Широк сокак во Битола.
Михајло Зега како кинооператер
Милтон Манаки по смртта на Ванчо Зега на Михајло му станал повеќе од татко, па и венчален кум. За своја животна сопатничка ја зел Јелена Каранфиловска од познато семејство чиј татко Мите на свите три ќерки (Евантија и Калиопи) им оставил богат мираз од 300 наполеони на секоја. Михајло се преселил во куќата на Јелена, од дел на миразот ги платил долговите на татко му и по долги години, повторно го почувствувал семејниот живот. Со Јелена ги добива ќерката Марија и синот Јован.
Михајло Зега во студиото на Манаки
Во 1930 година Зега, на конкурс, добива работа на воениот аеродром во Скопје и со Јелена се селат во големиот град. Набрзо Михо станал ценет фотограф и шеф на секторот за авио-фотографија, ја сликал Македонија од авион при што се направени првите топографски карти, а на младите фотографи им го пренесувал занаетот и им давал сертификати за почнување самостојна дејност.
ДЕЛ ОД 50.000 ФОТОГРАФИИ ОД ФОНДОТ НА ЗЕГА КОЈ СЕ НАОЃА ВО БИТОЛСКИОТ МУЗЕЈ
По завршувањето на Втората светска војна, Михо отворил свој дуќан во Битола и станал ценет граѓанин. Бил голем домаќин, а неговата куќа била секогаш полна со гости. Мераклија за јадење и пиење, тој непосредно до локалитетот Хераклеја со парите што ги заработувал како фотограф, купил лозје.
Михајло Зега
Само по неколку години копање, наишол на археолошки ископини и државата му го откупила плацот. Со парите успеал да купи само велосипед, а археолозите на неговото лозје ги откопале најубавите антички мозаици во Европа и дел од амфитеатарот.
Во само три месеци разлика умре со својата Јелена во Битола. Синот Јован по завршувањето на школувањето стана еден од најпознатите стручњаци за производство на млеко и млечни производи. Оженет е со Жана Слабева од познато велешко семејство, со која ја имаат ќерката Елеонора, мажена Стрезовска и мајка на Јована.
Текст Марина Апостоловска Вујаклија
Благодарност до Благојче Андонов за точната локација
За видео и повеќе кликнете тука: