На 13-ти Октомври во Центарот за култура во Битола, Зарина Првасевда ќе одржи свој концерт -промоција на нејзиниот прв официјален студиски албум, насловен како “ЕХО” кој неодамна излезе под етикетата на Croatia Records, која важи за најголема и најпродуктивна издавачка куќа на Балканот од ваков тип.

Истиот е склоп од 11 традиционални песни од Балканот, спакувани во нови и уникатни аранжмани а отпејан на 5 јазика и тоа : Македонски, Албански, Турски, Српски и Бугарски.

На концерот во Битола Зарина ќе биде придружувана од нејзиниот ансамбл во состав : Ратко Даутовски , Благојче Трајковски , Тони Арслан, Пенче Кралев, Филип Михајловски, Александар Ванчовски, Неврус Бајрам и Петар Лукиќ.

„ Оние кои сѐ уште не ја слушнале „ Крај Битола “ , која е една од песните кои се најдоја на мојот прв албум „ЕХО“ , на 13 Октомври во 20 часот ќе имаат можност да ја слушнат во живо во Центарот за култура во Битола, а таму јас и мојот ансамбл ќе се потрудиме да ја донесеме и да ја споделиме во полн жар сета магија која оваа музика во изобилство и раскош ја нуди.

Она што за сигурно го знам е дека ќе имаме можност заедно да ја одживееме секоја нота и здив од „ ЕХО’ , преку фреквенцијата на музиката да се прегрнуваме, да плачеме и да се утешиме, да и се радуваме , да ја помилуваме одблизу песната на народот , да ја налееме со љубов и одново да и дадеме крила , онака како што таа заслужува за да лета слободна и да патува се до онаму до кадешто некому е мелем.

Да се пее во Битола, мојата голема љубов, пред Битолчани, е вистинска радост и мерак и токму затоа со нетрпение го очекувам 13 Октомври а и вам во него! ’’ вели Зарина.

Продажбата на билетите по цена од 400 денари е во тек и истите ќе можете да ги набавите во Книжарница Литература на Широк Сокак , Билетарата на Центар за култура Битола или онлајн

https://www.karti.com.mk/zarina-prvasevda-ansamblot-eho.nspx,

а на денот на настанот на врата во Центарот за култура по цена од 500 денари.