Со секој нареден ден го засакувам градот сè повеќе. Човек ќе се зачуди кога би му рекле дека се наоѓа во Битола, мал град во Македонија, среде Отоманската Империја, каде главен јазик за комуникација е францускиот. Така налагаат околностите. Градот е мал Париз на Балканот. Преполн странци. Тука минува трговијата. Политиката има свое место зашто во секоја втора куќа живеат конзули. Оние европските. А јас не го знам францускиот јазик. Тоа мора да се промени. За да бидам дел од стварноста.

– Внимавај, тука можеш да се изгубиш дури и ако ја познаваш Битола како својата дланка.
Ми го вели ова постар питомец. Сè уште не сум ја запознал Битола доволно добро.
– Солун е десет пати поголем од Битола – велам неразбирајќи точно што ми зборува питомецот.
– Не зборувам за таква големина – се смее тој – Битола ќе те изгуби во своите приказни. Биди внимателен!
Тоа ме израдува. Сакам да се губам во непознати приказни. Зборовите на постариот питомец ми даваат надеж дека нема да умрам од здодевност. Оти доаѓајќи од Солун во Битола, тажно размислував дека тука завршуваат авантурите на фантазијата.

Го викаат Широк сокак. Сокак е мала уличка. Малите улички не се широки. Ниту Широк сокак е широк. Душата му е таква. Широк сокак е душата на Битола. Нејзиниот крвоток. Тука има десетпати повеќе приказни од Шехерезада. Од утро до мрак секој ја изнесува на прошетка својата судбина. Го засакав тој Широк сокак уште првата недела од моето преместување во Битола.

Александар Русјаков, ХОТЕЛ МЕЃУ ДВЕ ВОЈНИ
Арс Ламина