Битолско минато
Со ПЕТ(АР) во Пет(ОК)
Петар Ставрев
Специјално за „Бабам Битола“
Меѓу вредностите и убавините на Националниот парк „Пелистер“ се вбројува ендемичниот петоигличест бор молика, кој зафаќа површина од над 1600 ha. Него во 1839 г. го открил германскиот ботаничар и фито-географ Август Гризебах.
Тој собрал гранчиња, ги забележал основните карактеристики, кои се уште на посебно пано се поставени во Институтот по ботаника во Гетинген. Меѓутоа започнувајќи од 1960 г. овој бор во повеќе од 40 земји низ светот го популаризирал Проф. Д-р Никола Христовски.
Тој учествувајќи на разни научни собири, трибини, симпозиуми, покрај низата свои научни трудови, настапувал и со предавања за моликата или пинус пеуце, како што е научно регистрирана. Со тоа дал и голем придонес не само за нејзина популаризација, туку и за останатите ендемични растенија и убавини на оваа планина. Никола Христовски, како научник и планинар е член на планинарската „Ризична група“, од која од 13 членови покрај него се живи Христо Споа и Владимир- Беби Хаџи Јовановски.
Имено, Проф. Д-р Никола Христовски во 2009 г. заедно со двете свои колешки Дијана Блажековиќ – Димовска и Елена Милевска го посети Ботаничкиот институт во Гетинген, каде и направи повеќе документарни фотографии, а тој заедно со Александар Тодоровски и Јонче Дамјановски учествуваше и во работата на симпозиумот по повод 130 годишнината од откривањето на моликата што се одржа на Пелистер.
Проф. Д-р Никола Христовски е роден во 1946 г. во Битола каде заврши основно, гимназиско образование и Педагошка академија, магистрира по биолошки науки во 1975 г. во Нови Сад, каде и докторира во 1983 г. Вработен беше во неколку установи, а се пензионира како професор на Биотехничкиот факултет во Битола во 2011 г. Тој е еден од ретките научни работници што дал значаен придонес низ целиот свет за научно презентирање на флората на Пелистер, на кој и го посветил сета своја љубов и знаење. Има богата научна биографија што е квалитетно вреднувана од многу светски научни работници од биолошката област.