Методата може да се примени кога станува збор за иритации на нервните корени поради дискус хернија или дегенеративни промени на ‘рбетот – шилци по пршлените, зголемување на обемот на лигаментите, хипертрофија на малите зглобови…
Едно од најчестите болни искуства на речиси 80 отсто од луѓето во најпродуктивниот период од животот е лумбалната болка (во долниот дел од грбот). Нејзината појава е толку масовна, а нејзината прогресивност толку голема, што болниот лумбален синдром се смета не само за медицински, туку и за социјален проблем. Една од современите методи на лекување е т.н. перирадикуларна терапија (ПРТ) – специјална радиолошка метода која во јавното здравство се применува единствено во скопската градска болница „8 Септември“. Ја работи д-р Димитар Вељановски, радиолог, кој се едуцираше во врвни медицински центри – Универзитетот „Мегил“ во Монтреал во Канада и Универзитетот „Грајсфалд“ во Германија.
Д-р Вељановски и докторира на темата за имплементација на минимум инвазивна интервентна метода (Перирадикуларна терапија или епидурални блокови) и се надева на нејзино широко воведување во јавното здравство.
– Се смета дека околу 80% од луѓето имаат искуство со различните степени на болка во долниот дел од грбот и тоа во најпродуктивната возраст, во периодот од 30 до 50 година од животот. Од 15 до 20 % од популацијата се соочуваат со пролонгирана лумбална болка, а кај 2-8% болката добива хроничен карактер. Секојдневно 3-4% од популацијата се временски оневозможени да ги практикуваат секојдневните животни активности, додека околу 1% од полулацијата во работна возраст е трајно работно оневозможен поради хроничната лумбална болка и радикулопатија.
Хроничната лумбална болка е петтата најчеста причина за хоспитализација и третата најчеста причина за различни типови хируршки интервенции на светско ниво.
Лумбалната болка се дефинира како хронична кога трае повеќе од три месеци. Типот на болка може да биде значително варијабилен во зависност од тоа дали подлогата е коскен импакт, мускулно инволвирање или нервно потекло.
Болката варира од најразлични субјективни и објективни категории, како печење, горење, прободување, пецкање, остра или тапа, дефинирана или нејасна. Интензитетот на болката може да биде од мал до многу голем степен. Причините за тоа се многубројни и мултифакторни – од преоптовареност на лумбосакралиот ‘рбет, дегенеративните промени, трауматските лезии, туморски промени, но и секојдневниот современ начин на живеење кој вклучува сè помалку физичка активност со многу пасивност, долготрајна седечка положба која ѝ пркоси на основната функција на локомоторниот апарат, а тоа е движењето.
Извор Факултети.мк и повеќе ТУКА
Фото Фејсбук