Битолско минато

СО ПЕТ(АР) ВО ПЕТ(ОК)

Петар Ставрев

Специјално за „Бабам Битола“

Деновиве проф. д-р Александар Стерјовски во рамките на својата едиција „Десеткнижие за Битола“ ја објави книгата „Градби“. За развојот на битолското здравство мошне вредни документи и публикации пред неговата смрт (2014) објави во неколку книги Прим. д-р Сци Мед. Петар Ј. Бојаџиевски. Истите се публикувни врз база на негоите повеќегодишни истражувања, во чиј дел заслуга имаше и неговата ќерка Рената: „Здравството во Битола низ вековите“, „Здравствено-социјалната политика на странските пропаганди во Битола“, „Здравството во Битола 1944-2004“, „Санитетот во Македонија за време на Балканските војни и Првата светска војна“ како и многу други стручни научни трудови.

Бојаџиевски не само што е добитник на голем број награди и признанија туку и во својата професионална ангажираност како офталмолог остави траги што засекогаш се високо рангирани, не само кај стручните лица, туку и кај многу граѓани што се запознале со неговите повеќегодишни истражувања и професионална дејност.

Роден во 1939 г. Петар Бојаџиевски дипломира на Медицинскиот Факултет во Скопје, стручни усовршувања имаше во Лион и Париз, во 1984 г. се здоби со звањето Примариус, а на Медицинскиот Факултет во Нови Сад ја одбрани докторската дисертација од историјата на медицината во Македонија.

Работлив, скромен и фамилијарен човек Бојаџиевски беше пример и за многу други лица, а паралелно со својата професионална ориентираност да се занимаваат и со истражување и публикување на историското минато на Битола во повеќе области.

Покрај професијата во која несебично се даде себеси, Петар имаше и голема љубов кон уметноста, кон пишуваниот збор, фотографијата, камерата а посебно кон сликарството. Оние што го познаваа, знаеја дека со радост и леснотија му се посветил на сликарското платно и во своите домови чуваат по некој портрет, акт, цветна композиција или слика од старата чаршија потпишана со неговото име.

Делата што тој ги објави се трајни документи кои претставуваат темел и други да го продолжат неговото истражување и применат љубовта кон професијата што тој ја негуваше.

Голема благодарност до ќерките на др. Бојаџиевски Рената и Татјана