Потег кој е добар за поздравување. Битола и битолчани добија нова пешачка зона која се протега на новата реконструирана и поплочена улица на потег од Ленски мост па се до мостот кај Безистен од едната страна.
“Дали сега над 100 и повеќе години старата турска калдрма во комбинација со низа на нови меанчиња, кои можеби ќе бидат со масички покрај кејот на река Драгор ќе го вратат духот на некогашната Дембел чаршија, која ќе биде како влез и оживување на старата битолска чаршија?” – се прашуваат сега битолчани.
Да се надеваме дека во блиска иднина истото ќе се случи и со другата страна на Булеварот 1-ви Мај во истата должина и ќе биде забранета за сообраќај и поплочена со камени коцки, додека ул.Никола Тесла кај средната Стоковна може слободно да биде со двосмерно движење на возилата како некогаш.
А ние битолчани и покрај Драгор и дебелите сенки да си пиеме каве, да си пиеме тутун, да си играме табла како што правеа “дембелите” на времето, уживајќи максимално во животот и како велат во приказните “Азното само ќе си дојди”…😉