Битолско минато

Со (ПЕТ)АР во ПЕТ(ОК)

Петар Ставрев

Специјално за Бабам Битола

Започнувајќи од 2002 г. во рамките на највисоката награда на Битола што се доделува на 4 Ноември, по повод нејзиното ослободување, за едногодишни постигања во повеќе области се доделува и награда за животно дело.

Прв добитник на оваа награда беше борецот, уметникот, просветниот работник, писателот, планинарот, па дури и фудбалерот Тоде Ивановски. Тогаш наградата, слегувајќи од бината, на Тоде како што го викаа битолчани, кој беше во инвалидска количка, со огромен аплауз на присутните му ја додели претседателот на Собранието, Златко Вршковски.

Иако од тогаш помина доста време, Тоде заради своето уметничко дело е присутен во душите, не само на граѓаните на Битола и Неготино (каде е роден во 1924 г.) туку и меѓу многу слободољубиви луѓе.
Неговиот уметнички талент од најмладите години го преточи во ликовен опус, отсликувајќи ја победата над фашизмот и слободата на земјата во која и самиот учествуваше. На платно, хартија, на секое ливче, на улица, во домот, атељето, ги овековечуваше копнежите на борците кои не ги жалеа своите животи, гладни и боси, низ снег и виулици, да ја извојуваат победата.

Во неговите дела се преточија и идеалите на Гоце, Даме и многуте други илинденци за слободна Македонија. Низ бројните раскази, ликовни експонати, во разни сликарски техники, Тоде остави дела што се наоѓаат во музеи, галерии, архиви во земјата и странство.

Како просветен работник на многу генерации им го вдахнуваше духот да ја негуваат слободата, неговата трудољубивост, мирот и соработката со сите луѓе без разлика на нивната приватна посебност. Како планинар ја преживуваше партизансакта голгота, со борците што останаа низ планинските предели, а како што беше виртоуз со четката и моливот, така дури и во своите поодминати години аматерски беше виртоуз и меѓу фудбалските голови, надополнувајќи ја својата инспирација животот да не се мери според неговата материјална состојба , туку по делата што ќе ги остави.

Тоде Ивановски во 2005 г. замина во вечноста посакувајќи неговите дали за слобода и мир што ги всади кај многу генерации вечно да пламтат. Тоа го вгради и кај своите потомци, синот Јове и ќерката Данка Јанковска, која минатата година ја издаде монографијата „Црвениот виор на Тоде Ивановски“ со скромна желба неговиот светол факел никогаш да не згасне.