Битолско минато
Со Пет(ар) во Пет(ок)
Петар Ставрев специјално за Бабам Битола
Многу битолски спортисти во своите натпреварувања имаат постигнато извонредни резултати. Освојувале врвни места, медаљи и признанија, биле прваци на меѓународни манифестации и југословенски првенства. Од тоа успешно минато еден пријателски натпревар нема никогаш да биде заборавен. Тоа е средбата во Битола меѓу кошаркарите на Работник и југословенската репрезентација.
Според кажувањето на Димитар-Беби Балојани, играч, тренер и кошаркарски судија, натпреварот се одигра во 1968 год. кога на пат за Албанија на балканијадата во Тирана, во Битола допатува југословенската репрезентација.
Натпреварот заврши со победа на репрезентацијата, со голема разлика, но се впиша во историјата на битолската кошарка. Беби ни спомена дека за Работник покрај другите играа Ефто Ефтимовски, Тома Атанасовски-Барбако, Љубо Христовски, Балојани и др. Додека пак Менела Бабука-кошаркар тренер и судија не информира дека тогаш репрзентацијата настапи во состав: Басин, Цветковиќ, Ќосиќ, Данеу, Џерџа, Џуриќ, Кораќ, Ковачиќ, Рајковиќ, Ражњатовиќ, Тврдичи Сканси додека тренер беше Ранко Жеравица.
Овие кошаркари постигнаа успеси на светски план, освојувајќи први места и медаљи. Исто така и повеќе битолски кошаркарски екипи имаат забележителни постигања.
Екипата Младост сеуште одржува соработка со ветераните на Задар, разменуваат посети со екипите заради што и познатиот Џерџа кој е еден од живите од тие познати играчи, гостуваше во Битола докажувајќи дека благодарение на кошарката здравјето добро го служи.
Обновено: Колку и да изминува времето а со тоа да се забораваат одредени настани и личности сепак има некој кој веродостојно се сеќава на тоа минато.
Миле Атанасов или Малиот Капак во врска со натпреварот помеѓу битолчани и југословенската репрезентација ни пренесе дека средбата се одиграла со Пелистер и тоа во 1966 г. кога репрезентацијата беше предводена од Ранко Жеравица допатува во Битола бидејќи имаше идеја за иградба на Олимписко село на Баба планина за подготовка на југословенските спортисти за Олимпијадата во Мексико ’68 година која требаше да се одржи на 3000 мнв.
Пелистер го предводеше Димитар Секуловски Пицаки, а на натпреварот настапија Миле Атанасов, Диме Неделковски, Дане Бачевски, Венко Бакалина, Страшо Павловски и Пензуро.
За репрезентацијата покрај другите настапуваа Ќосич, Сканси, Симонович, Тврдич, Жорга, Чермак и др. Првото полувреме беше со резултат 60(62):8, а во вториот дел за да има појак натпревар, кој му беше потребен како тренинг, репрезентативците играа меѓу нив.