Здраво до сите, сум Златко Самарџиев со прекар Кекел, од Битола.
Денес ќе објаснам неколку прехрамбени Битолцизми, производи за јадење со имиња од и во Битола.
Кокмишка
Месено и печено тесто од брашно и млака вода, масло, квасец, сол, шеќер, путер за премачкување. Квасецот се раствора во водата и се замесува тестото. Се остава да надојде, повторно се размесува и се дели на 10 топчиња. Се зема едно топче и се сучи колку што е тепсијата. Се премачкува со растопен путер(маргарин) и се поросува изварка. Се зема второто топче, се расукува и се става врз првата кора, и исто така се премачкува со путер и се наросува изварка. Постапката се повторува со сите девет, а десеттото топче само се расукува и се става најгоре. Погачата се сече на парчиња со облик по ваш избор. Се остава убаво да надој, се полева со растопен путер, се наросува со сусам, па се става на печење во загреана рерна на 220-200 степени околу 30 минути.
Козињак
Обично е со суво грозје и кора од портокал. Тестото е исто така брашно со квасец, ама има и јајца, млеко, масло, путер, рум, сало… И уметност е да се направи, да надојде, горе да е со темно кафеава боја а да не е изгорено јајцето, а внатре да има суво грозје на секаде, а не да падне на дното од тестото. Секоја домаќинка во Битола вели дека нејзинио Козињак е најубав, највкусен. Како шо секој прави најубав ајвар, нели. Сега за Велигден вообичаено се прави Козињак. Како што пред некој ден ми рече една другарка – Кекел, Велигден иди, едвај чекам мајка ми да напрај козињак, најубав е на свето. Инаку во другио дел од свето во Македонија, козињако го викат-милиброд. Бугарите исто го викат козињак и најмногу го прат за Велигден и на него ги клават вапцаните јајца.
Турте
Месено и печено тесто, слатко по вкус, со млеко, масло, шеќер. Се прави дома, кога бебето ќе го добие првиот заб, во Битола се вели Кога ќе му порасни првио заб.
Се прави и се раздава по комшии и роднини. Ако некој ти донеси турте то значи дека кај нив во фамилијата на бебето му пораснало првио заб. Тестото е тврдо и затоа е демек за благослов за заби. И не би било битолски ако нема и преносно значење. Играта е, зато шо е многу едноставен рецепто, ко ќе го видиш некој уљандисан да е, или нешто скиселен, ќе му речиш: Шо си бе ваков, ко турте згрешено?
Тулумба
Иако на прво потсеќа на благо од пржено тесто со долг цилиндичен облик со надолжни риги потопено во шербет, во Битола значи и пумпа за вода, онаа во дворојте шо ја имаше и шо се вадеше вода со пумпање на рачката горе долу. Всушност, бунар со вода но работи со повлекување на водата со воздух нагоре. Метална е, може и од месинг, поскапите имаа орнаменти лени на нив. Во на баба ми куќата има тулумба, која не работи веќе но стои таму, да потсеќа на времињата кога немаше водовод во куќите, та по вода се одеше во дворот да се извај од тулумбата.
Извор Плагијат