Синан Сами Усеин, по потекло Турчин од селото Десово, прилепско. Ако си познат во Битола и си од Десово, многу е веројатно дека ќе те завикат – Десоец. Живеел на Црн Мос, Битола, и велат дека умрел 1952 година, и велат дека си го предвидел и денот и часот кога ќе умре. Имал способност да согледува и минати случувања и да предвидува временски оддалечени настани. Бил многу правичен човек и со своите совети им помагал на сите, без оглед на вера, нација, статус и слично. Се сожалувал на тие што биле во неволја но и ги прекорувал тие што биле напернати. Оделе луѓето кај него, да чујат совет, секој со својата мака и нафака. Има приказна за дедото на Коле Адвокато, Иван Водејнчаро кој бил замолен од некој негов пријател да го однесе кај Десоецо. Иван го одвраќал да не си го губи времето со такви бабини деветини. Сепак отишле и како што влегле во чекалната, Синан излегол и ги повикал и двајцата да влезат, а на Иван му се обратил, ела и ти, шо не верваш во мене!.
И Десоецо му вели на Водејнчаро:
Ти дома имаш крава.
Имам.
Стелна е, така?
Да, стелна е.
Е, ко ќодиш дома сега, ќимаш теле, веќе родено, и ќима нишани и на ногата и на глата, телето.
Овој се зачудил, или битолски кажано така останал и кога си заминал дома, кога ќе види, вистина дома веќе родено телето, со сите нишани на глата и на ногата. Тој е уште жив, живеј кај Стив Наумов сколијата.
Заради ваквите способности на Синан Десоецо, и ден денец битолчани, кога некој нешто ќе погоди, ќе предвиди му се вели: де бре ти ко десоецо да си! Или ако не знајш нешто ко ќе те прашат, ти му велиш: е од кај_да_знам јас не сум десоец!
Изразот Десоец е сеуште во употреба меѓу битолчани, и иако можеби не сите знаат од каде доаѓа, секој многу добро му го знае значењето.
Пиши: Златко Самарџиев, ме викаат КЕКЕЛ, КЕКЕЛко, КЕКЕЛче, КЕКЕЛот, а понекогаш ме викаат и на семејни веселби, но тоа зависи од семејството.