Битолчани конечно после 30 години и во рекордно време добија затворен базен кој од почетокот на 2020 г. беше започнат да се гради во дворот на ОУ „Даме Груев“ во Битола.
Базенот беше изграден со средства на Владата и Агенцијата за пензионери, понекој млад и спорт. Поради препораките на Владата со новонастанатата состојба и забрана за групирање на населението базенот наместо димензии 25 на 10 метри ќе биде 2 на 3 метри со што комотно ќе можат да го користат 2 капачи за кои ќе биде задолжителни и маска и ракавици. До 11 часот предност ќе имаат пензионерите над 67 години, додека учениците од основните и средни училишта заедно со другите граѓани ќе можат да го користат од 11-21 ч., освен за викенд од 11-16.00 ч.
„Овај проект веќе 30 години се шеташе од Техничко, па до Спортската за на крајот да заврши во кругот на ОУ Даме Груев. Зошто баш тука се одлучивме заради близината до стамбена зграда од која секојдневно ќе имаме бесплатен надзор на капачите за нивна безбедност. Базенот пред сѐ ќе биде корисен за спортско рекреативни настани и се надеваме дека за скоро време истиот тој ќе биде продолжен на 3х3 заради капењето и во подоцнежните попладневни часови за граѓаните на Општина Битола кои ќе имаат право на користење, а ќе немаат навремено пуштено бојлер дома на ефтината“, рече Петре Токмаковски координатор на советничката група на ТИЕ, ОНИЕ и коалицијата кои веќе 30 години се на власт во Битола.
Тоа што Агенцијата за пензионери, понекој млад и спорт достави апликација до Општина Битола за изградба на затворен базен, според Токмаковски е потврда за цврстата соработка и е потврда за лобирање на локалната власт за добивање на значајни објекти во градот под Пелистер, а не за изборите шо требаше да бидат за недела, две.
На нашето прашање зошто еден обичен и монтажен базен го викаат “затворен базен” добивме одговор дека тоа било така само заради тоа што тој не бил свечено ОТВОРЕН бидејќи јавните собири и манифестации се забранети.
Нека ни е честито драги битолчани и овај 1-ви Април секогаш да ни остане убава шега која традиционално ќе си ја правиме, без разлика за кој ќе биде наменета.
Насловна слика од затворен базен во Скопје