„Денот кога не се разбудив“ е насловот на новата книга на младиот автор Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Романот ќе биде промовиран онлајн, на 21 март (сабота), со почеток во 20 часот. Авторот ќе се приклучи онлајн преку својот профил на „Фејсбук“. Промоцијата ќе биде интерактивна, па во меѓувреме читателите може да му поставуваат прашања.

Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Препознатлив е по популарната македонска комична телевизиска емисија „Фчерашни новости“. Уредник е на интернет-страницата „Фчерашни новости“ која објавува сатирични „вести“, кои низ хумор ги коментираат дневните политички настани во Македонија.

„Денот кога не се разбудив“ е негова втора книга, по стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ („Арс Ламина“ 2019 г.), но е негов прв роман. По тој повод разговаравме со авторот:

*Деновиве од печат излезе твојата втора книга „Денот кога не се разбудив“. Музичарите велат дека објавувањето на првиот албум е тежок процес, но уште потешко е да се сними вториот. Колку ова важи за писателите, колку беше (по)тешко да се напише втората книга?

– Ако се има желба и пасија за работата веројатно не е тешко. Уште полесно е ако ти е сeедно и пишуваш само затоа што сакаш. Романот дојде некако природно, слично на песна кога пишувам поезија, па воопшто не беше тешко откако ја совладав само менталната препрека дека не можам да напишам роман. Дали е добар е друго прашање, кое и не ми е толку важно, затоа што важно ми е што завршив нешто, за разлика од другите три романи што имаат по 17-18 страни.

*Првпат објавуваш роман – подвиг кој бара најпрво да се има добра идеја, добри раскажувачки способности и да се совладаат техниките за пишување. Како течеше создавањето на книгата, имаше ли авторски кризи или, пак, ја напиша во еден здив?

– Долго време размислував дали да напишам роман, не дали сакам, туку дали можам. Ги читав начините на познатите и големите писатели на работа, нивната пожртвуваност и откажувања за да творат, дисциплината. И долго мислев дека не е тоа за мене. И уште мислам дека не е. Сепак, кога ја објавуваме книгата со поезија во налет на еуфорија седнав да пишувам, што било, па романот беше готов за три или четири дена. Без навраќање и промена на делови, што можеби ќе го направеа подобар, но поважно ми е да остане автентичноста на емоцијата отколку стилски да е подобар.

Препознатлив си по ангажманот на „Фчерашни новости“ каде што на сатиричен начин ги коментирате актуелните политички и општествени случувања. Иронично, но сѐ почесто кај нас вистинските вести се посатирични од тие во хумористични емисии како вашата. Колку е тешко во ова време да се задржи здравиот разум и добрата смисла за хумор?

– Добрата смисла за хумор е сосема субјективна. Ретки се работите кои се универзално смешни, ако воопшто ги има. Така и „Фчерашни“ некому му се допаѓаат, некому не, мојата смисла за хумор исто. И тоа е сосема во ред. За среќа во „Фчерашни“ сме поголем тим и има повеќе смисли за хумор, па така има за повеќе луѓе по нешто. Општо хуморот е витален за човек да преживее. И во најтешките времиња за човештвото, во времето на пример кога хуморот можел да те однесе во гулаг или во смрт имало вицеви за Сталин и СССР, во концентрационите логори затворениците смислувале шеги за да можат барем малку да се тргнат од тоа што им се случува. Кога состојбата е лоша секогаш е тука хуморот како прибежиште.

За здравиот разум не знам баш дали сум вистинскиот да одговарам, со оглед дека цел живот живеам тука и не сум живеел никаде, па не можам да направам компарација како е да се живее во здраво општество водено од политичари кои размислуваат здраворазумно. Ни на лично ниво немам некој допир со здравиот разум, јас сум тука да сонувам, љубам и живеам, а здравиот разум и стерилната извесност им ги оставам на оние кои сакаат да живеат во кафезот на граѓанскиот морал и општествените норми

Извор и повеќе ЖЕНСКИ МАГАЗИН