Март, 2020 година

Предмет: Известување на јавноста

Почитувани,

Во време кога ситуацијата во државата е сама по себе доволно сериозна и критична и бара сите заеднички да придонесеме за изнаоѓање начини како истата да се преброди со најмалку негативни последици, првенствено за здравјето на луѓето а потоа и за економијата, навистина сме разочарани од неодговорниот однос на одредени политичари, медиуми и новинари.

Во изминатите денови се изнаслушавме и изначитавме лаги, невистини и дезинформации за нашата компанија и оние кои ги пласираа истите треба да се засрамат.

За да ставиме крај на овој непотребен циркус, КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола, како еден од најголемите работодавачи во државата, ја известува јавноста дека информациите за масовни оптуштања од работа каде се спомнуваат повеќе илјади вработени се апсолутно неточни. Дополнително, информацијата дека компанијата престанува со работа, односно се „затвара“ е исто така неточна. Факт е дека неизбежно сме афектирани од генералната ситуација во која се наоѓа автомобиската индустрија (намалена продажба на постоечките возила на Европскиот пазар) поради што во изминатиот период бевме приморани да го прилагодиме бројот на вработени соодветно на обемот на работа, што е нормален процес во сите компании и во нашиот случај ова прилагодување изнесуваше 3-4% што воопшто не е аларамантно и спаѓа во рамките на редовна селекција.

Дополнително, ситуацијата со корона вирусот ги доведе нашите клиенти во Шпанија и Германија со вонредни услови и тие беа приморани да го сопрат нивното производство, што следствено резултираше и со привремен прекин на производниот процес и во КШМК.

Во моментов нашите 5800 вработени користат одмор и платите за месец март 2020 ќе бидат исплатени редовно и на време. Бидејќи во моментов сеуште нема точна информација кога повторно ќе започнат со работа нашите клиенти во месец април 2020, спремни сме и планираме застој од 2 до 6 недели, период во кој нашите вработени ќе бидат згрижени и ќе останат во работен однос, сите придонеси за социјално, пензиско и здравствено осигурување ќе им бидат уредно и навремено платени и менаџерскиот тим посветено работи и ќе продолжи да работи заедно со Централата и со Владата за изнаоѓање на решенија за исплата на соодветен надомест за плата за месец април кои ќе бидат најдобри за нашите вработени и за стабилноста на компанијата во оваа ситуација.

Апелираме до сите дека сега не е време за омраза, критики и политичко профитерство, туку време за солидарност, заедништво и меѓусебно помагање.

КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола во изминатите години со дела има докажано дека сме општествено одговорна компанија која се грижа за вработените и за градот Битола и овој пат апелираме до сите: останете смирени, слушајте и почитувајте ги препораките на Владата и на Министерот за здравство за да придонесеме сите оваа кризна состојба да заврши побрзо и со помалку афектирани граѓани.

Вирусот ќе помине, да се потрудиме да помогнеме да биде со најмалку негативни последици и да излеземе сите здрави, посилни и најважно, подобри луѓе од оваа криза.

Со почит,

Менаџерски тим

КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола

Индустриска зона Жабени, Битола