„Гласот на предците“ претставува зборник во кој се собрани македонски народни преданија од сите краишта на Македонија со цел трајно зачувување и оттргнување од заборав на дел од македонската фолклорна ризница. Најголем дел од преданијата што најдоа свое место во зборникот претставуваат топонимски преданија кои говорат за потеклото на името на голем број македонски топоними (градови, села, реки, езера…).
Преку куси преданија со висока естетска и уметничка вредност, читателот ќе може да дознае како нашите предци преку усното пренесување го толкуваат потеклото на имињата на градовите Битола, Тетово, Кичево, Виница, Скопје, Кочани, Струмица итн.

Зборникот содржи и голем дел на историски преданија во кои се раскажуваат не толку познати настани поврзани со македонската историја, а исто така, во помал број се наоѓаат и преданија со волшебни елементи во кои се појавуваат митолошки суштества како дел од богатиот народен фолклор.

Во преданијата кои ја раскажуваат Македонија, ќе сретнете непокор, јунаштво, предавства, љубов, мудрости, приказни во кои дефилираат цареви, принцези, војсководци, бегови, паши, невести, ѓаволи, доаѓаат и светците како заштитници, а прелетува и по некој змеј.

Битола и нејзината околина отсекогаш важеле за посебно инспиративни за собирање на народни умотворенија, а тоа може да се потврди и во богатата собирачка оставнина кај Марко Цепенков, каде што голем број на записи се посветени на Битола и битолскиот крај.

Дел од тоа нематеријално културно наследство на Битола може да се најде и во зборникот „Гласот на предците“, односно низ страниците на овој зборник можат да се најдат преданијата за големиот битолски манастир „Свети Ѓорѓија“ и храброста на калуѓерите, за чудата на Свети Димитрија во некогашната истоимена црква во градот, за змејот што си грабнал невеста и си ја однел во сараите на Големото Прелистерско Езеро, за истирот битолски момок кој секој ден морал да оди до Сива Вода, за Пелистерските Очи, за бестрашниот јунак Тољо, за тврдината Пешта во Мариово итн.

КРАТКА СОДРЖИНА:

Како Свети Јован го спасил Бигорскиот манастир од уништување? Како од солзи можат да се создадат езера? Зошто е проколната грешната принцеза Струма? Како Мариово добило царски ферман за навек да остане христијанско? За кого клетвата значи скаменување? Зошто мајмун не игра во Прилеп? Зошто ѓаволот не успеал да го догради ѕидот во Овче Поле? Како копјето станува волшебно кога ќе ја чуе песната на соколот? Дали под Плетвар има подземни пештери кои водат до Солун? Како настанал охридскиот чун? Колку долго Бела Ица го чекала царот Александар да дојде по неа?

На сите овие прашања, одговорите се кријат во овој зборник – овде се собрани само дел од приказните со кои можеме читајќи да пропатуваме низ времето на прастарата и никогаш недораскажана Македонија. Преданијата од нашите предци ги наследуваме со вековен аманет да ги раскажеме, запишеме и да им подариме вечност, а со тоа ги овековечуваме и оние кои нам ни ги раскажале.

Нека народните умотворби продолжат да се пренесуваат на идните поколенија и изворот на македонската фолклорна ризница никогаш да не пресуши.

Јас го посеав семето, а вие бидете живи да го ожнеете неговиот плод – Димитар Миладинов

Контакт телефон за порачки и вибер 075 718 959