Еден од најпознатите детски музички фестивали во Македонија е фестивалот „Си-До“, кој почна да се организира како резултат на долгогодишната музичка традиција на Битола. Имено, во изминатиот половина век, па сè до денес, во Битола делуваа неколку организации и асоцијации, коишто непосредно се ангажирани со грижата за воспитување на децата. Една од тие организации беше пионерскиот центар до 1996 година, а од 2005 тоа е Здружението на граѓани од областа на културата „Промедиа Битола“.

Манифестацијата „Дете фест До-Ре-Ми“ најпрво била реализирана во спорската сала, а за уметничко-звучната продукција специјално бил ангажиран Славе Димитров, кој за оваа прилика составил ревиски оркестар и тоа од врвни музичари (претежно битолчани), кои специјално за оваа прилика допатувале во Битола од разни краишта на тогашна Југославија, со што (бесплатно) му се оддолжиле на својот град. Ова едниствено издание на „Дете фест До-Ре-Ми“, како редок настан бил во живо пренесуван на програмите на ЈРТ со посредство на Македонската телевизија, додека во музичките студија на Радио Скопје биле направени снимки на сите изведени песни.

Во 1991 година оваа манифестација го добива денешното, многу популарно име, „Детски фестивал Си-До“ или скратено само „Си-До“, во чест на името на познатиот битолски музички педагог, композитор и диригент Петар Сидовски, кој во тоа време починал.

Познати личности кои пееле на овоj фестивал се: Каролина Гочева, Христијан Спировски, Димитар Андоновски, Мартин и Стефан Филиповски од Некст тајм, Анета Мицевска, како и многу други. Токму на денешен ден, во 1992 година, на „Си-До“ е отпеан еден безвременски детски хит, „Наташа од трето три“, чиј комплетен автор на хит-песничката е Драган Каранфиловски – Бојс, а во изведба на Леонид Ристев, кого за овој 30-годишен јубилеј, Регистарот го побара во Белград за да направиме едно интервју и да се потсетиме на тие убави времиња.

Како ја доживувате „Наташа од трето три“ после триесет години?

Леонид Ристев: Денес е 18 мај, точно 30 години од првата вечер на детскиот фестивал „Си-До“ 1992 година. Се сеќавам како да беше вчера, имам најубави спомени. Како на фестивалот, така и на сѐ што следеше неколку години подоцна. Јас имав 9 години и тоа е незаборавен дел од моето детство. Многу ми е драго дека децата ја пеат „Наташа“ и денес. Песната има свој живот и тоа ме радува.

Постоеше ли прва симпатија со име Наташа и дали Драган Каранфиловски оваа песна ја напиша со посвета?

Леонид Ристев: Па имаше Наташи после секако. Но, не ја бирав, песната беше веќе спремна, Бојс ја имаше напишано и снимено пред фестивалот. Ако добро се сеќавам, оригиналот беше од „петто-3“, па само ја прилагодија на тоа дека бев трето одделение, па стана од „трето-3“. Прв пат ја слушнав на самата аудиција, во пионерскиот дом во Битола. Кире Костов беше тука на самата аудиција, се сеќавам седеше покрај пијаниното во домот и ми кажа „Е па салеп, ова ќе биди хит“ 😊 Малишаните не викаше „салеп“, нагалено по битолски.

Се чувствувавте ли „важен“ во тоа време и какво беше чувството да се биде популарен во тие детски години?

Леонид Ристев: Секако, да. На 9 години популарноста е нешто што те преплавува и не знаеш баш како да се носиш со тоа. Се разбира, вниманието, концертите со толкава публика, писмата со пораки од цела Македонија, тоа е нешто што остава јак впечаток и менува на некој начин. Во секој случај, ми требаше долго време да направам дистанца и да видам што значи сето тоа за себе како личност, кога си станал популарен (притоа, не сосема по твоја заслуга туку реално, како последица на сплет на околности). Едно исклучително искуство, во секој случај, со свои убави и не толку убави страни. Повеќето секако се убави, да не ме сфатите погрешно 😊

Во што е тајната и после триесет години една детска песна и понатака да биде хит и да ја пејат и денешните дечиња како незаборавен евергрин?

Леонид Ристев: Не знам, искрено. Иста е веројатно и со тајните на другите песни кои остануваат. Мислам дека лесната хармонија 1-4-5, рифот кој е карактеристичен, а и одличниот аранжман. Бојс беше голем музичар и одлично се играше со стиховите и аранжманите, скоро сите негови песни се карактеристични и остануваат да ви се вртат во главата. Сето тоа во комбинација со настапот, веројатно, како и името и темата на песната – едноставно кликнаа.

Каде е денес Леонид Ристев и со што се занимава?

Интервјуто продолжува ТУКА

Извор Музички Регистар