Како родена скопјанка, од мајка битолчанка, а татко прилепчанец, кај нас дома на шега се велеше дека од кај ти е жената, од таму ти е родата. Многумина знаат дека уште како дете, на 10-ти Јуни се качував на воз и заминував Битола (не, не ми фали ВО).
Баба ми на времето беше една од најубавите битолчанки овековечена дури и од Манаки (за жал, мене во изгледот семката не ми е битолска, ама нејзе, душата ми е) и ја паметам по тоа дека ни до продавница не излегуваше без да го смени фустанот кој го носеше по дома, а црвениот кармин беше заштитен знак. И да, во оние луди тинејџерски години знаев да се појавам кај неа во искинати фармерки, со разбушавена коса и со очила-ленонки, на што си го добив заслуженото “А ле шо си ваква ко Борис-ќориот, не биваше твоите да ти купат убај фармерки? Туку, ајде да те носам кај Сајмето, да ти ги истрижи кркмите”.
Мојот однос кон облеката и шминката беше нешто со што баба ми никогаш не се помири. Нејзиниот став, а впрочем и ставот на сите битолчанки кои ги знам е дека од дома се излегува спастрен.
Дури и мајка ми која низ годините си ги присвои навиките да подзабошоти во спремањето, кога одевме за Битола, од Прилеп па до куќата на баба ми и дедо ми колата ја престоруваше во гардеробер и фризерница. Жената имаше уплав како да се појави пред критичкото око на баба ми несредена! Така, ќе си се пресоблечеше, па фризурата ќе ја наместеше, па со лакот за коса целиот автомобил ќе се замаглеше и така сите тип-топ ќе се појавевме. И да, секој град има посебни и убави жени, но она што ја одвојува Битола (нека не ми замеруваат убавиците од останатите градови, можеби сум и малку субјективна) е дека тамошните жени имаат специфичен став и знаат да го носат на посебен начин она што на некоја друга жена би изгледало само како обично парче ткаенина.
Драги битолчанки, блескајте секогаш како што знаете и простете ми што некогаш не сум достојна за оние 50% што ги носам од Битола. А јас едвај ја чекам промоцијата за да ви се изнагледам, да ми ја разубавите и ве изнагушкам. Ве сакам, Ана Бунтеска
Ана Бунтеска, македонска поетеса