Убавината на битолчанки: Мит или вистина?
Убавината на битолчанки, по мене, е една докажана и впрочем често опишувана и опеана вистина. И ако треба јас да ја дефинирам таа убавина и како се стекна битолското “чупе” со овој епитет ќе морам да се вратам можеби век- пола век назад, кога на нашиот Широк сокак шетале најелегантните дами во оваа држава. Битолската женска убавина не била само природна, сирова, едноставна, туку стекната . Убавина која не се дефинирала само преку надворешниот изглед, туку целокупна убавина на телото, на душата, на зборот, држењето, однесувањето. Битолската дама исто се издвојувала со својата култура на облекување и почитување на дрес кодот на одредени настани или институции. Таа точно знаела што се носи на одредена манифестација или настан, која доза на сексипил е дозволена и дали воопшто е дозволена, какви чевли одговараат, колку треба да е суптилна шминката и боите на облеката.
Секогаш отмена, елегантна, ненаметлива и своја… Никогаш нападна, вулгарна и некултурна. Таа е скромна, едноставна но привлечна, која го заигрува твојот поглед и те остава полека да откриеш висока елеганција.
Убавината на битолчанки била и ќе биде дефинирана од нејзиниот карактер, нејзиниот стил, интелектот кој го поседува, снагата и самодовербата кои исправено, со секој чекор ги носи, културата на однесување и живеење кои со секој здив ги диши и најмногу од убавината на душата која низ дела ја покажува. Оној таен зачин на мојот поим за женската убавина е насмевката. Среќните и насмеани жени се најубавите жени. А Широк Сокак препознава многу такви битолчанки.
Да не заборавиме, оваа “убава” титула на битолските чупиња стекната со труд од минатите генерации е исто аманет и обврска на идните генерации: да го задржат овој епитет во секој негов сегмент оти само вака комплетната убавина е препознатлива како битолска убавина. Да не го нарушиме најубавиот детал на најпознатото корзо на балканот. Нашиот автор Д.Д.Такец и јас се сложуваме околу следното:
“На Широк Сокак газете кротко, нежно и со љубов.
Не е секоја нога за Широк Сокак!“
Христина Фуна косопственик и финансиски менаџер на Синпекс