Тамара Гугучевска, стјуардеса на Саудиа Аирлајнес
Надворешната убавина е внатрешното расположение. Безразлика дали е битолчанка или парижанка… Девојка која е вистински израдувана е преубава за сите. Како и жените од другите градови така и битолчанките се опеани во многу песни.
Конкретно за битолчанки велат:
Во Битола нема аеродром ама затоа жените се авиони.
Полина Ѓоргиева адвокат во адвокатското друштво “IPSO IURE”
„Митовите се верувања, кои претендираат да постанат вистина“ – Џорџ Орвел
И како секоја бајка што почнува… Во една мала држава, постоеше еден мал град… Град со различни имиња, град каде се менуваше културата, град каде се мешаа културите и религиите, град на различностите, град со посебна „врста“ на народ, град со мирис на зрелост. Битола Бабам Битола. Битола е градот со многу митови, приказни, незлонамерни озборувања.
Битола е градот за кој пишувал и архимандритот Антонин Капусти, кој во 1865 година, напишал дека Битола „е голем град, нов, добро изграден, трговски, но и со различен народ и со многу различни вери“.
Но, времињата се менуваат. Ова е 21 век… А во Битола… Па во Битола времето застанува и дозволува секој прав битолчанец, и денес, на раат и во мир да го испие своето кафе на Широк Сокак.
Времето ни дозволува да ги посетиме и старите дуќанџии во една од најстарите македонски чаршии, да го восприемеме повторно мирисот на старата Битола, преку мирисот на печките каде сеуште се кова железо, каде сеуште се печат кикири и леблебии, да го осетеме мирисот на турската баклава и вкусот на бозата која режи во грлото. Повторно времето работи во наша корист, и ни дозволува да направиме долга прошетка по Градскиот парк, чии темели се ставени уште во времето на Отоманската Империја. А таму, носот го преплавуваат мирисите на боровите, елките, липите, мирисот на пресно косената трева и мирисот на утрешниот ручек на станарите на блиските куќи (чкембе чорба на битолски начин!).
Времето ни дозволува и да ги посетиме нашите блиски, да седнеме пред нивниот двор, и така, по битолски „да маниме едно кафе“, под што се подразбира јако турско кафе, со јака дневна доза на новини од битолската чаршија Но, за да зборувам за Битола, не можам а да не ја споменам и жената. Затоа што Битола е градот на убавата жена, на негуваната жена, на независната жена. А тоа не е мит. Не е ниту мит вистинската љубовна приказна помеѓу една од најпознатите битолски дами, Елени, и големиот турски реформатор Кемал Мустафа Ататурк.
Не е мит, нејзината нежна убавина, нејзината елоквентност и слаткоречивост изразена преку емотивното писмо пратено до нејзиниот љубов. Зборот „Битолчанка“ е збор кој заслужува посебно, издвоено место во македонскиот лексикон на зборови, за кој е потребен долг и детален опис за истиот.
Битолчанки се Халеевата комета. Онаа комета, која доаѓа многу ретко. Но кога доаѓа, доаѓа во полн сјај, со цела своја силина, жестина и енергија. И остава трага. Долга трага. Некогаш и вечна трага.
Битолчанки се оние дами, кои во книгата на Луѓето, се родени под псевдонимот „Халеева комета“. Битолчанки, се оние дами кои знаат како да останат запаметени, знаат дека потребен е само еден акцесоар – да се биде свои. „Свои“ во сопствените добри намери, „свои“ во сопствените чекори, „свои“ во сопствените грешки, но пред сé „свои“ во сопствените мисли и размислувања.
Битолчанки се свои на своето, затоа што тие знаат со сите свои мани и врлини, гордо да чекорат по Широк Сокак, низ Старата Чаршија, по тесните калдрмасти уличиња. И знаат да остават трага. Долга трага. Трага во срцето, во душата, во сите мозочни виуги, во сите клетки и пори. Затоа, како и погоре напоменав, за да зборувам за Битола, мора да зборувам и за Битолчанки, затоа што едното со другото се испреплетуваат, се надополнуваат, и прават една совршена целина, целина која е опеана, раскажувана, прераскажувана, целина која од мит, станува реалност.
Maрија Кочовска и Катерина Шамбевска од “Сѐ за храна”
Убавината на битолчанки, дали е мит или вистина? – Интересно и често дискутирано прашање на секоја можна средба со луѓе од други градови и држави. Кој слушнал за Битола, има да каже по некој убав збор за битолчанки. При посета на семинари во нашата и други земји сме имале можност да слушнеме разни пофалби за изгледот и стилот на дотерување.
Често знаат да речат ,,Се знае штом е дотерана мора да е битолчанка”. А на тоа знаеме да одговориме дека иако Битола во последно време е многу запоставена, сепак културата и традицијата ја почитуваат речиси сите битолчанки.
Како и да е, убавината по наше мислење е многу повеќе од облека и изглед. Скапата облека, фит тело, надградбите на коса, трепки, полнетите усни, козметички тетоважи итн, …не би ги вбројале како примарни за убавина.
Убавината е нешто кое се носи во себе, а се истакнува преку надворешната појава. Некој може да изгледа „совршено“ по модерните ,,стандарди”, но едноличноста и губењето на уникатните карактеристики на личноста, често пати водат до спротивен впечаток од убавина.
Тука се и вредностите како добрите намери, желбата да се помага, разбирање и поддршката на другите кога им е потребно…
За тоа е потребно широко срце и топла насмевка, тоа е најголема убавина! Според нас битолчанки се убави на разни начини, надворешно, но и внатрешно, за што сведочат многу нивни активности.
Затоа драги дами, најважно е како се чувствувате, а добрите дела носат среќа и радост. Заборавете на скапите облеки, секојдневната шминка и уживајте во убавите моменти со најблиските и пријателите.
Секој ден нека биде ваш ден, Среќен 8 Март, Марија и Катерина, sezahrana.mk.