Александар Фидановски го освои второто место во екстремно спуштање со велосипед во дисциплината даунхил на меѓународниот натпревар што се одржа во центарот Торник на планината Златибор во Србија.
Во дисциплината даунхил, која е особено атрактивна за љубителите на адреналинските спортови, Фидановски освои сребрен медал во конкуренција на 43 натпреварувачи од повеќе европски земји.
Фидановски, кој е член на битолскиот клуб „Екстрим БТ“, успешно ја совлада патеката која беше прилично тешка и на места со големи препреки.
– Можам да кажам дека конкуренцијата беше навистина тешка, патеката сложена, но искуството што од таму го понесов е одлично. Се обидов во најдобро светло да го претставам мој матичен клуб „Екстрим БТ“, но особено ми е драго што бев претставник на Македонија, која всушност првпат учествува на ваков натпревар. Нашата земја, впрочем, покажува дека има сериозни и квалитетни спортисти, не само во оваа, туку и во многу други дисциплини, изјави Фидановски за МИА.
Инаку, Фидановски беше втор во групата ЕЛИТ, а трет во севкупен пласман.
Извор СпортМ