„Welcome to the hotel California“ – беше легендарниот хит на славната американска поп-рок група “Еаглес”. Песната е уште актуелна и слушана, што дури го инспирира нашиот Игор Џамбазов да ја транспонира во македонска хотелска верзија. Како и да е, Калифорнија е далечна дестинација, дури и за американската држава. Административниот центар на САД е Вашингтон. Центар на бизнисот е Њујорк. Да се биде во центарот на градот, животот, бизнисот, случувањата, е главната работа во светот. Центарот е и средиште. Средиштето е место каде што силите на привлекување и одбивање се во рамнотежа.Бидејќи секој се стреми да се најде во рамнотежна состојба, тоа ќе рече дека е природен стремежот за заземање на централната позиција. Гравитациона оска на секој град е неговиот центар. Иглата на градскиот компас тогаш мирува затоа што компасот за секој град е неговиот центар. Сите туристички дестинации тргнуваат и завршуваат во центарот на градовите. За Москва тоа е Кремљ. За Атина средишно место е плоштадот “Омонија”. За Белград тоа е “Кнез Михајлова”… За Битола тоа е местото каде што се наоѓа хотелот “Македонија”.

И не е битно кое време е. И во времето на целокупна Б’лгарија, во времето на Вардарска бановина, па и во нашето социјалистичко македонско време, хотелот “Македонија” отсекогаш бил центар на Битола. Се менувало само името на централната улица – ,,Цар Борис”, ,,Краљ Александар Караѓорѓевиќ”, ,,Маршал Тито”… ама бројките на четирите куќи што ја сочинуваат основата на хотелот секогаш биле 1, 3, 5 и 7.
Само денес кога постои самостојна, независна и суверена македонска држава, хотелот “Македонија” во Битола не постои. Хотелот е тука, видлив за секого, со грдата соцреалистична фасада што го нагрдува центарот на Битола… Меѓутоа, за првостепените и второстепени комисии за денационализација, Основниот и Апелационен суд во Битола, постоењето на хотелот е оптичка измама за сите граѓани на Битола и (не)намерните посетители. Некој ќе рече дека “Парадоксот на Диоген” е најеклатантно применлив за овој случај. Јас ќе речам и ќе повторам дека враќањето на тој хотел на наследниците, на оној кому му е тој одземен, е најкласичен пример колку една транзициска држава може да биде неправедна кон своите граѓани.

А појасен случај за денационализација не може да постои во нашата држава. Хотелот постои. Наледниците на Илија Иванов, сопственикот на хотелот, се од прв и втор наследен ред , што е услов согласно со Законот за денационализација.
Пресудата со која му се национализира целокупниот имот на Иванов е чиста како солза. Навистина, збунуваат буквите на пресудата исчукана на машина за пишување со бугарска ортографија?! Што да се прави, по ослободувањето во 1946 година, немало македонски машини за пишување. Трагедијата е што имотот се одзема од г-динот Иванов затоа што за време на бугарската окупација во неговата печатница “Просвета” се печатело на бугарски јазик?! Поради тоа, неговото работење се квалификува како чин на соработка со бугарскиот окупатор и му се одземаат хотелот и печатницата. Е, на кој тоа јазик можело да се пишува за време на бугарската окупација?! Тоа што пресудата на Народниот суд во Битола за одземање на севкупниот имот на г-дин Иванов е напишана на бугарски јазик не ли значи дека и Народниот суд во Битола соработува со бугарскиот окупатор ?! Ех, сў ќе видиме во ова наше ,,простожитејство”, ама театар најмногу ќе се изнагледаме.
Во прашање е етиката на македонската држава. Можам да прифатам дека во времето на револуционерната безусловност, не постоел друг повисок стандард. Прифаќам дека над револуционерниот суд тогаш не можело да постои ништо друго. Но, мислам дека производ на сите македонски несреќи е токму таквата безусловност.

Сепак, не можам да ја прифатам хипокризијата на денешното време, кога сите се деклариравме за човечка безусловност. Се определивме за систем во кој доминатна идеологија се човековите права и граѓанските слободи. Почетокот на борбата за новите човекови права мораше да биде исправање на старите неправди од револуционерното време. А тоа е поврзано со враќањето на неправедно одземените имоти на наследници на македонски граѓани, кои настрадале во тие виорни времиња.
Јасно е дека приватизацијата на општествениот капитал во нашата транзициска држава не смееше да почне додека не се врати неправедно одземениот имот. Пред да се донесе Законот за трансформација на опшествениот капитал мораше прво да биде донесен Законот за денационализација. Тоа е аксиом за елементарна почит кон начелото на човекови права. Така беше во Бугарија, Чешка, Унгарија…

Бидејќи така не се направи, очигледно е дури и по донесување на Законот за денационализација дека волунтаризмите на државната администрација во примената на тој Закон предизвикаа нови неправди кај македонските граѓани.
Политичката власт на реформираниот Сојуз на комунисти на Македонија, опредметена со владеењето на Социјалдемократскиот сојуз, ниту за своите први 6,5 години владеење, ниту за овие “нови” 3,5 години владеење, покажа дека нема намера да ја го разреши проблемот на денационализацијата.

За 10 години власт во Република Македонија ниту поведоа, ниту разрешија барем еден предмет на денационализација. За нив беше нормално најпрво тие да си ги наследат имотите на поранешниот Сојуз на комунисти. Тоа е волчешки природно. На волкот му е дебел вратот оти сам си ги врши работите. Какво враќање на национализиран имот, какви човекови права. Тоа суштествува само како лажна изјава на актуелната власт во одговорите на европрашалникот за делот на денационализацијата.

А на лагата му се кратки нозете…

Доаѓањето на власт на коалицијата “За промени”, навести народна правда за оштетените граѓани од социјалистичката револуција. Навистина се отворија многу затворени предмети. Многумина добија задоцнета, горчлива сатисфакција за непотребното страдање на нивните родители… Со емисијата на обврзниците за денационализација се разви и пазарот со хартии од вредност. Меѓутоа, имаше и многу злоупотреби, волунтаристички процени, политизицаја на процедурата за враќање на имотот…

Ако во тоа време бевте пратеник од власта, лесно можеше да си го повратите хотелот “Солун” во Битола. А ако бевте обичен граѓанин, не можевте да си го повратите хотелот “Македонија” во истиот град.
Иронијата да биде уште поголема, стечаен судија го продаде хотелот “Македонија” на приватно лице, како хипотекарен имот, на штедилницата “Либертас” за 1,6 милиони евра. Судовите во Битола тврдеа дека хотелот не постои?! Како наеднаш хотелот се продаде за толку многу пари, а не постои?! Да не се случајно во прашање штедните влогови во таа штедилница на некој од битолските судии?! Или во прашање е грдата фасада на хотелот поради која судовите во Битола тврдат дека четирите куќи од кои е направен хотелот едноставно не постојат… Сево ова ми личи на онаа позната изрека од турско време со која Македонците “се ваделе” кога власта ги прашувала дали виделе некој комита: “Тука беше ефендијо, сега помина, ама не го видов”… Очигледно е дека современата македонска држава не сака да ги види очигледните факти за огромната неправда што им се прави на граѓаните кои бараат враќање на одземениот имот – хотелот “Македонија”.
Може молчењето на Второстепената владина комисија за денационалазција да се оправдува со тесни грла во администрацијата. Може политички да се брани тезата дека денационализацијата е или не е завршен процес. Во принцип може сў… Само едно нешто не може да се оправда. Тоа е кога се уништува довербата на граѓаните во македонската држава. Постапувајќи неправедно, токму така како што не треба да се постапува, Република Македонија ги губи и граѓаните и државата?!


Текстот е извадок од непознат весник, после 2010 г., Вест, Утрински или Дневник, зачуван само како таков во напите архиви Доколку се препознае авторот слободно да не контактира за да го потпишиме.

Поврзано: