Во минатото нашиот народ не можејќи да си најде лек за здравствените и љубовни проблеми, често прибегнувал кон баењето како магиско дејство. Марко Цепенков, кој во својата собирачка дејност прибрал многу баења, забележал и еден интересен магиски обред. Во Битола има прочуени бајачки од типот на Баба Сија која баела од уроци, потоа една баба која живеела во Курддереси маало која баела со сребрено тавче, па Ленка Каленика која баела и гледала на панги(карти за играње), и редица други. Особено моќно магиско место било Крива воденица. Крива воденица се користела за баење против уроци, за здравствени проблеми но и за решавање на љубовни проблеми. Водата што што го вртела колцето на воденицата била многу лековите особено за жените. Од ден Великичетврток па се до Спасовден, луѓето од Битола и Битолско оделе да се вртат на колцето. Оној кој имал мака, марифетот бил да слезе долу во јазот, да се качи на колцето и да се фати за вретеното. Воденичарот потоа ја пуштал водата во јазот но во обратен тек (ко колцето при работа се вртело на десно, сега ќе се вртело на лево). На овој начин се правела и љубовна магија, па така определниот маж или жена, требало да каже како што се врти колцето така да му се сврти умот на мажот ми/ жена ми по мене. Се вртеле до три пати, потоа се измивале во водата и натопувале две кошули. Една ја облекувал оној кој се вртел а другата некажувајќи им дека е натопена под колцето на воденицата, се давала да ја носи оној на кој требало умот да му се заврти. За вртењето, воденичарот им наплаќал по некоја ситна пара.

Извор: Марко Цепенков, Македонско Народно творештво, том.9, Македонска книга, Скопје, 1972, 292-293

Овие магиски појави биле толку вкоренeти што имаат и извесен континуитет. За магиската моќ на Крива воденица пишува и во патеписот на Consul`s daughter and wife, People of Turkey, vol.2, Jon Murray, London, 1878, 236-237 со таа разлика што тука обреден ден бил секој четврток од неделата а не само Величетврток.

Благодарност до Васко Гичевски за текстот и фотографијата.