Националниот парк „Пелистер“ се наоѓа помеѓу Преспанската Котлина и котлината Пелагонија. Тое е прв прогласен национален парк на територија на Република Македонија.
За национален парк е прогласен уште во 1948 година. Површината на овој национален парк изнесува 10.400 хектари. Тој опфаќа дел од планината Баба и тоа највисокиот врв Пелистер (2.601метар), а со височина од над 2.000 метри познати се уште некои други врвови на оваа планина. И покрај тоа што зафаќа вака висок планински простор, овој национален парк е доста пристапен, а од Битола до неговиот локалитет Копанки има околу 15 км.
Природните вредности на Националниот парк Пелистер
Природните вредности на овој планински простор се мошне интересни и карактеристични. Тоа се однесува на геолошките, геоморфолошките, климатските, хидрографските, какои на биогеографските особини.
Геоморфолошки вредности
Геолошките карактеристики се во тесна врска со положбата што ја има планината Баба со Пелистер. Таа му припаѓа на внатрешниот динарски систем со извесни разлики кои се последица на различните магматски интрузии. Можат да се издвојат следните стратографски членови :
На северниот и североинточниот дел се јавува комплексот на палеозојски карпи ;
Мезозојските магматски карпи се јавуваат на источниот раб и централниот и југозападниот дел. Овие карпи претставуваат околу една половина од теренот ;
Блиските периферни делови на планинскиот масив, како на Пелагониската така и на Преспанската котлина се карактеризаат со комплекс на неогени седиментни и квартарни наслаги во вод на жолтоцрвени песоци, неогени чакали, меренски, флувоглацијални и алувијални наслаги.
Во тектонска смисла, Пелистер претставува хорст, што од туристичка смисла има двојно значење. Тоа е извонреден едукативен пример во геоморфолошка смисла, така што посетителите можат доста да научат.
Туристичкото значење се огледа и во тоа што овој типичен хорст претставува доминантен видиковец, од кој се протегаат величествени панорами. Погледот се протега мошне широко и досега до планината Јакупица на север, Селечката Планина и Кајмачалан на исток и кон Преспанското Езеро, планините Галичица и Јабланица на северозапад. Како на дланка може да се набљудува рамнината Пелагонија и да се ужива во боите од Преспанското Езеро.
Трагите на глацијалниот релјеф претставуваат туристичко кориозитетно атрактивно својство на овој национален парк. Тоа произлегува оттука што ретко каде се јавува вака изразените форми на оваа ерозија, кои се мошне пристапни. На овој простор се присутни циркови во кои се заезерила вода и на тој начин ги формирала глацијалните езера, потоа варовните долини кои се наоѓаат на страните на Пелистер и моренските флувиоглацијални наноси.
Во таа насока посебно значење заслужуваат камените реки. Тоа се суводолици исполнети со длабински материјал добиен со денудација и механичко распаѓање на карпите, составен од големо количество искршени карпи и блокови со различна големина и хаотично испретурени.
Климатските вредности
Климатските услови на Пелистер се мошне погодни. Климата се одликува со умереност како во зимскиот дел од годината така и во летниот период. Средномесечната јулска температура изнесува 18,4 °C, што укажува на мошне пријатна рекреативна вредност. Средномесечната јануарска температура изнесува -2,6 °C.
Средногодишната температура на воздухот на Пелистер на надморска височина од 1.200 метри изнасува 8,3 °C. Тоа укажува на фактот дека средногодишната температура е повисока од температурата на Баварските Алпи, каде таа на надморска височина од 912 метри изнесува 6,2 °C, од Тирол каде на надморска височина од 980 метри изнесува 6,2 °C, Бадглаштајн со 5,6 °C и од други во светот познати туристички центри. Распоредот и ширината на врнежите одговараат на останатите погодности во овој национален парк. Најголемо количество Пелистер прима кон крајот на есента и почетокот на зимата каде се и најпотребни за одвивање на зимско – спортските скијачки активности. Тие во овој национален парк се дефинирани со изградбата на жицарницата и ски патеките. Отсуството на врнежи во летниот дел од годината овозможува пријатни прошетки низ националниот парк Пелистер, кој оддава пријатна свежина и во месеците со највисоки температури на воздухот.
Националниот парк се карактеризира и со изворедно богатство на хидрографски вредности. Во групата на вои атрактивности доминантно место заземаат Големото и Малото глацијално езеро, кои се лоцирани над шумската граница.
Хидрографските вредности
Пелистер се карактеризира со бројни извори и доста постојани и повремени водотеци. Меѓу водотеците посебно место заслужуваат планинските реки: Сапунчица, Црвена Река, Шемница, Вртушка, Брајчинска и др. овие реки го оплеменуваат просторот, а појавата на риби во нив ја отвора можноста за поширока рекреативно-туристичка содржина на националниот парк.
Биогеографските вредности
Вредноста на национачлниот парк Пелистер сепак се темели на извонредното и специфичното биогеографско наследство. Во тој контекст разновидноста на растителниот свет е посебно нагласено. За Пелистер се вели дека претставува “природен арборетум”. На оваа планина растат околу 88 дрвенести растенија, кои се класификувани во 23 фамилии, што претставуваат 29 проценти од вкупната дендрофлора во Република Македонија.
Моликата претставува најзастапена, најраширена и најначајна растителна форма во националниот парк Пелистер. Се работи за мошне убава шума која има изворедни рекреативни својства, но и шума која има ендемски карактер и во таа смисла изразити кириозитетни атрактивни туристички својства. Моликата е всушност автохтон петолистен бор со терциерна старост. Како реликтен вид моликата претставува феномен на Балканскиот Полуостров. Расте на сите експозиции, а најповеќе ја има на северните, североисточните и северозападните страни каде што има доволно влага.
Покрај моликата, на Пелистер е застапен и вегетацијата на нискостеблести шуми. Тоа се следниве заедници:
Шумата на плокач и цер, која е распространета на западните падини на Вртушка од 900 до 1.100 метринадморка височина ;
Шумата на даб-горун, која е надоврзува на шумата од дабот, плокач и цер и се протега од 1.000 до 1.250 метри надморска височина ;
Буково – еловата шума, која се наоѓа на северната страна на Вртушка, на височините од 1.250 до 1.800 метри ;
Високопланинската букова шума, која се јавува на северните падини на вртушка, на височините од 1.800 метри.
Ваквите извонредни шуми и други флористични елементи во себе кријат големо богатство на животински свет. Меѓу нив од туристичка гледна точка значајни се видовите на висок и низок дивеч. Скоро сите главни видови се застапени во овој национален парк. Ловот во најголемиот дел од националниот парк е наполно забранет, така што како ловна зона е утврдена источната падина на планината Баба. Пелистер е прифатен во прелиминарниот список за вклучување во списокот на Унеско.
Извор Википедија, фотографии непознат автор