На денешен ден точно пред 20 години започна успешна битолска приказна, 20 годишната приказна на ДООЕЛ БАБУК од Битола. Ние како хроничари на градот одлучивме да контактираме со сопственикот Ѓоко Христов-дипломиран машински инженер, со цел да Ве запознаеме вас со почетокот и хронологијата на оваа фирма низ годините од нивната работа.

Здраво господине Ѓоко. Бабук е 20 години успешна битолска приказна и сигурно би било интересно за нашите читатели да ни раскажите како започна сето тоа?

На 16 август 2000, пред точно 20 години започна приказната за БАБУК. Како дипломиран машински инженер , не можејќи да најдам вработување од мојата струка, решив да ја пробам среќата со свој бизнис. Не дека работата во приватниот сектор ми е непозната, но ова беше нешто друго.

После низа пријавувања на безброј огласи, на кои не добив ниту еден позитивен одговор, решив да си ја пробам среќата и да ја остварам мојата долгогодишна желба. Отворањето на фирмата беше неизбежен чекор а името на истата е приказна за себе. Немаше двоумење дека ако некогаш имам своја фирма, ќе се вика БАБУК. Бабуковци беа познати трговци на времето. Горд сум на своите предци, на својата фамилија, и ова име сеуште живее во Битола, со презимето Бабука на мои роднини и еве со името на мојата фирма.

Ѓорѓи Бабуко, фотографиран пред неговиот дуќан на Широк Сокак

Какви беа почетоците и каде бевте лоцирани на почетокот?

Почетоците беа тешки како и на секоја фирма. Почнавме во мал дуќан во куќата на Папакоч, заедно со моето семејство. Беше прашање на опстанок. За кратко време се дислоциравме кај поштата, подоцна се проширивме со нов дуќан во улицата кај ѕвончарите. Растевме и со бројот на вработени и со дејностите. Од мала фотокопирница прераснавме во фирма со низа услужни дејности.

Фотографии од првиот дуќан Бабук, отворен пред 20г во куќата на Папакоч

Имате соработка со голем број на битолски фирми и субјекти. По што сте препознатливи и горди во делокругот на вашата работа?

Горд сум на се што сме постигнале исклучиво самостојно, без ничија помош, воведувајќи нови дејности, некои и за прв пат во нашиот град. Се што сме постигнале за овие 20 години е плод на макотрпна работа, типично за секој мал бизнис. Можам да се пофалам и заблагодарам за долгогодишната соработка на голем број битолски фирми, невладини организации, физички лица, кои се наши редовни муштерии.

Сегашниот дуќан кај Ѕвончарите

Очигледно го препознале квалитетот кој се трудиме да го задржиме од самиот почеток. На нашиот пазар само квалитетот и чесното работење може да те задржи на површина, посебно кога станува збор за фирми од нашиот калибар.

Посети на саеми и презентации

Покрај услужните дејности за печатење, фотокопирање и книжара, што друго работите и изработувате?

Тие што се наши редовни муштерии знаат со што се располагаме, но многу наши сограѓани не знаат дека покрај печатарските, фотокопирните и книжарските дејности, работиме со низа апарати, од кои некои се и единствени во нашиот град. Од самиот почеток работиме на полето на дигитално печатење во боја со најсовремени продукциски машини (визит карти, мениа, постери, летоци, брошури, декларации…), ласерско гравирање и сечење (печати, натписи на врати, информациони и заштитни табли од плексиглас, сувенири, приврзоци…) сублимациско печатење (чаши, маици и секакви други текстилни материјали), а секако и печатењето и катирање на големи формати (брендирање на излози, возила, знаци, стикери…), а еве веќе скоро две години го имаме и најновиот УВ принтер со кој можеме да печатиме на секакви материјали во боја (роковници, ИД картички, маски за телефон, плексиглас, пенкала, запалки…)

(Сегашните апарати, УВ принтер, плотер и катер)

(дел од асортиманот на Бабук)

Вработените во БАБУК се ваши долгогодишни лојални работници. Како тоа Ви успева?

Вработените во БАБУК се дел од БАБУК. Тие се мои стари познаници, другари кои всушност беа поканети заедно да го издигнеме БАБУК од мала во сериозна фирма. Тие се кај нас скоро од самите почетоци.

Ги пребродивме сите кризи заедно и се радувавме на сите успеси. Се надевам дека така ќе биде и со оваа ситуација. Искрено им посакувам на сите бизниси да опстојат, затоа што сите сме поврзани меѓу себе и сите, сакале или не зависиме еден од друг.

Сигурно задоволството на муштериите многу Ви значи. Каков е Вашиот однос со нив?

Од денот кога ја отворив фирмата, максимално сум посветен на работата. Не само организационо, туку и физички. Повеќето нови апарати ги работам исклучиво јас, па затоа за мене нема работно време. Сакам се да помини низ мои раце, таму каде што можам да стигнам и да исконтролирам.
Едноставно сакам кога муштериите се задоволни и среќни. Тие се мојата најдобра реклама. Со некои од нив благодарение на нашата долгогодишна соработка станавме и добри пријатели. Тоа ми е посебно мило.


Бабук низ годините се покажа како општествено одговорна компанија која потпомогнала во доста хуманитарни активности. Од нас им го честитаме дваесет годишниот јубилеј со искрени желби за уште поуспешна работа во годините кои доаѓаат.