Покрај неколкуте помали, некои подигнати и при крајот на 19 век,
најпознати и опеани касарни во градот, станале три, Црвената, Белата и Коњичката, кои среде битолчани биле познати како „к’шлите“. Биле велелепни современи градби, но и со традиционални османлиски наследства, извлечени од некогашните азиски шаторски зимски воени престојувалишта (да бидат свртени кон југ и во непосредна близина на сочни пасишта).

Глобален поглед врз Црвената касарна

Црвената и Белата касарна биле лоцирани во месноста Шехралти
(Подград) и тој избор бил добро проучен и оправдан, биле во близина во градот, на омилената јужна страна, а и во непосредна комуникациска врска со пристаништето во Солун. Првата била на местото познато како Гокче Бунар (денес околу Спортската сала), додека втората ги допирала падините на блискиот рид. Првата била намената за пешадинците, најбројниот род во секоја армија, оттаму и второто име – Пешадинска, додека „Црвена“ го добила заради фасадните препечени тули. Многу датуми во врска со неа додека не биле обелоденети османлиските документи биле дискутабилни и спорни, меѓу другото, и датумот на влегувањето на војската во неа, дали тоа се случило во 1836 год.,
во 1837.год. или во 1838 год.

Влезот на Црвената касарна (Реконструкција – М. Шундовска)

Конечно, откриено е дека изборот на локацијата, премерот, техничките и другите подготовки, се случиле во 1836 год., градбата отпочнала во 1837 год.,генералниот дел од изведбата во 1838 год., додека инсталирањето на војската во неа било три години подоцна, во 1839 год. („пред извесно време е завршена“ – 17 мај 1839 год.“, се вели во еден извештај.) Само што била предадена и почнала да функционира, во 1844 год. доживеала пожар, кој, со брзинска интервенција, само за неколку месеци, бил саниран, а гласот за пожаров беше стигнал и до дипломатите во Солун. Крајот нејзин поврзан е со интензивните бомбардирања во Првата светска војна, кога бил уништен и основниот фонд битолски градежни објекти.

Според сите градежни параметри, важечки и тогаш и денес, касарнава била импресивен градежен објект, непознат во историјата на градежништвото на Османската Империја. Имала квадратна форма, била од приземје и кат, со должински 180 метри на секоја страна, во чие огромно пацио се влегувало од 8 пристапни влеза. Раскошниот главен влез гледал на исток, уште еден, но не и со истите градежни специфики, обичен, се наоѓал на спротивна, западна страна и служел како комуникациска врска со тамошните помошни објекти. На првиот кат од главниот влез, кој бил изведен со столбови, се наоѓале командните канцеларии и на истиот се истакнувала омилената османлиска атика, како и бројните архитектонски украси, кои, сите заедно, оставале посебен впечаток.
На четирите агли се издигале четири кули, сите за еден кат надвиснати над објектов, за кои се претпоставува дека служеле како кујни, трпезарии, клубови и како дневни престојувалишта за војниците. Со сите тие специфики е сосема јасно дека објектов било дело на врвен архитект, кој ги осознал и ги вградил во него, а со цел да ги задоволи најосновните потреби на една организирана, современа армија, трудејќи да интегрира една повеќеилјадна заедница во едно јадро, во кое редот, дисциплината и потребата од брз трансфер биле најпримарните, но истовремено да обезбеди и личен интимитет, поврзан најмногу со слободнте часови, кога човекот има потреба да остане сам.

Има тврдење, кое е прифатено од неколкумина проучувачи на градежништвото во Битола, дека била дело на прочуениот македонски градител Стојан Везенков (1808-1897), чии капитални, профани и световни градби и денес можат да се сретнат низ сиот Балкан и сето тоа го базираат врз признанието и сабјата што ги добил од султанот. Тоа, меѓутоа, со ништо не може да се поткрепи, неговото име не фигурира во ниту еден османлиски документ, не само во врска со касарнава и со останатите позначајни градби. Во врска со касарнава се среќаваат имиња на устабашии и архитекти (Мустафа ефендија, инженер од Цариград, кој ја извршил завршната градежна инспекција, Ариф чауш, надзорник, кој ја надгледувал изведбата на коњушницата и на некои други), но не и името на овој градител, кој, патем, ниту имал искуство со вакви градби, макар што се споменува и со некаква касарна во Сараево, каде не бил градител, туку бил надзорник. Султанското признание и сабјата, според тоа, добиени се за други заслуги, поврзани најверојатно со надзорништвото при обновата на касарнава по пожарот. Градежниот план бил увезен, односно бил западноевропски, каде што ваквите градби биле познати. Научните истражувања на д-р Милена Шундовска, дадени во нејзиниот докторат, одбранет во Милано, чии реконструкции ги користиме и ние, недвосмислено го поткрепува тоа.

Инаку, од друга страна, може слободно да се тврди дека влогот што го дало христијанското население при изведбата, не само во финансирањето и воопшто не се спорни. Русинот Виктор Иванович Григорович, кој во Битола дошол при самиот крај на изведбата (1845), го потврдуваат тоа. Работни групи од по 10-на до стотина и повеќе лица, на чело со устабашии, ги изведувале најбројните и најсложените операции, почнувајќи од обезбедување и довезување градежен материјал, негово вградување, па и финализирање на најфините операции. Се користел домашен градежен материјал, при што никако не се штедело и на увозниот, англиски (клучеви), венецијански (огледала) и друг, сè со цел градбата да прерасне во репрезентативна и да остава посебен впечаток, истите без редукции нашле место и во „офицерскиот салон што е над големата порта“. Во нејзината изведба учествувале овие тајфи и поединци: Панајот, син на Јорго од Костинец (каза Серфиџе), устабашија на дограмаџии, варџии, каменари; Хаџи Јани, дограмаџија и варџија од с. Бобошница (Костур) со тајфата; устабашијата Коте Дафко, дограмаџија и варџија од Населич; мајстор Ѓорѓи, син на Танас од с. Богоцко (Хрупишта)-дограмаџии и каменари; Ѓорѓо од с. Дреново и Трајко од с. Трбецко, дограмаџии и каменари од каза Корча; Цветко Дадо и Ристо Ѓорѓи од с. Костенец, дограмаџии и каменари; устабашија Алекса од Охридска каза, дограмаџии, варџии, тенеќеџии; Дијан, син на Никола од с. Бабаница, Коста и охриѓанецот Алекса, дограмаџии, каменари во рудник, тенеќеџии; мајстор Стојан од Прилеп со тајфата, каменари во рудник, камења за аглите, дограмаџии, тенеќеџии и други. До половина објектот се градел преку надници, нагоре кутурица, како и дрвенаријата, освен офицерскиот салон, кој се наоѓал над големата порта. Кутурица работеле: мајстор Коста од Населич; хаџи Јани од Костур; Ѓорѓи од Богоцко (Костур); Никола од Дебар; Стојан од Прилеп; Димо од Beлес и Јани од Битола; Ицо од Крушево; Стојан од Прилеп со тајфата; мајстор Никола, син на Ѓорѓи, дограмаџија и варџија од Трново, со тајфата, кои ги работеле камењата од аглите; мајстор Хасан, дограмаџија и варџија, со тајфата, од Битола; мајстор Никола, калфа Димо и Тодор Јани, Кара Никола, чауш Кара Никола, чауш Кара Зика Крсте; чауш Јани, син на Никола и Мете од Крушево; меданџијата Трендафил со тајфата; Јован, син на Ѓорѓо, мајстор од Дебарска каза; мајстор Никола од Смилево (Битолска каза), мајстор Петран од Крушево, кои со своите тајфи работеле врз бојадисувањето на касарната.

За најпотребното, за чистата питка вода, бил изведен и посебно сложен проект, кој подоцна ќе стане основа за востановување и на битолскиот градски водовод, во кој изобилните извори од Неолица станале најпримамливото решение. За еден ваков тежок зафат, проследен и со бројни ризици и со учество на извонреден број полуедуцирани, но и обични работници, сосема очекувано било да се има и поединечни и групни повреди и несреќи. Една се случила во рудникот за мермер при експлозија на барут, кога биле ранети поголем број работници, некои и со сериозни повреди. За сите нив, што е посебно интересно, се нашло денешно решение, материјално да бидат обештетени, со износ кој демантира дека само сила и принуда царувале при градбите. Секој поединец добил по 2.420 гроша, сума, споредена со дневните трошоци од тоа време, достојна за почит.
Битолските преданија го откриваат и градежниот амбиент што го применил Косе Ахмед Зекирија паша, командант на Третата армија, најодговорниот за изведбата. Во срцето на мешаницата беше подигнал подиум од каде го следел ангажманот на секој поединец и во многу случаи мрзеливи и неодговорни мајстори, работници и други „загинаа од неговата рака“, говорат сеќавањата. Негов заменик, повереник на Портата, стручно лице, станал мајорот Хаџи Абдул Фетах ага.

За 300 коњи за офицерите, била подигната и посебна коњушница во заднинскиот дел од градбава. Чинела 100.000 гроша и била еден, од повеќето такви прилепени заднински објекти што ги регистрирале и старите разгледници. Објектов чинел вкупно 925.000 гроша, собрани како задолжение од ејалетот Румелија, од кои 89.000 гроша паднале врз грбот на Битола.

Веднаш по завршувањето на изведбата, од Високата Порта, во месец април 1839 год., од Косе Ахмед Зекирија паша бил побаран детален отчет, со посебна нагласка истиот да се задржи најмногу врз деталните и врз сумарните трошоци. Во 1856 год. во касарнава биле сместени 10.000 војници, кои вежбовните и другите активности ги изведувале во пациото и на огромното плато пред објектов. Разгледниците од османлискиот период фрлаат светлина и врз тој дел од животот на војниците и говорат дека биле и физички и тактички. Касарнава продолжила да биде експлоатирана и од српската војска веднаш по 1912 г., па на платото пред неа, во 1914 год., била извршена и првата свечена воена обврска на првите српски регрути (скоро сите Македонци), чин што го регистрирала и една разгледница.

Извор „Градби ” проф. Александар Стерјовски