Битолчанецот Горан Мицевски – Кус со огромна љубов и почит кон Чкембарите, кон неговата родна Битола и кон споменот на Атанас Смилков – Кенан, ја преработи химната на Чкембарите “Птицо Моја“ и ја подари на градот, на сите навивачи, на сите Битолчани.
Сите почетоци се тешки. Но, кога тргнуваш да градиш нешто со љубов, кога ги поставуваш темелите на нешто што треба да трае, секој го дава најдоброто од себе за иднината на својот град. Кога Чкембарите ја започнуваа својата приказна, единствениот Атанас Смилков – Кенан ја направи „Птицо моја“ (како преработка на песната Били Цвитак од Јура Стублич и групата Филм) и таа стана дел од секој нивен настап на трибините прифаќајки ја како своја химна.

Преработката на химната на Чкембари не е само обнова на мелодијата, туку е обнова на ветувањето дека ќе стоиме нераскинливо до крајот, со истата страст, истата верба, истата љубов која секој Битолчанец ја носи во себе од своето раѓање и безрезервно ја дава на својот град.
Во реализацијата на новата верзија на химната, покрај Горан Мицевски – Кус вклучени се и членовите на бендот Brass Brothers: Пере Мелов – труба; Костадин Бетоф- Саксофон; Јован Мартиновски – Dj и поддршка како и Благоја Василевски – хорна.

Моќниот вокал кој ја изведува химната е на Драган Микаровски.
За новата верзија на химната изработен е и видео запис со помош и поддршка на подмладокот на Чкембарите – Петар Басар (Јунакот со бајракот во видеото), Ѓорѓи Дамјановски, Владимир Ацковски, Петар Тодоровски, Димитар Атанасовски и Димитриј Наумовски зад кој се потпишува Владич Бошковски.
Како поддржувач на овој проект, со финансиска помош се јавува и Општина Битола.
Од 1985 година, Чкембари се повеќе од навивачка група – тие се звукот и ехото на Битола, бренд на градот. Во текот на годините, гледавме како се менува се околу нас, но нивната љубов кон градот остана непроменета, силна и тврда како карпите на Пелистер.
Битола се сака со срце и со душа, но најмногу се сака со дела. Оваа химна ќе остане и за идните поколенија како дело и подарок од душата на вистинските битолчани.