Според документацијата на Министерството за народно здравје (док. бр. 17062 од 1920 год.) на Анастас Јован Филиповиќ му биле признати со закон пропишаните квалификации и потребната теоретска и практична спремност за самостојно ракување со аптека, дури на 16.7.1920 год., откако „…молителот прибави диплома од Цариградскиот универзитет (за завршен Фармацевтски факултет) од 19.8.1906 година“ (Начелство Битољског Округа… папка со наслов „Анастас Филиповиќ“).

Анастас (Ташко) Филипов(иќ) (1876 – 1951), на фотографија од Манаки, 1906 г.

За него д-р Брезјанин Р. пишува дека бил роден околу 1880 година, а дипломирал во Цариград во 1904 година. Според него, Анастас отворил аптека во Битола во текот на 1905 г., што судејќи по званичната документација, не е точно. (Р. Брезјанин: првите лекари и аптекари… цитирано). Аптекарот Анастас Филипов работел во својата аптека до пред смртта во 1951 година.

Сегашната градба погодена од виорот на Првата светска војна претрпува големи оштетувања и поради тоа новиот лик го добива дури во 1930-та и некаде околу 1934-та била завршена. Значајно за сопственикот било тоа што тој во тоа време завршил Факултет за фармација во Истанбул и се вратил тука во Битола каде што и работел како аптекар во аптеката „Нада“. Оваа аптека се наоѓала покрај реката Драгор, во тогашната улица „Булевар на Престолонаследникот“ бр. 253.

Во текот на 1926 година, кога во оваа аптека работел како аптекарски помошник Коста П. Трајков(иќ) (роден во Битола во 1907 год.), во истата улица се лоцирани седум јавни аптеки. Поради тоа, Анастас Филипов(иќ) барал дозвола за преместување на својата аптека „Нада“ од таа улица на улицата „Цара Душана“ бр. 1-2. Аптеката била многу добро снабдена со лекови и сите други потребни работи, поради што била една од најпосетените.

Извадок од поглавјето за фамилија Ташкови, кои имале куќа и живееле на Широк сокак, дел од книгата „Приказните од Широк сокак“ на Зоран Ѓоргиев.