Битола е можеби единствениот град во Р. Македонија кој има мошне специфична и необична генеза на топонимот-поточно на топонимите во кои е најчесто споменувана. Краткиов прилог нема за цел да докажува или анализира туку пред сè да воочи за некои од бројните поими со кои Битола постојано била споменувана поими или топоними кои зборуваат за невообичаениот богат живот во смисла на еден мошне широк спектар разновидна етничка популација и преплет на богати и значајни култури. Барањето на значењето на топонимот за еден град често може да не доведе до суштината за опстојувањето и начинот на живеењето. Симболиката во името – имињата на Битола скоро во сите случаи нè носи до едно мошне специфично и ретко значење – кое е далеку од обичното секојдневие и прозаично живеење. Сите топоними за Битола се поврзуваат со духовното, спиритуално значење а тоа несомнено зборува за карактерот и значењето па и за можните цивилизациски траги што тој ги оставил.

Имињата: Монастир, Манастир, Monaste’ or Tole, Монасттири, Обител, Бутелија, Betulia (според Mitford), Ботели, Бутел, Би-Тол, Витолија – сè се тоа имиња кои ни зборуваат за населба која пред сè предничи очигледно во своите сакрални објекти, односно центар кој изобилувал со бројни храмови во кои и околу кои се одвивал животот. Центар кој своето опстојување пред сè го поврзувал со духовното и верското. Тоа би подразбирало и развиена писменост, развој на уметноста, градителството, теолошката мисла итн. Доволно податоци кои можат да укажат на извонредното и сè уште неистражно цивилизациско значење на овој град. Во овој контекс и неоткриениот средновековен период, што може да биде во иднина еден од поглавните клучеви во дешифрирањето не само на историјата на Балканот туку и во следењето на духовната мисла на пошироки простори. Како надополнување, како потврда за веќе погоре изнесеното доставувам уште еден можен доказ за одгонетнувањето на тајната на името и животот на средновековната Битола.

Според толкувањата на Кабалата: Папијус-Кабала-наука за Бога, вселената и човекот, (Аратрон, Софија, 1994 година, стр. 79, стр. 115, страна 182, види прилози) зборот Битола може да се проследи и во еврејската лингвистика. Имено, како што е и протолкувано во Кабалата (патем во шеснаесетти век во Битола веќе имало Талмудска школа), зборот Бет значи дом, а ел или ла Бог или Беш-ел(ла) е Божји дом, што би било адекватно на Манастир, Монастир или Обител (се обителува во манастирски дом). Значи не само славјанското, турското, туку, еве, и еврејското значење повторно ни ја откриваат Битола како божји дом-како центар на богато духовно живеење.
Со оглед дека средновековен Прилеп ни е познат, како и Охрид, останува проблемот со Битола – бидејќи сè уште недоволно е лоциран и истражен. Со оглед на значењето што го содржи самото име и тоа потврден од сите етникуси кои живееле во него, мислам дека е од огромна важност да бидат откриени што поскоро трагите од Божјиот дом, траги во кои се закопани најдлабоките мисли во кои можеби ја содржат смислата на длабочината на нашата иднина.

Владо Ѓорески „Битола низ вековите 5“