Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер со реми против Бидасоа Ирун (29-29) го заврши првиот дел од групната фаза во Европската лига. „Зелено-белите“ одново одиграа под своето ниво, но го забележаа првиот бод пред домашната публика, откако претходно беа поразени од Ахруис и Фуксе Берлин.

Ларс Валтер: Благодарност до публиката која што дојде на трибините и ни даде поддршка која што многу ни значеше. Добро го почнавме натпреварот, одлично трчавме без топка и имавме поволен резултат. Но, во вториот дел се почувствува тоа што Хосни не тренираше еден месец, исто така и Дејвис, Хенеберг после болест немаше енергија, а се повреди и Кукоски. Па падот во нашата игра беше очекуван.
Но и покрај сите проблеми успеавме да се вратиме и да освоиме бод. Како што рече мојот колега, овој бод може многу да значи во понатамошниот расплет во групата. Мислам дека сме на правиот пат. Ако денес овој бод изгледа како лош резултат, сигурен сум дека за неколку дена ќе изгледа многу подобро.

Гоце Ојлески: Мислам дека одигравме добар натпревар, имавме и добри и лоши моменти. Сакавме со победа да ја завршивме полусезоната, но се почувствува тој замор и добро е што се вративме и освоивме бод. Мислам дека треба да бидеме задоволни.

РК Еурофарм Пелистер