ПРВА НАГРАДА

ЛИТЕРАТУРЕН КОНКУРС „РАСКАЖУВАМ ФОТОГРАФИЈА 2022“

РАСКАЗ : Фотографија
(инспирано од Тема 5: Веселиот празник Пурим )

АВТОР: Јована Матевска Атанасова

ФОТОГРАФИЈА

Не знам кога во моето семејство не било весело, веројатно тоа се должи на спонтаната раштиманост, тетка ми Рахела тврди дека сме сите гласовити, како таа одлика да е некоја фантастична доблест. За Пурим куќата беше преполна како во осило, дури и тапетите се лупеа штом во средината, на долгата трпезариска маса, ќе се споеја громогласната смеа и бесконечните препирки и несогласувања како меѓу најмалите, така и меѓу возрасните. Сите заедно бевме гудачки оркестар што работеше своеволно, без да се покори на насоките на диригентот. Се случуваше да звучиме сложно, но никогаш хармонично.
Откако дедо се упокои, баба ми стана и главата и вратот на нашето семејство, беше владетелка на мал и хаотичен број на луѓе. Nonna беше вистинска убавица, времето немаше моќ, па ниту волја, наспроти порцеланската убавина, наместо да ги нагрдува, тоа ги потенцираше впечатливите зелени очи, црешовидните јаболчници кои секогаш мирисаа на лаванда и багремов сируп, помазани со есенцијална мешавина која мислам дека ја одржуваше млада, а најмногу будна. Но таа беше и пресметлива дама, знаеше дека овој мирис при секоја прегратка ќе се бразди во нашите сетила, амбари на спомените, за кога нема да биде до нас да си ја приспомниме. Чинам, Пурим беше нашиот омилен празник, не затоа што имаше забавен карактер, туку затоа што тогаш можевме да бидеме вистински свои, да беседиме гласно покрај бочва црно вино, да правиме врева без соседите да нè гледаат под око кога ќе се сретнеме утредента во дворот.
Снаите заедно со баба ми сукаа тесто и тихум и се натпреваруваа која ќе го смеси подобро за хаманташен, така си го докажуваа себеси домаќинлукот. Внуките се меткаа низ скутниците на нивните мајки, се поткачуваа на столчиња и гледаа како водата го натопува брашното, па таа лигава смеса се лизга низ женствените и тенки прсти, тенки како сајли. Понекогаш мајките одвојуваа по едно парченце тесто и девојчињата го гмечеа и тегнеа сѐ додека не ја добиеше препознатливата триаголна форма. Потоа заедно им наросуваа мак.
Ние момчињата чекавме пред кујната со наострени сетила побудени од мирисите и вкусовите, и се лигавевме на помислата. Ноа си го галеше стомакот кога тетка Шира ќе поминеше покрај него со тепсија kreplach. „Не се за тебе, тргни ги рацете, овие ќе ги подариме на сиромашните“, на смеа ќе го потплеснеше по дебелите прстиња. Тогаш тој налутено ќе ги прекрстеше дланките под пазувите. Баба ми имаше некоја длабока филозофија, која кога друг би ја усвоил ќе се засукаше во плиткоста со намерите. Сакаше за Пурим сиромашните да јадат раскошно, да ја накити нивната трпеза со секакви деликатеси кои никогаш, па дури ни на сон, не помислиле дека ќе им се топат во устата и ќе се санкаат надолу по грлото. Така создаваше рамнотежа, тоа е во духот на природата. За да го расположиме свенатиот Ноа одевме во собата што претставуваше плакар, огромен, вграден од едниот до другиот крај и имаше една масичка каде баба, кога била млада невеста и со дедо биле редовни гости на игранките низ градот, тапкала талк и руменило на меките образи и ги цртала месестите усни по контурите. Во овој голем плакар беа и нашите костими, ги извлекувавме од внатре мижејќи, како да е томбола, говореше Хајим, помал од мене само една година, а веќе интимно ја запознаваше старата љубовница на светот, Европа. Како и тој, и јас ја одрастував оваа непишана традиција, имав 20 години и повеќе претпочитав да пушам луле наполнето со тутун и миризливи тревки, да начнувам лаички разговори за политиката, божем заинтересирано и аргументирано, отколку да се маскирам.
Надвор, во пространиот ходник, откако ќе се вратеа од синагогата, мажите во моето семејство, четворицата синови на баба, си дошепнуваа и громко се кикотеа, чекајќи да се постави трпезата и на масата да се изложи вкусното, киселкаво вино што зарежуваше, одгледувано во подрумот.
Еl comer y el arrascar, es todo al empezar . Секогаш беа расположени, и тогаш дизната им беше најотворена, за докрај да го испочитуваат традиционалното за Пурим, а тоа значеше да се опијат додека не заборават да бројат. Пред ручекот ги земавме тропалките и како навивачка публика седнувавме кој каде ќе најде. Лас палетас беа мали дрвени направи составени од дршка и правоаголна плочка која се вртеше околу запчаникот на дршката и произведуваше бучава, а Хајим, белосветскиот патник, донел и кастањети од Шпанија, гнездото на нашите Сефарди.
Баба го имаше педантно зачувано свитокот од нејзината свекрва, со горделива искра го покажуваше на внучињата, кои секогаш беа расположение за некоја досетка поврзана со историјата на тој свиток. Ја галеа по дланките што староста започнала да ги омекнува, да ги чкрта со синило вените на површината на кожата, ја вдишуваа нејзината млечовина и како вредни пчелки меѓу себе го разнесуваа поленот на љубовта. Јас уживав да бидам вдомен меѓу врелите пазуви, да ми пропаѓа главата во меката волница уште како дете, па дури и денес барав утеха во тоа ќоше кое светот, искривен и испревртен од идеали гледани низ призма, го поштедил. Баба ми ја започна приказната за суетниот и злонамерен советник на царот, Аман, редовно исвиркан при раскажувањето, и планираниот помор за Евреите.
Si tu enemigo es una urmiga, contalo como un gamelo , палавиот Ури синхронизирано, до запирка, ја изрецитира поговорката на баба ми, заедно со баба ми, но без таа да го чуе. Оваа поговорка беше виолинскиот клуч што ја отвораше приказната за лукавата Естера. Но тврдокорната Естер, истоименичка на главната хероина во пуримската приказна, итро вметнуваше синоними во постоечкиот текст, јас ја проѕрев, не читаше од свитокот туку слободно раскажуваше, при секое раскажување додавајќи нови украси. Nonna беше наша учителка која често ја повторуваше синтагмата “Светот го должи својот опстанок на деталите”. Го кажуваше тоа намигнувајќи, сакаше некој да ја дешифрира суштината на нејзините поговорки и чинам го правеше намерно како да се однесува за секој од нас поединечно. Долу, железната порта се огласи преку чкрипечкиот тресок и успеа да не’ надгласи за миг. Сите исчекуваа, а по скалите се качи мојот пријател, Милтон, едвај додржувајќи ја кутијата и триножникот под пазувите. Притрчав да му помогнам и го претставив.
“Бабо ова е Милтон. Денес дојде по моја покана. Милтон е сликар.” Милтон е срамежливо момче и погледот му е вперен во чевлите, лакирани и светнати како огледало, а моите веќе поднапиени чичковци и татко ми го задеваат. „Дагеротипија значи?“. „Не господине“, одговара без да ја подигне главата, но пред да им објасни, јас ѝ се обраќам
на баба ми, затоа што така барам од неа да ја спаси ситуацијата: “Ќе прави филмови бабо“. „Залудно си му го трошел времето на младиот господин. “Nu esti asi? “ му се обрати на влашки. Nona Естер беше ригидна и не ѝ беше удобно да излегува од границите кои за себе ги имаше зацртано. „Ниту една фотографија не може да овековечи како мојот ум.“ Иако учена жена, си носеше некои старомодни фалинки. Милтон започна да црвенее, образите како да му се вареа заедно со слаткото, глазирано тесто, нурна удолу со главата, колебајќи се дали да ја спакува камерманската опрема, да се извини и да избега. Го прекинав во мисловното бегство, сигнализирајќи му на Милтон, а ги забележав и скриените движења помеѓу моите тетки, кои си ги поправаа кадриците со прстите и го забришуваа одвишокот кармин, божем случајно. Веќе се подготвуваа за фотографирање, што во тоа време беше луксуз и привилегија. Милтон им покажа каде да се наместат, малите испоседнаа напред, а возрасните и повисоките деца се построивме во колона назад. Ставивме стол на средина за nonna но таа не сакаше ни да чуе. Ја одвлечкавме додека се противеше. „No qiero!”, извикуваше и се бореше некако млако, небаре имаше намера да попушти, но глумеше заради своите принципи.
Милтон ни даде знак, но знаејќи каква фамилија сме, не успеавме да издржиме мирни ни една минута, Ноа и Ури се скараа, мајките почнаа да ги тешат, а кавгата премина во нивни редови со познатото “кој прв почна”, чичко Абел искористи момент да крцне од виното.
По два месеца ја добив развиената фотографија и искрено ми надојдоа солзи, ретко плачев, но се намалило времето за исклучок. Nonna нè напушти. И во тој хаос на фотографијата, на која некој се смее, друг се мурти, третиот крева раце, некој гестикулира, се спротивставува на идејата, само таа гледаше право во апаратот, со онаа нејзина безвременска и мермерна убавина, како да знаеше дека крајот наближува, па продира право во нас. Како и да се поместевме нè следеше со кроткиот и занесен поглед. Таа беше безгрешна жена, а сепак си дозволи една да и’ се слизне ненамерно, фотографијата помнеше повеќе од човекот.
И така, таа остана со нас и секој следен Пурим ја слушаше громогласната врева и по некоја весела кавга. А на масата помеѓу сите деликатеси кои испаруваа, подготвени од вештите раце на вредните снаи, стоеше едно гранче од багрем и друго од лаванда, мирис што немаше да ме напушти додека сум жив. Така мирисаше Пурим, како мојата сакана nonna.

ВТОРА НАГРАДА

ЛИТЕРАТУРЕН КОНКУРС „РАСКАЖУВАМ ФОТОГРАФИЈА 2022“

РАСКАЗ : Во сенката на Исак џамија
(инспирано од Тема 2: Еврејскиот живот во Битола пред депортацијата )

АВТОР: Васко Гичевски

ВО СЕНКАТА НА ИСАК ЏАМИЈА

Крај левата страна на Драгорот, малечка но силна рекичка, која честопати им задаваше главоболија на битолчани, одамна беше изградена Исак џамија. Зад Исак џамијата, имаше огромни ѕидини и една порта. Штом човек ќе минеше низ таа порта, како да влегуваше во еден мал засебен свет. Тука, во сенката на џамијата, живееја Евреите. Пред портите на еврејското маало, беше се сместил еден мал Бит пазар. На пазарот можеше да се најде речиси сè, но ништо ново и неупотребено. Пазаруваа најчесто сиромашните, кои гледаа некако да го истерааат денот. Продавачите пак, не беа во нималку подобра состојба од купувачите. На пазарот продаваше чичко Аврам кој имаше 7 деца, младиот Мушон кој одеше бос, а продаваше стари чевли и Исак кој собираше разни старудии и продавајќи ги, си обезбедуваше храна за себе, својата мајката и својата сестра. Купувачи имаше од секаде. Од сите битолски маала, улици, села, чиниш армија сиромаси, клетници на векот. Пазарот го одминуваа само богатите, кои безбели не сакаа ни чевлите да ги трошат крај овој пазар. Дури и кога одеа кон синагогата Ил Кал Арагон сместена стотина метра подолу од пазарот, го забрзуваа одот, небаре сиромаштијата беше некаква болест. А пазарот беше живо место. Тука се растрчуваа деца, тука се слушаа разноразни разговори, на неколку јазици. Сите се разбираа, сите некако гледаа како да го поминат денот и да го дочекаат утрешниот.
Едно есенско утро, ладно и ветерливо, како што му доликува на септември во Битола, Аврам, Мушон и Исак ги беа поставиле тезгите од рано утро, речиси во мугрите. Го пречекаа и валијата кој со пајтонот одеше кон вилаетскиот сарај. Ги погледна и им одмавна со раката, па ја стави на гради. Тоа беше еден знак со кој се искажуваше почит, за аирлија да е денот, за плоден да е трудот. Од саба саба, навалија луѓе на пазарот. Имаше и што да се продаде, но имаше и кому. Се купуваше како никогаш предходно. Чичко Аврам, кој беше повозрасен кратко рече: „Аирлија денот, брејј да е секој ден ваков“. Исак, со полни раце работа, пресреќен беше дека денес ќе може да однесе нешто повеќе пари, па богато ќе го истераат денот со мајка му и сестра му. Сестрата на Исак беше едно синооко живо девојче, со коси сплетени и покриени со шарена шамија. Имаше доволно години за прв пат да тргне во училиште, но кутрата ниту имаше пари за училиште, ниту пак во градот имаше училиште за девојчиња. Побогатите, своите деца ги праќаа во разните српски, грчки бугарски, англиски и француски училишта. Малата Алегра, ја немаше таа среќа. Со парите од нејзиниот брат едвај крпеа ден за ден, недела за недела, алки ковани во сиромаштија, но опточени со среќа. Единствено среќата малку чини, се друго многу скапо се плаќа, велеше стариот рабин Рафаел.
Тој есенски ден, за прв пат, загази убав и скап чевел на пазарашитето. Беше тоа некој дотогаш невиден и непознат човек. Убаво облечен, потпирајќи се на бастун со сребрена дршка, одеше од тезга до тезга. Се загледуваше во децата што протрчуваа меѓу тезгите. Алегра токму тој ден, со брз трк низ уличките, беше дошла да му помогне на својот брат. Со брз трк од Ле калеже го премина и маалото Бустанику, па се најде на тезгата кај Исак. Непознатиот човек во тоа време беше се позадржал кај Аврам, зборуваа нешто. Продолжи потоа кон тезгата на Исак и пред него како фиданка се исправи малата Алегра. Со сета детска среќа и пргавост извика „добар ден“, непознатиот пак отпоздрави: „добро да си најдеш и денес и секој ден“.
Ја загледа убаво.
– Зар ти не треба денес да си во училиште?
– Не одам јас во училиште, одговори Алегра, сиромашни сме, а имам и болна мајка.
Непознатиот малку се засрами од прашањето. Во душата како да почувствува некаква болка. Се присети тој и на својата болна мајка, која ја хранеше со своите детски раце работејќи во чаршијата кај аџи Димитар терзијата. Непознатиот купувач впрочем беше Михаел, сирак кој со игла и труд си заработи место меѓу првенците на чаршијата. Сиромаштијата го остави учен недоучен. А тој есенски ден беше меѓу сиромашните токму поради тоа. Шеташе и гледаше каде има деца на кои им треба помош, да помогне за и тие да не останат учени недоучени од сиромаштијата. Другите не знаеја, но причината што се задржа крај тезгата на Аврам беше токму тоа. Скришно му подаде пари за да ги храни и школува своите седум деца. Додека така во мигот стоеше замислен Михаил, довикна Исак: „Повелете, што треба“. Михаил како да се сепна, па се врати при себе. „Ќе го купам стариов саат“. Исак му го подаде саатот. „Повелете, за 10 гроша го давам“. Михаил се заврти со ликот кон Драгор, пробуричка нешто, па парите ги стави во едно ќесенце и му го подаде на Исак. Го зема часовникот и велејќи едно „Довидување, со аир да ви е работата“, полека замина од пазарот. Исак малку се зачуди за десетте гроша кои ги доби во кесенце. Никој до сега не му беше дал пари во ќесе. „Што да му чиниш, колку луѓе толку табиети“ кусо кажа, па го стави кесето во појасот. Помина денот замина, пазарџиите се прибираа низ тесните улици, секој со својот дом од каде мижуркаше газиена светлина.
Исак и Алегра се прибраа дома, крај креветот на мајката. Сосема беше забравил на настанот со непознатиот и ќесето во појасот. Пресоблекувајќи се, ќесето падна на подот. „Тих сум го заборавил, не го ни отворив“. Седна на триножникот, ја зема ламбата поблизу и го разврза ќесето. Кога го отвори ќесето, се вчудоневиди. Во ќесето не ти биле 10 гроша, ами цели десет лири и една бела меџидија. За сиромашецот, тоа беше 3 годишен макотрпен труд. Во ќесето иамаше доволно пари за лекови, за храна, но и за училиштето на малата Алегра. Прикаснаа и сите порано си легнаа, а Исак тукуречи и сон не го фати. Се разбуди уште пред муезинот да го испее сабах намазот. Се слушаа само петлите, чувани среде град во ќумезите позади куќите од христијанските маала. Се изми, се облече најубаво, во најубавото што го имаше. Скоро па се разбуди и малата Алегра. Извади од долапот еден шарен фустан и едни чевличиња, кои беа му ги дале за некои побогати луѓе. Денес им бил денот да се сефтосаат, си помисли Исак. Ја исчешла косата на Алегра и ја сплете, и ги светна чевлите па ја фати за рака. Кротко минаа низ тесните улички, на маалото кое веќе се будеше од сон. Нога пред нога, грабаа кон десната страна на Драгорот. Преминаа преку мостот на Интифа, крај Саатот, па по Широк Сокак надолу, застанаа пред Католичката црква. Алегра првпат минуваше низ овој дел од градот, а Исак често доаѓаше да собира работи, за подоцна да ги продава.
– Бато каде одиме? Запраша Алегра.
– Кон училиштето батино, ти ќе учиш, одговори Исак
Алегра видно се возбуди. Убавата облека ја доукраси со уште поубава насмевка. Тоа беше првиот училиштен ден. Го продолжија патот уште малку стигнаа пред еден новоизграден двоспратен објект. Тоа беше штотуку отвореното еврејско училиште за девојчиња. Дворот ечеше од џагор, човек да се изгуби во таа среќа и детски радосен ек. Училишната, есенска радост на децата, ја разубави таа тешка и траорна 1903 година. Ги дочека учителот. Брзо брзо ја запишаа Алегра, па веднаш седна во училишната клупа. Во училишниот двор остана Исак, зачуден од среќа, неверувајќи си на очите. Додека стоеше во дворот на училиштетот, пред порти мина Михаил. Одеше тој лека полека кон својот дуќан крај Пипер Ан. Со крајот од окото го здогледа Исак во дворот. Разбра, Исак го беше отворил ќесето, ја победил сиромаштијата. Си помисли, ете уште еднаш и удри шамар на сиромаштијата, таа мачителка која децата ги остава без ука. Исак го здогледа непознатиот купувач, кој сега беше познат, а ликот приличеше на добродетел. Трчаше да го поздрави и да му благодари, но Михаил замина одмавнувајќи со раката и ставајќи ја на срцето. Беше тоа подрагоцено од сè, беше за аирлија да е денот, беше тоа за цел век да се смее лицето на Алегра. Ниедна благодарност кон Михаил не беше нужна, потребно беше само да има насмевка на детските лица. Сеејќи насмевка на детските лица, Михаил, жнееше добрина и спокој. Сево ова се беше случило во еден студен септември, во сенката џамијата, во градот каде се беа збрале многу приказни, многу личности, а сите живееја во еден здив, гледајќи да го минат денот и да го дочекаат идниот ден. Ден за ден, мака за среќа, добрина за живеење!