Во поголемите македонски градови, како Солун или Битола, кајшто имало многу кафеани и постоела конкуренција, сопствениците на кафеаните се обидувале да привлечат муштерии нудејќи поинаков тип на забава.

Ова, пред сè, се однесува на медасите (раскажувачите на приказни) – луѓе кои со жичен инструмент в рака знаеле да раскажат најневеројатни сказни. Овие раскажувачи на приказни станале вистински декор во кафеаните и ги имало насекаде.

Од една страна биле евтини и
се задоволувале со понекој грош од гостите по раскажаната приказна, а, од друга страна, ограничениот простор во кафеаната ги правел многу попрактични од групите музичари, танчарите или жонглерите. Дури и најскромните кафеани ги привлекувале овие медаси кои седнувале на едниот крај од кафеаната и пред насобраните гости, некогаш само еден или двајца, а понекогаш и неколку десетици, раскажувале епски, народни, или љубовни приказни. Најчесто темата на приказната зависела од вкусот на публиката.

Според изворите, најпопуларни биле народните приказни, особено оние за Насредин-оџа, теми од Куранот и од Илјада и една ноќ, приказни за храбри дела и подвизи, хагиографии и чуда. Всушност, во едно општество со мошне низок процент на писмени луѓе, каква што била османлиска Македонија, кафеанските приказни помогнале оралната традиција да се пренесува од генерација на генерација. Медасите биле луѓе од најразличен ков и тип. Некои биле сиромашни студенти, некои пак професионалци. Патеписецот Евлија Челеби кажува дека имало и еснаф на раскажувачи на приказни. Освен раскажувачите, популарни биле жонглерите, музичарите и караѓозите.

Без сомнение, караѓозот, или куклениот театар со сенки, бил најпопуларната и најефективната форма на јавна забава и политичка сатира во османлиските кафеани. Преку приказната за Караѓоз и Хаџиват, уметникот вешто ги оспорувал официјалните норми и безбедно го искажувал она што не било мудро да се каже јавно и директно. Хаџиват ги претставувал повисоките и образовани општествени слоеви, додека

Караѓоз бил само обичен човек со кого кафеанската клиентела можела да се идентификува. Благодарејќи на својата итрина, Караѓоз секогаш успевал да го надмудри Хаџиват. Преку дијалог помеѓу двата лика, уметникот успешно ја информирал јавноста за најновите настани и ги критикувал властите.

Никола Минов „Кафето и кафеаните во османлиска Македонија “