Најомилената личност во нашиот дом во Ушици, беше мојот дедо Митре (Димитар) Беше нешто како маскота , го сакаа сите , роднини, пријатели а најмногу мојата баба Спасија,која тоа вешто го прикриваше со нејзините забелешки на неговото однесување . Работел во некоја Пчеларска Задруга и од таму се пензионира. Наутро стануваше прв, го палеше огно во шпорето и редовно ги чистеше бориите . После со еден список од баба ми Спасија, одеше да пазари . Се враќаше со полни торби , а во рацете внимателно здиплени, Нова Македонија и Политика . Беше главниот аниматор и организатор на сите забави, како дома, така и на семејните собири . За него не постоеше проблем што не може да се реши , вечниот оптимиста со срце и невиност на дете. Духовит, најчесто кажуваше шеги на своја сметка . Ќе прснеше да се смее а ние ќе му се придружевме , додека не почнеа да ни течат солзи од смеење . Деца, ќе речеше, сега ме гледате стар и грд,,прашајте ја баба ви ,каков убавец бев кога бев млад . Беше непресушен извор на загатки и поговорки , велеше дека ги научил од својот дедо, кој со својот коњ како проматар шетал низ битолските села . Редовно одеше на кафе во Интифа со своите пријатели . Имаше два костуми за секој ден и еден за свечани прилики, за свадби, крштевки и за оној век , како што велеше .

Секогаш облечен во костум , зимата со едно црно, тешко Громби палто и шал околу врато . Мајка ми ќе му го придржеше палтото да го облече , а тој не пропушташе да каже: Ова палтово еден ден ќе ме турне на земји . Кога времето беше врнежливо ,врз челите ставаше едни гумени каљачи . Не беше лесно во мал простор со четворица возрасни и три немирни деца да се оджи хармонија и спокој . Тука настапуваше дедо ми . Смислуваше игри, ни читаше приказни ( баба ми беше мајстор за раскажување ) , играше со нас “ Не лути се човече “, “ Домино “и не оставаше мене и сестра ми Каролина со саати да го чешламе и да му редиме украсни шнолички во косата . После вечерата, седнуваше во неговиот стол – лулашка , ќе ги земеше весниците и буквално ќе ги прочиташе од првата до последната страница . Ќе станеше, ќе ни посакаше добра ноќ и добро сунвање и ќе си одеше во својата соба . Само еднаш баба ми не прати , сите тројцата да не однесе на стрижење . Кога се вративме,,баба ми стоеше занемена неколку минути .

Откако и се пушти гласо, нагласувајќи го секој збор, го праша: Црни Митре , кој ги истрижи децава вака,како со тенџере стрижени ?

Нашиот сакан дедо беше повеќе од изненаден , Оти мори Спасија, што им фали , баш се убави . Елате кај дедо , да ви удри по едно сефте . Ми остана и мене навика и на моите деца и на моите внуци , кога ќе дојдат стрижени да им удрам со дланката по едно сефте на тило . Во неделите кога баба ми и мајка ми имаа генерално чистење , а времето беше убаво, ќе не пуштеја со дедо ми во паркот или на шеталиште .

Баба ми ќе не испратеше до врата , ќе му го поднаместеше качкето што постојано си го носеше и ќе му речеше: Слушај ме добро Митре, три деца ти давам, три да ми вратиш . Во парко Митре ќе си најдеше некој пензионер,ќе си заседнеше на некоја клупа , а ние ќе се изнаигравме , без некој да ни прави контрола . Пред ручек, ќе не собереше, еден, два, три ќе не изброеше и по пат до дома ќе ни купеше семки, сончоглед , понекогаш и сладолед .

Кога ќе влезевме во стано , ќе и вратеше на баба ми : Спасијо, три ми даде, три ти враќам . И кога се омажив и ми се родија децата, Мендо ќе одеше да го земи и да го донеси на гости кај нас . Ќе ги земеше Ленин или Жаклина во скутот и ќе ги галеше по главчињата. Се чудеше на играчките што беа расфрлени наоколу ,колку пари деца сте потрошиле на овие работи, ќе речеше на заминвање . Ведриот дух, оптимизмот и широката насмевка му останаа се´ до крајот на животот . Како да ја слушам баба ми : “лесно му е него да биде забавен, кога сите му одиме по газо и му го правиме ќеифот”. Другиот дедо Маху, татко на мајка ми, не го запознав многу . Беше стамен, висок господин , секогаш костумосан , со кравата , ќостек со златен часовник во малото џепче од елекот и паларија на главата .Не зборуваше многу , мајка ми велеше дека е многу умен и многу начитан. Со мојот брат правевме шеги , мислејќи дека е кскатија .,Во еден расказ му се извинив (ако има кој да му каже ),бидејќи кога се омажив , ми ја купи спалната соба што си ја донесов во чеизот .

Се сеќавам дека имаше слабост кон мојата сестра Каролина ,оти најмногу личеше на мајка ми . Починаа рано и тој и баба ми Дитка, така да немав прилика да ги запознаам подобро и барем малку да си олеснам и да им надокнадам од љубовта, што така детски им ја кратевме додека растевме . Овој расказ им го посветувам на сите наши дедовци,кои оставија трага во нашето детство , во формирање на нашите карактери, во нашето воспитување , на сите кои оставија спомени во нашите срца .

Поздрав, ПАЦЕ ! П. С. На фотографијата се дедото и бабата на Анастасија Кокан Петровска