Ќе одиме на одмор во Грција .Бидејќи одиме прв пар , се распрашав каде е најубо, најблиску и најефтино.Ми рекоа Паралија, оти Лептокарија има автопат сред гратчето и не е безбедна за децата. Ја товариме колата уште од вечерта . Што понесовме,знаете што носевме , се´ што е за јадење( во куќата остана само намештајот, ќилимите и пердињата) . Ја обрав цела бавча и зеленчук и овоштие, масло , јајца , кашкавал, сирење , сувемеснато, грицки и чоколади .Една тава , неколку гајби пиво и кисела вода Пелистерка . Крцка колата, ќе пукни багажникот . Алишта за децата колку за два месеци а ќе останеме само десетина дена. Ете ќе заборавев кај заштедивме, не купив костими за капење за децата . Мали се, Жаклина 5 години, Ленин 3 години и нека се капат голи,ми рече докторката дека им треба витамин”Д “ Си го замислив и Мендо ко ќе седни во колата . Ќе и дојди како терет плус , па се гајлетисав и не можев да заспијам цела ноќ .

По години кога го зедовме Шарко и го остававме на мама да го чува додека сме на одмор . Од што беше ќефои , ќе се расплачеше, овој пат го напраи адетот и фрли еден леген со вода по нас кога тргнавме со колата. Седна Мендо мој а колата ми се чини почна да стенка . Тргнавме со Госпо напред , а Менде ми вели: Пацо гледај добро во тие знаците сообраќајни , знам оти ги знаеш , отвори ги очите четири да не го утнеме пато . Арно ама Паца ненаспана,башка а седнам во кола одма заспивам . Го утнавме пато едно пет – шест пати и не знам како се додржи Мендо да не ме исфрли од колата .Ви имам кажано , кога се нервира Мендо а јас му делам совети како да вози,почнува да пее , овој пат го имаше пуштено гласо на најако .

Стигнавме околу ручек, се сместивме во “апартаманот” и правец морето. На плажата половина луѓе од Битола и дупло појќе од нашио Северен сосед . Пославме крпите , го закачивме чадоро за сонце во песокот и се распославме со сите реквизити . Водата топла да не ти се излегва надвор. Ги намачкав децата со масло од наваличе, го намачкав и Мендо ( на него отиде полојна шише). Како што бев уморна сум заспала на сонце па и нешто сонвав . Ги слушам мајките како викаат по децата , ги слушнав сите имиња, имаше и неколку Жаклини, Дуња, Вишња,Југослав, Предраг, еден Менде, неколку Марии и Ани, само не слушнав некој да викни Ленин . Мојот Ленин беше единствен на цела плажа, море на сите плажи на Егејско море . Се враќаме товарени како магариња со сите реквизити за на плажа и плус по едно дете в раце, јас со Ленин бидејќи е помал и тенок како циронка , Мендо со Жаклина . Сите капнати, уморни. Мендо ќе ја земеше тавата со јадење од фурната, ќе ручавме и после сите ќе исполегнавме на креветите . Ретко кога имавме сила за уште еднаш попладне да одиме на плажа. Ќе си седневме на терасата со нашите нови пријатели од Србија , ќе направев салата и ќе се напиевме од нашата домашна ракија и ќе завршевме со кафе . И ден денешен си одржаваме врска , еднаш ни дојдоа на гости кога се враќаа од Грција .

Првата вечер , кога за ручек заспав на плажата и бев реш печена со се сурат , раменици нозе , раце,го видов попот во бело, ме печеше и болеше кожата , не можев да ја допрам . Сум слушнала дека помага кисело млеко, се намачкав , ми ја затегна кожата се потсири млекото од жешкото и така Паца помина уште една ноќ без спиење. После се вардев и си поцрнев , добив една убава боја како оние што одат на солариум, ама мојата беше природна. Да не ја заборавам и главната занимација преку ноќ : Ловење и тепање комарци . Тапетите шарени на ѕидоите,ништо не се гледана на нив од шарките,само ги слушаш комарците како ти зујат покрај уво. Ќе си залепиш една заушница и ништо, повторно зујат. Првото утро се разбуди Жаклина целата искасана од комарци, капаците на очите потечени, не можеше да гледа кутрото. После на смена дежуравме со Мендо и тепавме комарци.

Како ги поминавме тие десет дена во Паралија ќе ви раскажам друг пат со повеќе детаљи.

Си велам да не ги чита Менде овие раскази или некој да не му прекаже , може и да се налути, што велите ?

Ве поздравува – ПАЦА

(Прв дел)

Анастасија Кокан Петровска