ВТОР ДЕЛ :

Еве го продолжението ,како поминавме десет дена во Паралија.Имате слушнато некој да рече дека не поминал убо? Јас немам слушната,за вас не знам ! Си го фативме редо,сабајле од рано ќе го спремев ручеко , ќофтиња, пиперки полнети, тава со компири и кокошка, турли тава,ориз со копани,рипчиња и т.н.. и т.н…Мендо ја носи тавата на фурна, среќа па ни беше блиску.Ќе се спремевме, јас си купив бикини од Лиска( има што да се види), Менде едни боксерки, децата нудисти, само со капчиња на глаата . Во една торба, специјално купена за на плажа,јадење за децата, сокче,вода,грисини, чоколадо. Реквизити за плажа: чадор за сенка,два гумени душеци,неколку крпи,маслото за мачкање и играчки за децата.Цонка моја им купи еден комплет играчки со кофа, лопатче и грибло и уште неколку работи. Потоа гуми за пливање, за Жаклина во форма на лебед, за Ленин во форма на зајаче. Жаклина си ја носи и омилената кукла а Ленин една гумена жирафа, на олкаа голема. Да го спомнам и најважното, носевме цела аптека со нас, за не дај Боже да се најде. Антибиотик за растварање, капки за очи , капки за нос, шуруп против кашлање и шуруп против повраќање, спреј за рани, таблети против пролив , маст за каснато од комарец, крема против алергија и сето тоа си го добивавме на рецепта , Ајде сега нека се пожали некој дека тогаш не чинеше здравството, најдобро беше.

Ќе се сместевме на песокот и почнувавме, влези во вода , попливај, излези на сонце , тоа паленото печи ли печи и пак во вода и така додека дојде време за ручек . Секогаш кога ќе влезеше Мендо мој, ми се чинеше дека се крева нивото на водата за десетина сантиметри. До нас им чувавме место на нашите нови пријатели од Србија кои доаѓаа покасно на плажа. Ден денеска не ми е јасно оти постојано му викаше на детето од десетина години:”Мајмуне један изаџи из воде,живце си ми појео “а детето си имаше убо име Предраг и беше мирно и послушно дете.

Се враќавме капнати уморни, Мендо ја земаше таватав од фурната, ќе ручавме и заспивавме како заклани до касно поладне . Вечерта ќе се дотеравме и излегвавме да шетаме, како да си на Широк Сокак и Шеталиште во Битола. Парите бројани,за децата по едно гиро , сладолед и по некое џиџи – миџи од автоматите. Улиците полни, бутиците полни со луѓе,небаре дошол крајот на светот , па мора да се испразнат сите дуќани и да се купи и тоа што треба и тоа што не ти треба. Влегваш во некој дуќан, гледаш, пробаш нешто и си бегаш. Ич не треба да се мачиш со јазикот,сите продавачи научиле “ Српски да говорат”, паметни се тие што преку зимата си организираат курсеви и го учат јазикот на нашиот северен сосед.

Јас бендисав една бунда,убава кратка од лисица, па и не беше скапа, ама Менде ме попишмани кога ми рече: “Кај ќе ја носиш Паце,кога ќе копаш во бавчата “? Не,му велам,кога ќе одиме на опера ! Има право чоеко, ме попишмани и не ја купив , за кај ќе ја облечам, паметен е тој . Една госпоџа пред нас , Србинка си купи три бунди. Му велам на Менде , оваа изгледа секоја вечер оди на театар, си купи три за да менва. Пацо ми вели Мендо,немој да играш мајтап можи жената држи бутик за бунди. Можи, ама мене ми се чини дека си ги купи за своја душа .

Едвај го издржавме десетиот ден и на единаесетиот си ги собравме парталите и се` друго што носевме и тргнавме за назад, по истиот пат кон нашата дома, во нашата златна Битола На враќање пак сум задремала во колата и истата приказна, Мендо неколку пати го згреши пато. Секогаш јас бев крива, не сум ги гледала сообраќајните знаци. Како да ги гледам кога спијам . По грешка влеговме и во Солун и едвај се извлековме од гужвата. Застанавме во Лерин и Госпо да се чуди, требало да се потроши до последна драхма, па купувавме штогоде,на крајо и некои глупости и мастики за последните пари . Кога си ја видов куќата , срцето ми потскокна од радост, ми се виде уба, најуба од сите тие во Паралија .

П. С.. Исончана и потемна во тенот ме држеше една недели , па ми се чинеше дека личам на некоја црна манекенка и дека сум атракција во Боримечка . Се излажав, скоро сите жени беа со таков тен , сите вратени од одмор во Грција . Имајте убав и среќен ден! ПАЦА

Анастасија Кокан Петровска