На денешен датум е роден еден од основачите и првиот претседател на ДЛУБ – БОРИСЛАВ ТРАИКОВСКИ, кој даде огромен придонес за развојот на ликовната култура во Битола и пошироко. Останува посебно запаметен по својата борба за квалитетот во уметничкото дело.

БОРИСЛАВ ТРАИКОВСКИ (1917-1996) е еден од најмаркантните современи македонски сликари кој се јавува во почетокот на 50-тите години од минатиот век како експресионист и сликар кој негува слобода во изразувањето. Карактеристичен е по уникатниот колорит и експресивниот израз, црната контура, неговата приврзаност за Битола и посебната љубов кон сликарството. Борислав Траиковски е роден на 15 јуни 1917 година во Битола. Во 1937 година започна со студии на Техничкиот факултет во Белград, отсек архитектура, по што со почетокот на Втората светска војна во 1941 година ги прекина студиите и се врати во Битола. Во периодот од 1944 до 1947г. работеше како наставник во училиштата во Битола.

Во 1951г. Траиковски заврши Ликовна академија во Белград. Соглано податоците добиени од Факултетот за ликовни уметности во Белград тој е првиот македнски академски сликар кој по ослободувањето дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград. Во таа година дипломирале и Миле Корубин и Ристо Лозаноски.
За време на студиите на Траиковски му предавале секоја година различен професор (Ѓорѓе Андреевиќ-Кун, Љубица Сокиќ, Коста Хакман, Иван Табаковиќ).
По 1951г. тој се вратил во Скопје каде бил назначен за асистент на Архитектонскиот факултет по сликарство. Само по неколку денови престој во Скопје се вратил во Битола и изјавил „Доколку би се преселил на друго место и не би можел а го гледам синилото на битолското небо, сигурен сум, би престанал да сликам!.“
Во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) бил примен 1952г., а во 1951г., бил одбиено неговото барање за членство.

Како член на ДЛУМ бил на студиско патување во Италија (1954). Во 1961г., добил стипендија од фондот „Моша Пијаде“ и бил на едногодишен престој во Париз.
По неговото враќање во Битола, бил вработен како професор по уметност во Гимназијата „Браќа Миладиновци“, а подоцна и во Педагошката академија во Битола.
Траиковски е еден од најизразитите претставници на повоените македонски современи сликари, изразит експресионист, мајстор на бојата, доајен на битолското сликарство, прв претседател и еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ) и еден од најзначаните членови на групата ВДИСТ (Видимче, Димовски, Ивановски, Спировски и Траиковски). Добитник е на наградата 11-ти Октомври за животно дело, Орден на Републиката од 2 степен, 4-ти Ноември, награда на Општина Битола и многу други.
Траиковски е пионер во организацијата на изложби по работни колективи, фабрики, плоштади, училишта, на тој начин доближувајќи ја ликовната уметност до народот. Негови дела се наоѓаат скоро во сите музеи во Македонија, застапен е во Национлната колекција на РМ и постојаната поставка на Музејот на современа уметност во Скопје, во повеќе музеи во Европа и во бројни приватни колекции и збирки. Во 1995г. на иницијатива на академикот и сликар Глигор Чемерски снимен е документариот филм на МРВ „Насмевката на сликарот“. Почина во Битола на 11 октомври 1996г.
Во 2002 година во организација на Друштвото за наука и уметност, сега Македонското научно друштво, НУ Завод и Музеј Битола и Друштвото на ликовни уметници Битола беше организиран научен симпозиум на тема „Борислав Траиковски – живот и работа“, а во 2003 година во НУ Национална Галерија на РМ, Чифте Амам во Скопје се организираше ретроспективна исложба и се издаде каталог со текст на Лиљана Христова, историчар на уметност.
Во 2006г. во Битола, во негова чест е воведена наградата „Борислав Траиковски“ која се доделува за најуспешно дело на годишната изложба на ДЛУБ.
Во Музејот во Битола е изложен еден дел од неговото ателје и дел од неговите дела во рамки на делот „Спомен атеље Борислав Траиковски“.
По повод 100 години од неговото раѓање издадена е екслузивна монографија со текст на д-р Љубен Пауновски во која се репродуцирани повеќе од 250 негови слики, а во 2017 година по истиот повoд во НУ Куќа на легатите лоцирана на главната улица во Белград, Принцезата Јелисавета Караџорџевиќ отвори негова изложба.

ВЛАДО ЃОРЕСКИ
Траиковски е во равноправен дијалог со европското ликовно движење, неговиот опус е оригинален и впечатлив дел од историјата или од ликовната европска уметност. Неговото сликарство може слободно да биде поставено низ европските ликовни центри без никакви дилеми. Наметнатата доминација е проблем на европоцентристичката култура која денес е очигледно во сериозна криза.
Во контекст на вечната ревизија, Траиковски создаде своевиден универзум кој што секогаш ќе биде разгледуван од бројните ракурси на вистинското постоење, постоење со творештвото и создавањето како последниот израз на човечкото достоинство и вистина за сите и низ сите времиња.

ЉУБЕН ПАУНОСКИ
Ако излеземе од рамките на теоретските предрасуди и вреднувања раководени според актуелните светски уметнички тенденции на едно време, а тоа веќе мораме да го практикуваме, тогаш мораме да се соочиме дека во 1960-те години, во модерната македонска уметност веќе имаме уметнички опуси со висок личен уметнички дигнитет. Во однос на сликарството, станува збор за три сликарски опуси со веќе изградени стилски и тематски преокупации, за чии вредности не се битни тогашните актуелни уметнички парадигми на сцената на Западната цивилизација и култура бидејќи имаат трансцивилизациски и транскултурни уметнички интенции и вредности. Едниот го изразува силното чувствување на заедничката темна егзистенцијална и духовна „аура“ на човечкиот свет, присутна во секоја и вон секоја цивилизација и култура – Борислав Траиковски. Вториот прави интуитивно проникнување во заедничката женствено-сетилна животна линија на формите и вибрациите на светот и универзумот – Вангел Наумовски. Третиот создава сликарство засновано на неговото интелектуалното спознавање на заедничката геометриска основа на визуелните симболични орнаменти на културите, цивилизациите, и религиите, кои се доведувани во врска со она што се нарекува света геометрија – Димитар Кондовски

Голема благодарност на фамилијата за споделениот документиран материјал.

ДЛУБ Битола