На иницијатива на семејството Фејзула – наследници на сопственикот на поранешното фото и видео студио „Мис“ – Битола, денес во нашата институција беа предадени архивски материјали од студиото на битолскиот фотограф Џеват Фејзула (3.11.1941 – 16.02.2021). Неговиот син Џелал Фејзула со сопругата Сузан, денес живеат во САД, а во текот на месец ноември се обратија до нашата институција со интерес за предавње на материјалите од студиото со цел да бидат зачувани во Архивот, како дел од грижата за фото-културата и нејзиното значење за современата локална историја на градот.

Краток историјат на Студио „Мис“:

Џеват Фејзула го изучувал фотографскиот занает во Белград и Загреб, од кадешто ја набавил својата фотографска и студио опрема. Во Битола бил чирак во фото-студиото „Искуство“ на фотографот Благој Стојчевски, на бул. „1 мај“. Мајсторскиот испит го положил во Охрид. Локацијата на неговото студио била во централното градско подрачје и три пати се менувала во текот на периодот 1961-1997, а последната локација била во реонот познат како „Дрвен пазар“. Интересен факт, особено важен за културолошките и мултиетничките аспекти на ова наследство е што Фејзула бил единствен фотограф од исламската заедница во Битола. Неговото фото-студио било за портрет фотографија; изработка на гимназиски матурски таблоа, а се занимавал и со рана монтажа, како и репродукција на стари фотографии – пејзажи и панорами на градот Битола и поважни културни објекти; најголем дел од фотографиите биле во црно-бела техника.

Од Државен Архив Одделение Битола изразуваат особена благодарност до семејството Фејзула за нивната иницијатива проследена со историска и архивска свест за важноста на зачувувањето на материјалите важни за современата историја на Битола, фотографскиот еснаф и занаетчискиот живот во градот. Нека оваа иницијатива биде поттик со сите граѓани за зголемување на соработката помеѓу приватните иматели и нашата институција во однос на предавање на архивски материјал од историско и културно значење.