Синоќа, неколку часови пред концертот, имав шанса да го модерирам разговорот, со тројцата членови на оваа неверојатна музичка појава која датира од 80-тите години на 20 век и која дефинитивно и трајно го преобликува разбирањето на уметноста, културата и активизмот на многу генерации. Мојата улога тука, ја гледам и низ призмата на таа прва генерација навлечена на лајбаховото име, за кои симболите и настапите беа провокација која ја интригираше публиката низ осмислени перформанси и ангажирана музика која кажуваше отворено став кон тогашниот свет…а тогаш тоа беше скоро невозможно заради цензурата која царуваше во таа наша бивша татковина.

Па така, кога јас бев средношколка, нивните настапи беа забранувани во Југославија, се сеќавам на броеви на тогаш, за мене многу саканиот словенечки магазин Младина за кој баравме луѓе да ни го купуваат и праќаат од Белград, Загреб или Љубљана. А беше забрануван зошто на насловните страници ги имаше Laibach, а внатре се пишуваше долго и широко за нив. Тие забрани тука, на овие простори им направија услуга да се пробијат низ Европа и да стекнат планетарна популарност.

Изминуваат повеќе од 4 децении. Историјата за нив бележи неверојатна трансформација.

А вчера, Битола се приклучи на престижната листа на европски градови кои ја красат нивната провокативна турнеја •Love is still alive•.

Центарот за култура и Фестивалот на музика од светот не беа само домаќини на еден концерт, туку станаа дел од едно значајно музичко патување кое ги надминува конвенционалните граници на уметноста.
Синоќа имавме интригантен разговор со еден од највлијателните и најзагадочни бендови на нашето време – LAIBACH. Со Ivan “Jani” Novak – лидер на бендот и еден од основачите, со гитаристот Vitja Balžalorsky и со Marina Mårtensson – која е вокал и свири акустична гитара на новиот албум.

За оние што не знаат, LAIBACH е старото име за Љубљана кое се користело за време на Хабсбуршката монархија и кога Југославија се наоѓала под фашистичка окупација во Втората светска војна.
Ако LAIBACH беа од Битола, веројатно ќе се викаа ОБИТЕЛ. Ова им го кажав вчера на средбата и многу им се допадна името Обител.

Но, бендот не е формиран во Љубљана туку во Трбовље, мал рударски град во Словенија во 1980 година.
И Битола е рударски град, го имаме површинскиот коп на РЕК.
Но, има уште еден синхронизитет за Битола и за Лајбах, за Битола и Словенија.
Зградата под името Дом на култура, во која сега се Центарот за култура и Народниот театар, е изградена во 1980 година, токму кога започна приказната на LAIBACH. Автори на проектот се Словенецот Марко Мушиќ и Македонецот Александар Смилевски, а ентериерот го работеше Љубица Никољска. Се градел 4 години од 1976 до 1980, а средствата биле обезбедени од самопридонес.
Така што нивниот концерт во Битола е во сала која на интересен начин е поврзана со годината на нивното формирање и со архитектонски прст на еден голем словенечки архитект.
Мене нашата сала, премногу ме потсетува на салата од нивниот концерт во Северна Кореја, за што се сложија и тие вчера, само што рекоа дека таа била поголема.

Кога се подготвував за оваа средба со нив, го разгледував нивниот сајт и таму посетителите можат да постават кратки прашања, а најкреативните се наградени од LAIBACH со одговори.
Па така извесен „Ритам„ од Бугарија праша:
„Што е LAIBACH?„, а одговорот гласеше: „Сѐ што Вие сакате да бидеме„.

Шансата да добиете интервју од LAIBACH е мала, се чека и до една година. Па така вчерашната средба со нив беше привилегија.

Зборуваа за многу нешта…се отворија многу прашања, ќе се обидам да ги истакнам некои од нив.

▪️ Се зборуваше на војната, зошто објавата на видео спотот “War” неодамна коинцидираше со ескалацијата на вечните судири на Блискиот исток. LAIBACH повторно делува пророчки со прст на пулсот на човештвото.
И колку е војната за тој дел од светот или насекаде каде што се повторуваат судирите е природна состојба?
За мирот како повремен интервал меѓу војните од создавањето на првите организирани држави пред 5000 години, па до денес.

▪️За најновиот проект “Alamut” кој се бави со идеите на радикалниот политички и религијски нихилизам и кој требаше да биде изведен во Иран, но се случи Ковид, па дојде нова власт која не е толку либерална, но LAIBACH не се откажува. Композиторите во овој проект се од Иран, проектот е направен со Словенечката филхармонија со која диригира ирански диригент.

▪️ За тоа, како LIABACH како формација се менува и како во неа влегуваат врвни музичари кои имаат силна индивидуалност и им се остава бескрајна слобода на креирање.

▪️ Се зборуваше за консеквентноста на нивното делување и музички и визуелно, нешто што создава естаблишмент во облекување и филозофија на живот.

▪️ Се зборуваше за иднината, која не ни носи ништо освен утрешното минато.

▪️ Се зборуваше и за љубовта, која е главна тема на последниот албум во која иако апокалиптичната визија за планетата и распадот, како што вели и Leonard Cohen во песната The Future, која LAIBACH ја обработува и станува темел за нивната композиција The Engine of Survival, дека љубовта и убавината можат да го спасат светот.

– Велите дека љубовта е сè уште жива, но ја барате во вселената, патувајќи со ракета. Зошто? Дали љубовта ја напушти нашата планета?
LAIBACH: Љубовта сè уште не ја напуштила нашата планета, но може наскоро ако не бидеме малку попаметни. Додуша, интелигенцијата не помага многу во љубовта и не можеме секогаш да се оправдуваме со сопствената глупост. Љубовта е, едноставно, најмоќната и најразорна сила во универзумот. Тоа е смртоносно оружје кое може или да не уништи или да не облагороди. Затоа, мора да се постапува внимателно и со ракавици

– Со други зборови, дали навистина Love is still alive важи според вас, како што кажува и насловот на водечката песна од албумот.
LIABACH: Конечниот одговор на тоа прашање можеби ќе треба да почека до нашиот следен албум.

– Последниот концерт од европската турнеја е закажан во селото Мокрин, на српско-романската граница на дата која е поврзана со Денот на Републиката (YU). Зошто? Дали ви недостига Југославија или нешто „југословенско“?
LAIBACH: Ни недостигаат многу работи, вклучително и нешто „југословенско“, зошто да не? Југославија отсекогаш била добар полигон за нас и никогаш не сме негувале омраза кон неа.

Бидејќи кај нив ништо не е случајно, за крај прашав: Зошто го избравте Мокрин како локација за концерт во Србија, односно за крајот на турнејата Love Is Still Alive?
LAIBACH: Слушнавме дека иднината се создава во Мокрин и сакаме да бидеме дел од неа.

фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски

Центар за култура Битола