Еден од многуте кои напишаа препорака за нашиот хроничар, новинар и фоторепортер Петар Ставрев да добие 4-то ноемвриска награда е познатиот битолски писател, професор, д-р и академик Владимир Костов каде тој дава образложение зошто баш гореспоменатиот треба да биде добитникот. Воодушевени од неговите зборови во целост Ви ја пренесуваме неговата препорака:

„Во инпровизиран разговор со пријатели во кафеански амбиент се наметна прашањето за можните добитници на годинашнава ЧЕТВРТО НОЕМВРИСКА награда која традиционално на свечен начин се доделуваше фашистичка по повод ослободувањето на градот од четиригодишната окупација. Мислењата на учесниците во разговорот беа различни, па се очекуваше зашвршниот збор околу тоа прашање да ми се додели мене какo на трократен добитник на таа награда.
Што се однесува до мене, јас немав дилеми околу прашањето за овогодишниот добитник. Но, без да го спомнам неговото име, зборував за неговото дело, уверен дека моите соговорници ќе се досетат за која личност станува збор. Во прашање беше областа на културата, поконкретно фотографската уметност.
За инпровизираниот разговор да добие аргументирана вредност, беше искористена публикацијата “НАЈПОЗНАТИ ЛИЧНОСТИ ВО ИСТОРИЈАТА НА БИТОЛА”. На страниците од таа публикација по азбучен ред се редеа имињата на тие личности заедно со нивната фотографија. Меѓу нив не го сретнав името на личноста за која сметав дека безрезервно треба да си го најде своето место во плејадата на заслужените граѓани. Впрочем, фотографската активност повеќе се сметаше за занаетчиска дејност отколку за уметност.

Но кога пред колегите во разговорот презентирав фотографии на кои беше претставен мојот портрет реализиран преку фотографскиот апарат на Петар Ставрев, пред очите на присутните се појави тој во својата природна подобија со неговиот фотографски апарат, обесен околу неговиот врат, со крупен чекор завјасан кон некој настан што во моментот се случуваше. Немаше настан, особено од областа на културата, кој тој не го фиксирал со својот апарат. Немаше промоција на мое книжевно дело која не беше засведочена со негови фотографски снимки. Располага со целе колекција на такви снимки во средиштето на кои посебно беше фиксиран академикот Георги Старделов кој обично ги промовираше моите книги. Така сугестивно беше предаден неговиот настап што, често имајќи ги во разглед тие фотографии, во мојата меморија ќе ги обновев неговите настапи во детали преку кои беше фиксиран и неговиот глас.

Иако сега покоен, преку фотографиите во кои беше фиксиран тој делуваше со сиот свој животен елан. Обично и фотографски претставени, и историски личности се наметнуваат како сенки . Ако се претставени преку филмска камера – па макар таа да е “Камерата 300” на Милтон
Манаки, делуваат како раздвижени сенки небаре во “Караѓос”.

Но во фотографиите на Петар Ставрев, актерите што ги претставуваат се живи фигури. Како го постигнува тоа чудо Петар Ставрев, е тајна која се граничи со окултна сензација. За тоа не решава техничката околност со која се направени неговите фотографии суфистицарноста на апаратот што го користи и со примена на своевидни хемикалии, туку од битно значење е начинот на кој тој му приоѓа на објектот што е предмет на неговиот авторски интерес. Кога станува збор за портрет, тој потсетува на шпанскиот сликар Гоја, забележан во историјата на ликовната уметност со неговата изјава, според која, пред да наметне ја портретира некоја личност, прво тој ја убива – што ќе рече, ја лишува не од нејзиниот живот, туку од нејзината суета да се претстави пред сликарот во поза со која ќе остави печат на својата епоха. Обезживотен, ставен на неговиот штафелај, небаре распнат на крст, портретувајќи го, го ожувувал, односно го воскреснувал. Со такво својство фотографиран, и во мојата одмината возраст, на фотографиите на кои Петар Ставрев не претставил, се доживувам како од времето на мојата младост.

Со такво чувство го направив овој запис.

Со такво чувство го потпишувам овој запис со кој го предлагам фотографот Петар Ставрев, кој фотографската дејност ја подигна на степен на висока уметност; со такво чувство, повторувам, го предлагам Патар Ставрев за високопрестижната награда “Четврти Ноември” за животно дело.

Проф., д-р, академик Владимир Костов

П.С.
Некој од кафеанското друштво промрмори: Са сите титули како ѕвонци и клопотарци на бабари во еуфоричен транс! На тој негов пијан мрмор се одзви еден трезен колега кој јасно и трезен гласно рече: Синдромот на самопотценување, својствен за менталитетот на нашите луѓе е филоксера која го поништува плоднородието и й дава простор на плебелот да буи! Но составот на друштвото, кое распрзваше за можните кандидати за “Четвртоноемвриската награда”, во врска со предлогот таа заслужено да му припадне на Петар Ставрев, беше едногласен во конечната одлука, согласно народната песна: “Еден ми е бимбиљ што ми рано пее, рано на сабајле!” “

Оваа 2022 г. на предлог на Државен Архив Одделение Битола заедно со препораки од академици, професори, доктори на науки, познати и признати научни работници, поранешни добитници на 4-то ноемвриската награда, новинари, познати битолчани и еснаф луѓе безрезервно застанаа зад нивниот предлог битолскиот хроничар, фотограф и новинар Петар Ставрев да ја добие наградата за животно дело по повод 4-ти Ноември, денот на ослободувањето на Битола, која му беше доделена од страна на девет члена комисија составена од советници во Општина Битола.