Првото грчко училиште во Битола било основано во 1830 година од Деметриос Варнавас. Во 1869 година во градот веќе имало 7 грчки училишта со 1 080 ученици, а во 1883 година работеле 11 грчки училишта, посетувани од 1 691 ученици. Бројот на овие училишта бил во постојан раст, за во последната година од османлиската власт во Битола да бидат забележани дури 17 грчки училишта, со 55 учители и над 2 500 ученици. Грчката машка гимназија во Битола (1884/85 – 1911/12) била наследник на грчката полугимназија основана во 1838 година. Како по правило, во трудовите што се занимаваат со историјатот на грчката битолска гимназија, и воопшто со грчките училишта во Битола, се потенцира дека сите овие училишта биле основани од самите битолчани. Наводно, средствата за изградба на училиштата, платите за учителите и материјалните потреби на пансионите биле обезбедени и регулирани од фондот на локалната патријаршиска општина, и од оставината на богати битолчани во Египет, Романија, Грција, Русија и Цариград. Така, Антонис Колцидас истакнува дека првенците на локалната патријаршиска општина давале 500 турски лири годишно за одржување на училиштата, за плати за учителите и за храна и сместување на сиромашните ученици. Притоа, најголем дел од грчките училишта во градот биле основани и финансирани од битолски печалбари. Според Колцидас, битолската грчка гимназија била отворена и целосно финансирана од баронот Никола Думба од Виена.

Намерата на грчките автори е да се истакне „фактот“ дека за
разлика од останатите христијански училишта, кои биле финансирани од односните министерства за надворешни работи, грчкото образование во Битола и Македонија било плод на желбата на локалното население да се образува на грчки јазик. Сепак, само неколку реда подолу Колцидас се демантира себеси, бидејќи признава дека: „Активниот интерес на Пелагониската митрополија во образовните работи на грчката заедница во Битола и околината, канализирана преку личните интервенции на митрополитите… најде конкретен одраз во основањето и одржувањето на училишта и пансиони, назначувањето на учители, инспекцијата на работата во училиштата, распределувањето на финансиската помош за сиромашните деца, дистрибуцијата на бесплатни книги и т.н… Овој интерес беше витален и постојан, бидејќи митрополитот секогаш беше присутен на состаноците на училишниот одбор и ги потпишуваше училишните документи“. Во слична стапица, која што самиот си ја поставува, влегува и Пантелис Цалис. Откако најпрво со гордост истакнува дека битолските „Грци“ сами ги основале и финансирале своите училишта, на друго место Цалис вели:

„Преку (интервенцијата) на грчкиот конзул Георгиос Докос… средствата во нашата општинска каса значително се зголемија, од една страна преку дарежливиот годишен грант од Друштвото за распространување на грчка писменост во Атина, а од друга страна, преку субвенции давани од грчкото Министерство за надворешни работи“. Можеме да прифатиме дека богатите битолски патријаршисти не штеделе средства за изградба на грчки училишта и нивно финансирање, меѓутоа, од изјавите на Колцидас и Цалис станува јасно дека главни финансиери на грчкото образование во Битола, вклучително и на грчката машка гимназија, биле Министерството за надворешни работи во Атина и Цариградската Патријаршија.

Наставата во битолската грчка гимназија годишно ја посетува-
ле околу 200 ученици. Последниот клас претставувал еден вид педагошко одделение, во кое секоја година матурирале по 35-40 ученици, кои веднаш биле „праќани ваму или таму низ регионот, за да учителствуваат во разни градови и села. Најголемиот број ученици биле од Битола, а останатите доаѓале од битолските села Магарево, Трново, Нижополе, Гопеш и Маловишта, од градовите Крушево, Ресен, Корча, Охрид, Невеска и Клисура, и од селата Белкамен, Псодери, Горна Белица и Јанковец. Како што може да се забележи, учениците доаѓале од исклучиво или мнозински влашки населби, или од градови во кои што живеело бројно влашко население. Всушност, горенаведените топоними ја претставувале северозападната граница на грчките територијални претензии кон Македонија, а грцизмот во овој регион бил во најголема мерка претставен од Власите. Но појавата на романската пропаганда и, пред сè, отворањето на романскиот лицеј во Битола во 1880 година, создале поделби меѓу влашкото население, кое повеќе не било толку силно приврзано до грцизмот. Затоа не треба да изненадува тоа што во 1884 година грчката битолска прогимназија прераснала во полна гимназија, и што во наредниот период била сметана за најважната, или една од најважните и најдобрите грчки гимназии од Драч до Трабзон.

Наставата во гимназијата се изведувала на грчки јазик. Покрај старогрчкиот и модерниот грчки јазик, се предавале старогрчка литература, латински јазик и книжевност, веронаука, математика, физика, ботаника, зоологија, историја, филозофија, географија и гимнастика. Една од карактеристиките на грчката битолска гимназија бил квалитетниот наставнички кадар.

Во целиот тек на постоењето на гимназијата во неа предавале само 36 професори, кои биле мошне внимателно одбрани. Речиси сите гимназиски професори имале високо образование, стекнато во Атина и Западна Европа. Добар дел од овие наставници имале завршени последипломски студии, а неколку од нив биле доктори на науки. Најголем број од наставниците биле од Битола и битолските села Трново и Магарево, а останатите биле од други места во Македонија. Битолската гимназија била признаена од владата во Атина и од Атинскиот универзитет, што им овозможувало на матурираните гимназијалци да се запишат на грчките факултети без обврска да полагаат приемен испит. Она што изненадува, и покрај очигледно квалитетниот наставнички кадар, е дека завршените средношколци од грчката битолска гимназија имале право да се запишат на неколку европски универзитети, вклучително и универзитетот во Париз, без притоа да треба да положат приемен испит. Иако сите ученици во гимназијата биле Власи, Македонци или православни Албанци од Битола и регионот, а наставниците биле претежно Власи од Битола и битолските села, директорскиот кадар бил разнолик. Само двајца од осумте директори биле битолски Власи, додека останатите шестмина биле Грци од јужна Македонија, Епир и Атика.

Извадок од „Гимназиите во османлиска Македонија“ на Никола Минов