Зошто се одлучивте баш за оваа професија физиотерапевт ?

За струката физиотерапевт се одлучив бидејќи сметав дека е професија која може да придонесе многу во лекувањето кај луѓето, да направи многу луѓе пред се среќни , но и да им ја врати повторно насмевката која поради болеста ја заборавиле.
Физиотерапевтската работа во медицината денес е работа која е доста ценета и почитувана.

Како би го опишале она што го работите со само една реченица?

Креатор на здравје, среќни пациенти и успешна работа кај 90% од работата.

Како изгледа една Ваша обична работна недела?

Предизвикот да се работи со пациенти,а во исто време и да се водат многу успешни обврски навистина е голем.
Сите овие обврски по ред ми ја прават секоја работна недела посебна и исполнета со обврски од рано наутро. Тоа подразбира редовна работа со пациенти, состаноци, контакти со соработници, континуирана едукација со колеги и колешки и секако многу подготовки за нови и нови настани во работата.

Финалниот резултат и искрената насмевка на пациентите по завршениот третман се моја најголема награда повеќе од 13 години во физикалната терапија.

Што не Ви се допаѓа?

Не ми се допаѓаат нереалните желби, лажни луѓе со две лица и луѓе што постојано се занимаваат со негативни работи.

Кој е Вашиот најголем предизвик?

Најголема желба ми е што повеќе и постојано да се нудат најновите современи светски техники во медицинската физиотерапија. Исто така ме прави многу среќен и исполнет континуираната едукација во земјава и странство но истовремено и мојот најголем предизвик во работата.

Што Ве исполнува?

Работата, убавите дружби во кафана со моето прекрасно друштво на пријатели, роднини, колеги, колешки и спортот преку кој ја добивам најголемата релаксација на моето психичко и физичко здравје.

Каков совет би им дале на оние кои размислуваат за насочување кон оваа професија?

Да веруваат во себе, максимално да се посветат на науката и континуирана надоградба на знаење и вештини, тоа води сигурно кон голем успех, а за успех потребно е да бидат само чесни, искрени, отворени и оригинални во работата кон пациентите.

Кои се главните бенефити поврзани со Вашата работа?

Работата со луѓе, решавањето на нивните проблеми поврзани со
здравјето, трансформацијата на насмевката која на моите пациенти им го менува животот, е она што ме исполнува и мотивира за уште поголеми достигнувања во мојата струка. Преубаво е чувството некој да го направиш среќен, а среќникот да ти возврати со некој убав благослов за овозможената среќа.

Колку слободно време имате?

За добра организација имам време за се, само не и за себе ха ха ха … Се шегувам, секако за се треба само добра организација и секако време ќе има за се.

Која е најголемата предрасуда што луѓето ја имаат за Вашата работа?

Стравот од болка, кој најчесто го имаат пациентите, а кога тој страв ќе го оправдам тогаш тој страв станува нивно минато.

Кои се Вашите цели и соништа за иднината?

Желбите и соништа ми се доста големи. Да се овозможи побрз развој на лекувањето кај пациентите, посовремена физикална терапија и секако многу многу успеси во самата работа, но да имаме и доста задоволни пациенти од имплементирањето и посветувањето на работата.

Со оглед на тоа дека Ве има по скоро сите медиуми, портали и весници дали се сметате за јавна личност ?

Не, само сум човек посветен на работата и некој кој сака да си го искажи она што го познава од својата бранша , а секако тоа да е во интерес за здравјето на пациентите преку теми, совети и консултации.