Пребарувајќи низ богатиот фотографски фонд на Браќата Манаки наидовме на една фотографиија која разгори во нас љубопитност, возбуда, но и збунетост. На фотографијата се гледаат воени лица кои позираат на нешто што изгледа како промоција на книга или списание. На масата врз која се поставени списанијата јасно може да се забележи списанието „Нов Ден“ кое излегувало во периодот од 1945 до 1950 година. Уредници на списанието биле Блаже Конески, Владо Малески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Киро Хаџи Василев, Димитар Митрев, Коле Чашуле и други.
Прашањето кое се наметна беше дали познатиот лик на средината на фотографијата е токму оној на Ацо Шопов во улога на промотор на книгите. Имајќи во предвид дека физиономијата и годините се совпаѓаат, индициите се дека веројатноста е голема. Денес кога ја славиме 100 годишнината од раѓањето на големиот Шопов решивме да ја споделиме оваа фотографија, без опис, од нашата колекција за која иако немаме дефинитивен одговор сметаме дека наметнува суштински прашања околу фотографиите од фондот „Браќа Манаки“, нивната истраженост и потенцијалот кој го поседуваат за историјата, а посебно за историјата на повоена Македонија.