Kаде и да заврши мојот живот, срцето секогаш ќе ми остане во Битола, со многу емоции вели Ајри Демировски, авторот на антологиските песни „Битола мој роден крај“, „За кого ти цути, Дано, лицето“, „Мариче, бре лично девојче“, „Болен лежи млад Стојан“, „Доста, доста, лично бре Стојне“ и други.

По долгогодишен престој во Турција се вративте во родниот град Битола, на кој му ги посветивте најубавите песни од Вашето творештво. Какво е чувството додека газите низ сокаците каде што го поминавте детството?

– Битолскиот воздух и топлината на сограѓаните ми ја растопија душата. И стари и млади ме застануваат на улица, ме прегрнуваат, ми заблагодаруваат… Јас им ја враќам благодарноста зашто тие ги пораснаа моите песни. Во Турција многу ми недостига Битола. Таму живеам 45 години и сè уште творам за родниот град. Битола по големина не е ни нокот од Истанбул, но тука ми е душата. Дојдов по покана на „Битолски весник“ за да учествувам на манифестацијата „Избираме најуспешен битолчанец“, на која добив плакета за личност на 2007 година.

Каде ги направивте вашите први музички чекори?

– Во Радио Битола во 1949 година имаше аудиција за млади пејачи. Другарите, кои знаеја како пеам, ме поттикнаа да одам. Во тоа време одлучуваше музичкиот директор Васил Хаџиманов. Кога дојдоа моите пет минути, ме праша како се викам, а кога му одговорив ми рече: „Не бараме турски, туку македонски песни, ама ајде запеј“… Имаше право, зашто во тоа време Турците штом ќе зборнеа македонски се препознаваа. Но, јас болен бев по јазици и македонскиот го зборував чисто, а особено го бендисував битолскиот дијалект. Штом почнав да пеам техничарите во студиото ми аплаудираа, а откако ја испеав само првата строфа Хаџиманов го запре оркестарот. „А бе, момче, јас се извинувам“, ми рече и ме бакна в чело.

Компониравте едни од најопеаните македонски народни песни со што докажавте дека на тој што музиката му се раѓа во душата не му се потребни ноти.

– Пеев староградски песни со чалгии, во живо од Радио Битола. Ми се случуваше преку ноќ да компонирам песни. Но, кога се јавив во редакцијата да кажам дека ќе пеам своја песна, сите се потсмевнаа зашто јас до ден-денес не знам ноти. Немам музичка школа. Тогаш ја напишав песната „Сношти те, Маре, сонував, на сон те, Маре, бакнував“, половина на македонски, половина на турски. Но, морав да бидам ага со лага, па им велев тетка Маре од Буково ми ја даде, па чичко Борис од Новаци итн. Признав дека јас сум авторот на песните откако првпат ја испеав „Битола мој роден крај“. Во времето кога Ацо Станковиќ беше директор на радиото беше толку голем другар што морав да му признаам. Нему прв му ја испеав „Битола мој роден крај“. Беше одушевен и одлучи да ја испеам на еден концерт пред театарот, на еден државен празник. Ете, тогаш првпат битолчани го слушнаа тој рефрен. Публиката аплаудираше од на нога.

Како се роди најопеаната песна за Битола?

– Прво ја напишав во душата, но немав каде да ја пеам зашто сè уште ја работев како музичар. Можам да кажам дека многу градови прошетав низ цела поранешна Југославија, но таков крај не видов. Ја напишав додека учев графичка школа во Загреб. Подоцна и градскиот саат одѕвонуваше во нејзин ритам. Додека бев во Турција еден скопјанец се обиде да ја присвои. Тој тврдеше дека е негова, а за да не забрани да се пее, бараше стан во една од поубавите битолски населби. Благодарение на мојот пријател, професор Александар Стериовски, кој го тужеше измамникот, е зачувана како мој труд. Но, денес на битолчани им забележувам што кога ја пеат ги кратат двата последни стиха, најубавите: „Како дете одев по тебе и бос, а денес не сум ти ни гост“. Тоа е најчувствителниот дел зашто го опишува моето детство, кое го поминав тука.

Дали личните битолски моми, кои ги споменувате во песните, реално постоеле?

– Сите мои песни беа инспирирани од животни приказни за Битола. Во дуќан под Камен мост, кај куќата на браќата Манаки, кои ми беа блиски пријатели, со кои јадев и пиев, работев како бербер. Таму си заљубив едно девојче, Стојна се викаше. И таа беше сираче, како мене, беше слугинка во чикмакот. Се сакавме многу, но бидејќи двајцата бевме сиромашни, не бидна работата. Но, остана песната.

(Жанета Здравковска, објавено во „Дневник“, бр. 3620 од 17.III.2008)

Музички регистар