Македонскиот претставник во осминафиналето на Челинџ Купот, битолски Еурофарм Работник веќе три недели се подготвува за саботниот дуел со Филинген Берген од Норвешка. Темелковски на располагање ги има сите ракометари, Горан Крстевски ги залечи повредите и ќе недостига единствено долго повредениот Чаневски.
На денешената прес-конференција тренерот Темелковски го најави дуелот в сабота од 19.00 часот во спортската сала „Младост“ во Битола.
„Со оглед на ситуацијата која ја налагаат Европските купови, моравме да започнеме порано. Скоро еден месец работиме, акцентот го фрливме на Филинген Берген. Драго ми е што Еурофарм избори место во пролетниот дел на Челинџ Купот и тоа само по себе е одличен резултат. Берген е типичен скандинавски претставник, многу трчаат, не размислуваат многу за тактика, но се работи за пристојна екипа. Се обидуваме да ги воочиме нивните добри и лоши страни. Што повеќе можеме треба да играме позициона игра со нив. Не треба да дозволиме да и наметнат игра како што ним им одговара. Недостаток ни е што немавме многу тренинг натпревари, па сакам да им се заблагодарам на челниците на Пелистер, кои ни излегоа во пресрет и одигравме два контролни натпревари. Го гледавме Филинген Берген на видео снимка на два натпревари и знаеме против кој играме. Ја повикувам ракометна Битола да ни помигне и да ни даде поддршка в сабота“, истакна Темелковски.
Норвежани в петок доаѓаат во Битола, ќе тренираат в сабота наутро, а потоа за првпат во историјата ќе се соочат со еден македонски клуб во европските Купови.
Извор Гол.мк