Кликнете на банерот за инфо

Интервју со Тамара Стојковска, битолчанката која од срце и на извонреден начин ја препеја легендарната “Ако одам во Битола”. Родена на 18 август 1996 година во Битола. Средно училиште заврши на Државното музичко училиште во Битола и сега е трета година на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде студира музичка теорија и педагогија, но исто така се занимава и со пеење и глума.

Здраво Тамара. Колку време се занимавате со музика и како се пројави интересот околу ова што го правите?
Здраво Бабам Битола и почитувани читатели на вашиот блог. Официјално мојот прв настап на музичката сцена го имав во 2004 година на Детскиот музички фестивал Тра-ла-ла, па според тоа одговорот би бил дека се занимавам 14 години, но сепак интересот за музиката бил впечатлив уште од најрана возраст. Уште од мала моите родители не дозволуваа да пропуштам некој детски музички фестивал или детска театарска претстава, и секој пат кога со восхит ги гледав изведувачите како настапуваат знаев дека сакам да сум од таа страна на сцената.

Тамара на Тра-ла-ла

Дали освен пеење имате искуство и со свирење на некаков инструмент?
Да, кога бев во основно музичко училиште свирев виолина, а сега свирам пијано.

Бидејки често настапувате по кафулињата какво е чувството и рецепцијата на публиката?
Чувството не се опишува со зборови. Било која работа што се работи со љубов не прави да се чувствуваме возвишено, а со оглед на тоа што не го доживувам како работа туку како среќна можност да го правам тоа што го сакам, чувството е неописливо. Јас сум дел од бендот ,,Страна Б’’ и многу сум среќна и задоволна од рецепцијата на публиката, и тоа ме мотивира да продолжам да го правам ова. Публиката е неизоставен дел во оваа професија и многу сум среќна кога успевам преку песна да ја пренесам пораката што сакам, кога ќе се направи позитивна атмосфера и кога сите комуницираме на ист јазик што навистина има моќ да создаде незаборавни моменти.

Со кого од македонската музичка сцена би сакала да направите заедничка песна?
Ги следам и ја почитувам работата на сите, и секоја соработка особено со искусни и реномирани музичари би била од огромно значење за мене. Би сакала со повеќе изведувачи од македонската музичка сцена, а исто така би сакала да соработувам со Биг-бендот на Здружението на џез музичари на Македонија.

Кои музичари и музички жанрови од светската сцена би ги издвоила како најсродни кон вашата харизма и темперамент?
Дефинитивно Joss Stone. Иако не можам да издвојам еден омилен музичар бидејќи секој е посебен на свој начин, најповеќе соживувам со музиката, енергијата и темпераментот на Joss Stone. Луѓето често ме споредуваат со други имиња поради емоцијата или енергијата, и тоа го сфаќам како комплимент, но сепак најсреќна сум кога сум своја, бидејќи во музиката има простор за секој да се изразува на свој начин. Музички жанр не би можела да издвојам, бидејќи слушам се што мислам дека е добро. Најчесто тоа е rock и soul музика, но во глобала слушам скоро се.

Дали имате ваша авторска песна или можеби поголеми размислувања за создавање албум?
Сеуште немам авторска песна, но моментално размислувам и почнувам да работам на реализација на таа идеја, па повеќе околу тоа ќе имам да кажам во следна прилика.

Освен што се занимаваш со пеење и си студентка при Факултетот за музичка уметност во Скопје, што друго ти го привлекува вниманието, што би сакала да постигнеш во животот? Кои се твоите животни соништа?
Да, како што кажав погоре, сум трета година на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Животот е прекрасен кога се занимавам со уметност и кога сум опкружена со уметност, па се надевам дека така ќе биде секогаш. Сакам да имам моќ да допрам до луѓето преку мојата музика. Гледајќи по мене какво влијание имаат некои песни, токму тоа е мој животен сон – да пеам за подобар и посреќен свет.

Дали имате хоби?
Да, дел сум од театарот Дел Арте во Битола. Правиме комедии и детски театарски престави. Музиката и театарот се тесно поврзани, па не само што можам да се занимавам со театар покрај музиката, туку можам и да ги сплотам во едно.

Исто така дел сум од професионалниот мешан хор ,,Про Арс‘‘ и ,,Женскиот младински хор при МКЦ‘‘ под диригентство на Сашо Татарчевски.

Често настапуваме на домашната сцена, но и ја претставуваме нашата работа и надвор од границите.

На извонреден ја препејавте антологиската “Ако одам во Битола”…

…Како беше чувството и каква е поврзаноста и љубовта кон Битола и битолчани?
Поврзаноста и љубовта се од самото тоа што сум од Битола. Се дефинирам себеси како многу љубопитна личност, па кога патувам сакам да научам за традицијата на земјата во која сум. Потоа ми е гордост да кажам од каде потекнувам јас и да ја опишам нашата култура и музика. Идејата за преработка на ,,Ако одам во Битола’’ потекна од желбата да дадеме свој печат, заедно со Давор Неќак, кој го направи аранжманот. Таа е една од најопејуваните песни, па реализацијата на нашата идеја мислам дека ја доближува песната особено до помладата публика, во едно поинакво светло.

Колку влијае подршката на твојата фамилија кон сето ова што го правиш и ако можи еден од нив да издвоиме како “нај нај”?

Поддршката можам да кажам дека е клучна работа во се што правам. Јас имам среќа да ја имам несебично од моето семејство, а и од моите пријатели. Тие се тука и за да се радуваме заедно на успесите, и да ми дадат сила кога ми е најпотребно. Не би можела да издвојам еден, бидејќи сите се тука за мене на свој начин и се надевам дека ќе се гордеат со мене како што јас се гордеам што ги имам нив.

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here